Калимеро Македонски

вторник, 06 март 2012, 18:11

Деновиве многу  често си повторувам една стара кинеска мисла, дека од тврдо дрво се прават сандаци за погребување, а украсите и резбите се прават од убаво меко дрво. Уметноста на живеењето е животот да го направиме убав,  а не закопан. Кога оваа кинеска мисла ќе ја преведиме на политички речник тогаш таа би значела дека колку е нашата политика потврда толку е нашата иднина подлабоко закопана. Се разбира во сандак направен од најтврдото македонско дрво. Извинете за оваа моја алузија, но таа ми се чини многу соодветна за времето во кое живееме.

Минатата недела на социјалните мрежи прочитав еден коментар - Србија доби кандидатски статус во ЕУ. Без европска иднина останаа босанските, косовските и вмровските Срби. Се разбира ова треба да го сфатиме како модел за решавање на проблемите, а не како национална припадност. Во Република Српска на секои три месеци се закануваат со референдум за одвојување од Босна и Херцеговина. Минатиот месец во Северно Косово беше организиран референдум. Кај нас е тоа фамозната страна 146 од Преродбата на ВМРО ДПМНЕ. А единствен референдум по кој јас жалам е референдумот со кој Хрватска на 22 јануари прифати да биде членка на ЕУ. Жалам бидејќи не толку одамна ние се надевавме дека ќе имаме македонски референдум на таа тема.

Политиката можете да ја водите на европски или на балкански начин. Првото значи да ги решавате проблемите, второто значи да ги создавате проблемите. Долго време на Балканот се смета дека мерката за успех е колку проблеми создавате, а не колку проблеми решавате. Хрватска и Србија 1992 година ја делеа Босна на салветка. Ја делеа братски пола на пола. И беа дел од проблемите, а не дел од решавањето на проблемите. За да влезат во НАТО и ЕУ Хрватите мораа прво да ја погребаат својата штетна политика за Босна. Србија на Милошевиќ правеше проблеми во Хрватска, во Босна, во Црна Гора и во Косово. Со таква политика ги изгуби сите воени или политички битки. Грција прави проблеми во Македонија, правеше проблеми во Јужна Албанија, прави проблеми во Кипар и во односите со Турција.

Колку била тешка илузијата на овие држави дека нивната сила ќе биде соодветна на капацитетот да ги создаваат проблемите. Поранешниот грчки премиер Костас Симитис на 27 jануари оваа година, на дебатата организирана од Фондацијата Хајнрих Бол во Берлин, јасно и порача на својата држава Грција да се откаже од купувањето оружје од Германија и Франција. Доколку избие војна со Турција тоа оружје нема да и биде од корист на Грција бидејќи турската армија за неколку часа ќе ја порази грчката армија. Европската Унија треба да биде гарант на грчката безбедност, а не скапо купеното грчко оружје. Ова е ставот на еден од најдобрите грчки премиери во последните 20 години кој беше идеолог на грчката стратегија со економски инвестиции да биде освоена Македонија, а потоа да биде решавано прашањето за името. Зошто го кажува ова Симитис? Бидејќи многу долго трае таа погрешна грчка стратегија воено да и парира на Турција која е осум пати поголема од Грција и во таа луда трка во наоружување со Турција да биде уништувана грчката економија. Економски и политички Грција ја плати цената на таа политика.

Јас ги ценам како многу оправдани стравовите дека Македонија ќе ја плати цената на својата политика кон Грција. Оваа Влада на ВМРО - ДПМНЕ покрај многуте лукративни причини ( пари, тендери, провизии итн. ) го почна проектот Скопје 2014 година за да и парира на грчката политика. Да ја удира Грција таму каде што Грците најмногу ги боли - дека античката историја на Александар Македонски е македонска ексклузива. Во таа политика владата инвестираше пола милијарда долари. А на политички план од земја која живее на Балканот, а европски ги решава проблемите, станавме балканска земја која најбалкански ги решава проблемите. На економски и политички план Македонија веќе многу скапо ја плаќа цената на таа политика. Владата мора да се задолжува со нови кредити за да ги враќа своите стари долгови. Да прави сојузништва со сите држави кои се непријатели на Грција. Да ги задушува демократските процеси во Македонија за да може под тепих да ги става се поголемите економски и политички проблеми. За жал ефектите од таа политика се видливи, а ќе бидат уште покатастрофални.

