СДММ учествуваше во првиот Балкански социјалдемократски камп во Албанија

четврток, 19 септември 2013, 17:28

Во периодот од 10 до 15 Септември СДММ учествуваше на првиот балкански младински социјалдемократски камп  кој се одржа во Воскопоја, Албанија  на тема „Социјалдемократските Перспективи: Младите социјалдемократи во југоисточна Европа“. Во рамките на овој камп земаа учество 60 претставници од подмладоците на социјалдемократските партии на Балканот (Македонија СДММ и ДУИ, Грција - ПАСОК, Албанија - СП, Косово - ДПК, Србија - СПС и Црна Гора - ДПС). Организацијата на овој камп беше реализирана од страна на канцеларијата на Friedrich Ebert Foundation, Албанија.

На самиот почеток од кампот учесниците ги претставуваа партиите од кои доаѓаат при што дискутираа за перспективите на своите држави. Потоа следуваа предавања за социјалдемократијата каде учесниците разменуваа искуства од своите држави поврзани со начинот на имплементација на социјалдемократските вредности во општеството и во политиката.

Една од главните теми за кои се дискутираше беше инволвираноста на младите социјалдемократи во функционирањето на општините во кои живеат. Потоа се разгледуваа програмите кои ЕУ ги нуди за младите од што произлезе работа во групи (во мешан состав) кои испратија писма до ЕУ со предлози за тоа што може ЕУ да направи за младите од југоисточна Европа.

Учесниците ги посетија околните градови Поградец и Корча. Во Корча тие се сретнаа со градоначалникот на овој град, по што следуваше прошетка и разгледување на градот и запознавање со активностите кои општината ги превзема за младите. Во Поградец, младите го посетија универзитетот Нехемија и училиштето за роми Амаро Тан.

Покрај активностите предвидени во агендата, младите социјалдемократи од југоисточна Европа во своето слободно време разменуваа искуства од своите ангажмани во своите држави, споделуваа различни размислувања и аргументи со што докажаа дека сепак како млади социјалдемократи, покрај политичките билатерални проблеми на нивните држави истите имаат многу повеќе заеднички работи кои ги сплотуваат.