Прес конференција, СДММ
Коста Костадинов, претседател на ЛК на СДММ Струмица
Струмица, 29.02.2012 година
Со денешното одбележување на Тримерските обичаи и вчерашното традиционално Карневалско корзо со посета на домовите на армасаните девојки и доделувањето на наградите на Интернационалната Карневалска вечер завршува културната манифестацијата “Струмички Карневал 2012“.
Уште еднаш се потврди дека тоа е силна културна манифестација за која со огромно задоволство можеме да кажеме дека оваа година го достигна својот максимум како поради учеството на импозантна бројка од над 3000 учесници од Струмица, Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Албанија, Полска, Словенија, кои продефилираа во карневалската поворка по Струмичкиот плоштад во саботната карневалска вечер, така и поради тоа што сите тие беа прекрасни и совршени и придонесоа да оваа манифестација биде најспектакуларна карневалска манифестација во Македонија и многу пошироко. Уште еднаш се потврди дека Струмичкиот Карневал е не само најголем и најмасовен туку и најдобро организиран карневал на Балканот, а воедно и еден од најголемите во Европа. Тоа се докажа со огромниот интерес и ангажман најпрво на нашите сограѓани – Струмичани преку масовното учество како на главната карневалска вечер така и на традиционалниот Детски карневал по повод “Прочка“, а се потврди и со огромната посетеност од над 30.000 посетители од Македонија и странство.
Ние, Младите Социјалдемократи од Струмица ја користиме оваа можност да се заблагодариме на: Организациониот Одбор на Струмичкиот Карневал, Градоначалникот Зоран Заев, Општина Струмица и сите покровители и спонзори на Струмичкиот Карневал. Струмичките угостители кои покажаа спремност да ги прифатат и квалитетно да ги угостат сите посетители. Учениците од сите Основни и Средни училишта кои активно зедоа учество и нивните ментори. Голема благодарност до сите учесници кои учествуваа поединечно или групно. Особено најголема благодарност до сите граѓани на Општина Струмица, нашите Струмичани кои со својот ангажман, учество и гостопримливост се покажаа како добри домаќини.
Уште еднаш се потврди дека Струмица навистина ги има заслужено епитетите: најубав, најевропски и најперспективен град во Македонија на што особено горди сме ние младите и за што најискрено ви благодариме.