Шекеринска: Скопје се гуши, власта итно да преземе конкретни мерки

петок, 20 декември 2013, 16:07

Изјава за медиуми, СДСМ
Радмила Шекеринска, заменик претседателка
Скопје-Ѓорче Петров, 20.12.2013 г.

 

Почитувани,

Скопје се гуши, а власта не презема ни еден конкретен чекор, за да ги заштити граѓаните  од загадувањето и од огромната цена, што ја плаќаме и на своето и на здравјето на нашите семејства. Начинот на којшто се третира ова прашање навистина е срамен. Во дебатата за буџет на Република Македонија, дадовме неколку предлози, кои не беа земени во предвид. Денеска би сакала некои од нив да повторам.

 

 

Упатуваме апел во името на илјадници скопјани, кои секој ден се соочуваат со здравствени проблеми, заради ова невидено загадување на главниот град, сите пари, коишто во буџетот за следната година се наменети за музеи, за споменици, за панорамски тркала, за фонтани, веднаш да бидат пренаменети во еден ургетен фонд , којшто ќе се справува со последиците и спречување на загадувањето.

Предлагаме веднаш да се предвиди специјален режим за работа на индустриските постројки, коишто допринесуваат на вака големото загадување. А, владата преку буџетот и вака создадениот фонд, да практично го субвенционира тој променет режим на работа на индустриските капацитети. Меѓутоа, се разбира, ова се само итни мерки, коишто ни се неопходни, во овие денови, додека се соочуваме со вака големо загадување. Она што вусшност ни е највеќе неопходно, тоа е долгорочна стратегија како полека но сигурно, да се намалува загадувањето на Скопје, нешто што сиве овие години систематски се премолчуваше и се заобиколуваше.

Затоа во програмата на Социјалдемократскиот сојуз предвидени се низа на мерки, коишто ќе значат создавање на посебен фонд за животна средина и коишто ќе значат еден интегриран, кохерентен пристап кон сите типови на загадувачи и кон сите типови на загадување на нашиот живот, почвата, воздухот, водата и се останато.

Ова е една од темите на која Македонија бележи многу слаб напредок, регистрирани и од страна на Европската унија. Меѓутоа, главната цена ја плаќаме ние како граѓани на оваа држава, на нашето здравје, на здравјето на нашите семејства.