Велјаноски: Со сите 16 закони власта го девалвира образовниот систем во Македонија
петок, 21 февруари 2014, 18:07
Извадок од говорот на пратеникот Митре Велјаноски, второ продолжение од седница бр.85 на Собранието на Република Македонија
Господине заменик министер, господо пратеници, ова е девалвација на се и сешто во Република Македонија. Прво е девалвација на овој Парламент, девалвација на Парламентарната демократија. Во еден ден 112 закони по скратена постапка. Има ли посоодветен збор од тоа дека е девалвиран Парламентот во Република Македонија.
И за тоа треба многу гласно, многу силно да се произнесе човекот кој седи позади мене, но за жал не е на нивото на Парламентарната демократија.
Господине заменик министер, со сите 112 закони и со сите 16 закони од делот на образованието, вие го девалвирате до крај образовниот систем на Република Македонија.
Сведоци сме, луѓе без ниту еден ден работно искуство во образование, години наназад ги вработувате во тоа Биро за развој на образование. Тоа е основната клетка, тоа е основниот двигател на образовниот систем. Го девалвиравте до крај, па сега ќе барате некакви европски критериуми, некакви европски норми на кого тој ќе биде директор? Човек без ниту еден ден работно искуство во образование е советник во Бирото за развој на образование. Кого тој ќе го советува?
Неговата функција е да изработува наставни планови и програми. Ги увезуваат.
Неговата функција е да помага при изготвувањето на учебниците. Ги увезувате.
Неговата функција е одржуваат обуки на наставниот кадар. Да ги советуваат, да ги унапредуваат формите, методите на образовната дејност. Како ќе го прават тоа без ниту еден ден работа во образование?
Подобро од мене знаете колку луѓе по политички клуч, без ниту еден ден работно искуство се вработени? За што сето ова го правите? Уште ли со лицемерие?
Не знаејќи, не можејќи да чепнете по суштината се занимавате со периферни работи. Она што беше здраво ткиво, водени неразбирливи причини дека се почнало од оваа Влада, го уништивте. И тоа сега со документи го потврдувате, дека се што досега во оваа држава, посебно во делот на образовниот процес се правело, вие го девалвирате до крај.
Се сеќавам на едни златни времиња кога учителот беше гордост, кога наставникот беше почитувана личност, кога децата кој ги учеше ги учеше со невиден жар, со невиден мотив. Што направивте? Бирократи, административци. Цените периферни работи, имал или немал ваков сертификат. Ги казнувате 300 евра, 600 евра за е-дневник. Тоа ли е образование? Место да имаме мотивација, место да имаме креација, место да имаме насмеани наставници, а со тоа и насмеани ученици, релаксирана, креативна состојба каде ќе создаваме здрави личности, воспитани личности и како трет приоритет образовани личности.