Алексов и после три години не го реконструираше Домот на млади во Штип

вторник, 20 март 2012, 14:55

Прес конференција, СДСМ
Кристина Костова, претседател на ЛК на СДММ Штип
Штип, 20.03.2012 година


Почитувани,

Се наоѓаме пред Општинската установа за култура Дом на млади. Оваа институција е суштински важна за вклучувањето на младите во културни активности и за нивното уметничко изразување и унапредување.

И покрај големото значење на оваа  установа, општинската власт е  тотално незаинтересирана за нејзиното опстојување.

Градоначалникот на Штип во својата изборна програма вети реконструкција на Домот на младите. Но, и после три години од неговиот мандат  фасадата на зградата се распаѓа, прозорците и вратите се стари и дотрајани, кровот е речиси руиниран, а за дворот нема потреба да зборуваме, една слика вреди илјада зборови.

Како и многу други , така  и во случајот со Дом на млади се покажа дека  ветувањата  од нивната програма остануваат  само мртво слово на хартија.

Во оваа прилика  го потсетуваме  градоначалникот Алексов на неговото ветување од пред три години и во име на сите млади штипјани инсистираме  истото да го исполни. Не треба да се заборави дека ова е култно место во кое во текот на целата година се одржуваат музички концерти, поетски вечери, уметнички изложби и многу други културни настани.

Тие настани го поттикнуваат активното учество на младите штипјани во градењето на локалната култура , па затоа оваа културна установа е од големо значење за  сите млади во општината, од најрано детство до доцни студентски денови.

Културната наобразба на младите не се гради со градење споменици, туку со обезбедување  адекватен и достоинствен простор за тоа.