Интервју со Сашко Петров - Претседател на ЛК СДММ

среда, 28 март 2012, 16:12

Мојот Град: Како би се опишал себеси ?
Сашко:  Бунтовен , решителен и праведен.

Мојот Град: Што беше одлучувачко за да запливате во водите на политиката и зошто баш СДСМ?
Сашко: Моментот кога видов колку е тешко ( т.е колку е часот ) да се живее во ова општество , поточно денес сите ние не живееме туку преживуваме. На еден состанок со младите еден наш член даде предлог Survivor емисијата на Сител телевизија да се одигра наредна сезона во Македонија а не во џунглата, зашто денеска да преживееш во Македонија е многу потешко отколку во џунглата. Се решив да се занимавам се со цел да придонесам во подобрување на општествениот живот. А СДСМ ја одбрав поради идеолошките принципи и водење на подобра општествена политика.
 
Мојот Град: Вие сте Претседател на СДММ во Кавадарци, колкава е одговорноста што оваа функција ја бара од вас ?
Сашко: Да јас сум Претседател на Лк СДММ Кавадарци и одговорноста е голема, особено во ова време кога владее тоталитарен режим (кој се одликива со ширење на страв, репресии, забрана на слободно изразување и поделба на нацијата на патриоти и предавници), што значи јас и сите млади социјалдемократи треба да ја покажеме вистинската слика во општеството, а во време кога владее медиумски мрак во државата, тоа е многу тешко. Исто така треба да го вратиме борбениот дух на младите со што младите би биле оние кои ќе кажат ГЛАСНО "СТОП ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА НАШАТА ИДНИНА".
 
Мојот Град: Се ближат локалните избори, дали кандидатот за градоначалник ќе биде ново лице или некое кое веќе е познато на кавадаречката политичка сцена?
Сашко: Јас само ќе ве потсетам на изјавите на претседателот Црвенковски и секретарот Андреј Петров кои на интервјуата за нашите локални телевизии открија дека ОО СДСМ Кавадарци овие локални избори ќе излезе со ново лице, со ново решение.
 
Мојот Град: Според вас каков треба да биде кандидатот за градоначалник?
Сашко: Ново лице позади кое ќе застане цело Кавадарци. Лице кое ќе ги решава вистински проблемите на Кавадарчани, што значи нема да продава ветар и магла.
 
Мојот Град: Родени сте во Кавадарци, целиот живот живеете во Кавадарци. Што е она што не сакате да се смени, а што сакате да се смени ?
Сашко: Не сакам да се смени традицијата. Кога зборувам за традицијата мислам на препознатливоста на нашиот град во и надвор од границите на нашата држава, а тоа е лозарството. Сакам и понатаму кога ќе отидам во друга средина ( дали тоа ќе биде некој град во Македонија или надвор од државата ) да бидеме препознатливи по добрата капка вино и жолтата ракија. Оваа власт се обидува да го направи спротивното, да го пресече во корен лозарството а сведоци сме на се почестите изјави (ископачете ги лозовите насади).
А она што сакам да го сменам е, да ги задржиме младите луѓе да останат и да не си одат од нашиот град. Нискиот животен стандард , високата стапка на невработеност , социјалната исклученост и недовербата во институциите се главните проблеми на младата популација во нашето општество. Сите овие проблеми се исто така и причини, поради кои голем број млади се решаваат да го напуштат својот град и да одат во други средини за нив непознати, се со цел да си го подобрат својот живот. Сакам сите тие млади да останат во Кавадарци и сите заедно да учествуваме во градење на здраво општество.

Мојот Град: Кој ти е идол ?
Сашко: Лично не сакам да бидам како никого. Сакам да бидам она што сум. Но многу ги почитувам луѓето како Зоран Џинџиќ , Киро Глигоров , Борис Трајковски , претседателот Црвенковски , секретарот Aндреј Петров , потпретседателот Зоран Заев, Радмила Шеќеринска како и Владе Милчин и Никола Гелевски.
 
Мојот Град: За крај на ова интервју каква порака би им испратил на младите во Кавадарци?
Сашко: Бидете сите заедно , сплотени како еден , без никакви поделби. Само така сложни ќе се избориме за правата на младиот граѓанин. Борете се за вашата слобода, за вашата иднина.