Во историјата можат да се најдат многу примери кога авторитарните власти во некои држави давале краткорочни економски резултати. Но сите примери од тој тип на крајот завршувале со силни опшстествени конфликти поради газењето на демократијата и човечките и малцински права. Да не ги набројувам поименично, познато е  низ какви кризи поминаа тие држави од Јужна Америка, Африка, Југоисточна Азија итн. Сите симптоми на таква криза можат да се најдат во нашиот македонски случај. Не е никакво катастрофично сценарио да се проценува дека Македонија ќе плати многу скапа цена на таа погрешна политика.

Како по некое непишано правило на крајот сите авторитарни модели на владеење завршуваат во конфликт со САД и западните земји. Низ катарзата на тие конфликти потоа од нови политички гарнитури биле решавани силните економски и политички проблеми. Хрватска излезе од изолација дури после смртта на Фрањо Туѓман. Србија мораше да биде бомбардирана за да биде поразен режимот на Слободан Милошевиќ. Сите гледаме низ каква економска агонија поминува Грција. Не сакам ни да претпоставувам низ какви перипетии ке мора да поминува Македонија. Случајно или намерно левите коалиции ги извлекуваа Србија и Хрватска од тешките национални хаварии. Левата коалиција предводена од СДСМ во период од три години ја направи Македонија од земја потресувана од воени конфликти во држава кандидат за членство во ЕУ. Нашата „мека политика“  ни обезбеди признавање од САД под уставното име, нивната тврда политика ни го обезбеди најлошиот предлог на Нимиц - Северна Македонија.

Ние сме млада држава. Кај тие држави секогаш фали малку повеќе национален имунитет. Проблемот на оваа влада е дека тој мал национален имунитет го троши на политички глупости. Овие млади држави тешко ги прележуваат детските сипаници на демократијата. Нашиот проблем е дека оваа влада после се уште непрележаните  детски сипаници веднаш не носи во опасност да прележиме заушки ( знам Бранко е крив дека децата не биле вакцинирани од заушки ) и други заразни болести на посткомунистичкиот тоталитаризам. Сега ни фалат пари, ни фалат пријатели, ни фали воља да најдеме излез од проблемите, но затоа во изобилство имаме создавање проблеми на сите страни.

Во интерес на минатото ние така душмански ја трошиме нашата иднина. Иднината е како федер, колку повеќе ја притискаш таа повеќе ќе те удри во лице. Треба да ја пазиш како жена и таа ќе биде твоја. Минатото е како вино. Треба да знаеш како да го пиеш.  Најдобро е пола да го пиеш сам, а пола да го делиш со соседите. Ако не сакаш со виното да ја испиеш и својата иднина.

За што ќе гласаат граѓаните на следните избори? За иднината или за минатото?  Во политиката е многу важно како ќе биде проектирана политичката побарувачка на гласачите. Едно шише со горска вода вреди многу за изгубен човек во пустина. Но вреди многу малку на човек кој живее во Маврово. Важно е како ги дефинирате вашите потреби и која цена сте спремни да ја платите за тоа. Србите беа спремни да издржат бомбардирање од НАТО бидејќи сакаа да го спасат Косово. Денес се откажаа од Косово за да ја спасат својата европска иднина и да ја спасат Србија.

Што сакаме ние? Што е првата асоцијација на ЕУ? Иднина или предавство. Што мислите зошто мегафоните на власта како послушни хористи повторуваат три пати на ден дека само што не се распаднала ЕУ. Или што ако е Грција членка на ЕУ кога е пред банкрот. На тој начин свесно и систематски се торпедираат очекувањата на граѓаните во ЕУ да гледаат економска иднина. Оваа власт сака да ги минира сите мостови за договор со ЕУ и да остави зад себе таков пустош никоја друга владина коалиција да не може да изгради нови мостови кон Брисел. Во основата на нејзината политика е првата асоцијација на ЕУ и НАТО да биде промена на името. Затоа тие конфликти прво со Брисел, а во последните два месеци и со Вашингтон не се одраз на политичка непромисленост на власта туку свесен концепт за влијание врз политичката побарувачка на гласачите. Мора да биде создадена цврста гласачка маса која во ЕУ и НАТО ќе гледа несакани кумови на новото име, а не конечно завршување на македонската транзиција.

Мислам дека нашата влада остана како изневерена сопруга,  разочарана дека Србите се договорија околу Косово. Сега останавме сами да бараме правдина наместо иднина. На следните избори најжестоко во македонската историја ќе се судрат иднината и минатото. Коалицијата предводена од СДСМ ќе биде на страната на иднината.

Соња Петрова, секретар на СДММ