На ден 05.04.2012 година, четврток, Локалниот клуб на СДММ Штип реализираше пародија наречена „Сувенирница на ДПМНЕ“. Младите социјалдемократи од Штип ја иронизираа реалноста преку претставување на „сувенирите“ автентични за тригодишното владеење на ВМРО ДПМНЕ во Општина Штип.
Сувенирите од владеењето на ДПМНЕ кои беа претставени во оваа пародија се состоеја од 300% поскапиот данок на имот, за 40% поскапата вода за пиење, скршените бандажи на возилата, кои граѓаните ги добија како сувенир од дупките кои ги има на секој чекор на улиците. Дополнително, калливите тротоари и патеки со слабо улично осветлување создадоа потреба за два сувенири кои ги вратија штипјани педесетина години во минатото: гумени чизми и електрични ламби.
Во сувенирницата на ДПМНЕ има од сѐ по нешто, а неизоставни се главните обележја на владеењето на ДПМНЕ овие три години: кеси полни со ветер и магла, кои локалните функционери од владејачката партија секојдневно ги сеат низ градот.
Пародијата беше проследена и со делење летоци, во кои младите социјалдемократи ги запознаваа своите сограѓани со сите неуспеси на локалната власт.