Казанџиска: Кој можеше да смисли вакви прашања за полагање на психолошки тест?
петок, 21 февруари 2014, 18:42
Извадок од говорот на пратеничката Билјана Казанџиска, второ продолжение од седница бр.85 на Собранието на Република Македонија, 41 точка на дневен ред - Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за просветната инспекција, по скратена постапка;
Почитувани граѓани, почитувани административци, кандидати за директори итн, доколку ќе отидете да полагате психолошки тест и тест за интегритет , ќе се судрите со прашањето од типот, дали сакаш да патуваш во Англија? Знаете ли како изгледаат тестовите господине заменик министер?
Значи има дали сакаш да патуваш во Англија? Доколку кажеш да, тоа значи дека ќе бидеш отсутен и нема да им посветуваш внимание на учениците.
Дали сакаш да патуваш во Лас Вегас? Ако напишеш да, одма си сомнителен и имаш порок. Се знае, дали се смееше на виц? Како се однесуваш на погреб? Кој можеше да смисли вакви, да не употребам груб, ама ќе кажам дебилни прашања за полагање на тест за интегритет и психолошки тест.
Ама немојте да се збуните, ниту пак некој да се чуди за такво нешто се полнат нечии џебови и се печалат милиони. И тоа не било кои, тоа се високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поточно фамилијата. Тоа е фамозната ВИСТА Груп, која освен што досега има печалено 1 милион евра, сега треба да спечали многу милиони евра и тоа е избраната фирма која треба да ги спроведе понатаму психолошките тестови. Значи секој граѓанин на Република Македонија, изгледа и оние од лотаријата кои ги избравте за да бидат вработени, треба да се заблагодари со 1950 денари на ВИСТА Груп и првиот братучед на Ставрески, а тоа се вкупно, од сите граѓани на Република Македонија, 5 милиони евра, за полагање на психолошки тест и тест за интегритет.
Очекував од портокаловите борци за слобода, од овие преродбениците, кој апелираат постојано на чесност, на транспарентност, на отчетност да признаат дека овој случај, овој пат е крајно сомнителен. Или пак и понатаму ќе го почитуваат груевскиот принцип, молчењето е одобрување.
Фирмата на првиот братучед на Зоран Ставрески го добила тендерот во Министерството за информатика и станува збор за компанијата Интерви. Значи веќе нема сомнеж дека власта бара секаде криминал ама во своите редови не, ниту пак сака да спомене такво нешто.
Фирмата на братучедот на Ставрески добила тендер од Министерството за информатика, заедно со уште други 3 фирми, меѓу кои и контраверзната ВИСТА Груп. Зделката била вредна речиси 800 илјади евра од Министерството за информатичко општество.