СДММ го поддржа протестот во Ногаевци за реконструкција на мостот на Вардар

петок, 09 декември 2011, 19:57

Денеска, на 09.12.2011 година, во Ногаевци, Општина Градско, се одржа мирен протест испровоциран од негрижата на локалната власт и игнорирањето на потребите на локалното население за изградба и реконструкција на мостот на реката Вардар кој се сруши пред една година. Протестот беше поддржан од Социјалдемократската младина на Македонија.

Иако помина веќе една година од уривањето на мостот локалната власт не направи никакви напори за да се реконструира мостот кој претставува единствена врска на Ногаевци со магистралниот пат и околните населени места.

Локалното население беше принудено да издвои свои финансиски средства за изградба на мал висечки мост преку кои ги пренесуваат земјоделските производи, но ваквото решение не е остварливо на долг рок особено имајќи ги предвид временските услови во зимскиот период од годината.

Иако локалната власт на мештаните им вети нов мост под услов тие на овогодишните парламентарни избори гласаат за ВМРО ДПМНЕ, ваквото ветување се сведе на празни зборови. Дополнително градоначалникот Глигур Коцев лично вршеше притисок врз населението да не излегува на протестот по повод една година од уривањето на мостот.

Социјалдемократската младина на Македонија преку поддршката на овој протест ги повикува локалните власти да ги превземат сите потребни мерки за реконструкција на урнатиот или изградба на нов мост што ќе им овозможи на жителите на Ногаевци непречено извршување на секојдневните активности поврзани со преминувањето преку реката Вардар.