Стојановски: Законот за јавни патишта не ја почитува приватната сопственост

понеделник, 24 февруари 2014, 19:25

Извадок од говорот на пратеникот Благоја Стојановски, трето продолжение од седница бр.85 на Собранието на Република Македонија.


Со оваа измена дозволено е за објекти, за државни патишта, за железнички пруги, гасовод и далновод да се отпочне со градба без решавање на имотно правните односи. Значи, покрај тоа што не се почитува правото на приватна сопственост, барем во моментот кога ќе се отпочне со градба на вакви објекти, да се има регулирано комплет имотно правните односи во целата траса, апсолутно има две лоши страни.

Првата лоша страна е што и на инвеститорот му давате можност да избере секој пат за него најевтината и најкратката траса, што не е секој пат најдобра и за граѓаните на Република Македонија.  

 

 Во принцип треба да се одбира онаа траса на која што има најмалку приватна сопственост и најмалку штета може да се направи на луѓето коишто ја имаат таа земја.

Вториот лош дел што можете да дојдете во таква една апсурдна и смешна ситуација, да по завршувањето на автопатот, гасоводот, далноводот или железничката пруга не можете да ја ставите во употреба, бидејќи може да се случи во одредени парцели коишто се во приватна сопственост не бидат решени имотно правните односи.

Или еве сега последната јавна објава што ја направивте, чинам мешовито приватно партнерство за прстенот засоводен околу градот Скопје ќе биде инвеститор таа фирма. Ниту ќе биде градот инвеститор, ниту ќе биде државата. И сега што може да се случи? Отпочнува овој приватен инвеститор со градба и ја завршува градбата. Арно ама, има дел од парцели коишто не се решени имотно правните односи. Проблемот е што тука, експропријација на овие парцели не може да ја врши приватната фирма. Експропријацијата ја врши или Владата или локалната самоуправа. И сега може теоретски да се случи, одредени парцели коишто не се приватизирани, поради нив еден автопат од 500 милиони евра и еден гасовод од милијарда евра да не може да се стави во употреба.

Не смее градба, било каква и ние тоа го зборевме неколку пати до сега, да се отпочне се до моментот додека не се регулирани имотно правните односи за целата траса. Јас верувам и сега истото се случува. Сечете ленти, ама имотно правните односи не ви се регулирани. Јас не знам дали тоа го има во друга држава освен во нашата. Тоа е брутално и кршење на Уставот и правото на приватна сопственост за работи коишто не знам колку пати сме ги збореле од оваа говорница.