Прес конференција,
Александар Кирацовски, дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација,
29.12.2015 година, Скопје
Почитувани административни службеници, почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Власта на Никола Груевски најбезобразно излажа дека не планирале казни за администрацијата.
Планирале.
Фатени се во лагата!
Минатата недела, откако предупредив за евентуалната злоупотреба на казненото оценување, а власта јавно тврдеше дека оценувањето на администрацијата за 2015 година било пилот проект, во Собранието тивко предложиле законски измени по скратена постапка со коишто се обидуваат да се извлечат.
Еве го предлог законот на владата, поднесен пред некој ден, во кој со членот 7 признаваат дека го планирале казненото оценување.
Но, власта повторно манипулира!
Таа со истиот модел на оценување, административните службеници планира да ги казнува во наредната 2016 година.
Почитувани административни службеници и граѓани, ги пресретнавме и ќе ги спречиме.
Не може шефот да изрекува казни за службеникот и да предлага откази по политичка волја.
Слушнавме докази, како шефовите и раководителите се поставувале од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
На нив им се одврзани рацете да вршат политички уцени и притисоци врз луѓето од администрацијата и да им се осветуваат за политичка непослушност.
Тоа повеќе нема да го дозволам.
На моја иницијатива, опозициските пратеници во Собранието уште денеска ќе поднесат Предлог - закон за дополнување на законот за административни службеници.
Со овој закон бараме да се одложи примената на апсурдниот систем на оценување до 2017-та година.
Овој Предлог - закон е резултат на бројните средби и трибини што ги имавме со административните службеници, консултациите со синдикалците и експерти во областа.
Со законот бараме во текот на следната година, до 2017 година, врз основа на широка расправа со луѓето на кои се однесува законот и со експертската јавност да се утврди модел за вистинска мотивација на администрацијата.
Потребни се квалитетни решенија, а не одредби за притисоци и политички злоупотреби.
Заврши времето кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја казнуваа и уценуваа администрацијата.




