Колку институции се вмешани во скандалот Актор и под чиј налог

петок, 14 март 2014, 15:59

Прес конференција, СДСМ
Петре Шилегов, портпарол
Скопје, 14.03.2014 год.


Почитувани,

Мега скандалот Актор што го призна Управата за финансиско разузнавање отвора сериозно прашање, колку државни институции се вмешани во криењето на случајот и под чиј налог!

Овие документи покажуваат дека во еден ден, од една иста банка, Стопанска банка Скопје – филијала Неготино, повеќе лица од Република Грција, во Македонија, преку фирмата Актор, ПОДИГАЛЕ КЕШ ВО МИЛИОНИ ЕВРА!

 

 

Пример. На 10-ти април 2013 година, 10 грчки државјани од оваа банка подигнале сума во вкупна вредност од 12.500.000 денари! Секој од нив подигнал кеш од по 1.250.000 денари. Во еден ден. Само 10 лица. Од иста банка.

Со подигнатите пари во денари, истите овие лица, во истиот ден, 10-ти април, на девизниот пазар купиле евра. По 20.000.евра секој од нив или вкупно над 200 илјади евра.

Во текот на изминатите 10 месеци, секој месец, во еден ист ден се правени вакви трансакции.

Управата за финансиско разузнавање била информирана за трансакциите од страна на филијалата на Стопанска банка во Неготино. Бидејки и самата Управа призна дека истрага била отворена тоа значи дека за огромните организирани трансакции во кеш, во денари и во евра, биле запознаени и други институции.

Дали била запознаена Управата за јавни приходи?

Дали била запознаена Народна банка на Македонија?

Дали бил запознаен Државниот девизен инспекторат во состав на Министерството за финансии, овластен да врши контрола на работењето со девизи на резиденти и нерезиденти?

Дали била запознаена Финансиската полиција?

Дали бил запознаен секторот за организиран криминал при МВР?

Ако биле запознаени, зошто институциите молчеле 10 месеци?

Под чиј налог, институциите во Македонија, премолчувајки, дозволиле да се одлеат кеш пари, до јануари 2014 година, 215.950.000 денари, или 3.500.000 милиони евра?

Како за граѓани кои ќе подигнат и денар повеке од законски дозволениот лимит на подигање кеш институциите веднаш реагираат?

За кешот извлекуван во вртоглави суми и до 120 илјади евра по поединечна трансакција, цели 10 месеци досега, не реагира ниту една институција во Република Македонија? 

Кеш парите што ги извлекувале грчките државјани во Неготино не се изнесени надвор од Македонија. Каде се 216.000.000 денари, или 3.500.000 милиони евра?

Граѓаните прашуваат каде е премиерот Груевски цела недела?

Зошто молчи?

Дали премиерот Груевски знаел за извлечените 3.500.000 евра во кеш и колку завршиле во владини џебови?

Социјалдемократскиот сојуз ќе следи дали институциите ќе го разоткријат до крај скандалот во којшто според сите очигледни факти е вмешана власта на Никола Груевски.

Потенцираме дека Социјалдемократскиот сојуз ќе стори се за расветлување на скандалот “Автопат Демир Капија Смоквица“, а потоа некој ќе треба кривично да одговара. 

 

Одговори на новинарски прашања


Медиуми: Вчера министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска на прес конференција истакна дека за брзо време ќе испливале вистинската цел и мотивација и дека имало премногу коинциденции за отворањето на овој случај од ваша страна?

Шилегов: Слободно можам да кажам дека има премногу коинциденции за да може ваквиот молк на институциите да се квалификува како случајност. Така што, времето како и секогаш досега ќе покаже која била вистинската цел и мотивација на оние кои молчеа за овој мега скандал.

Медиуми: Провладини медиуми денес Ве обвинуваат дека пред неколку години наводно сте донеле одлука во интерес на фирма од Штип? Има вистина во тоа?

Шилегов: ВМРО –ДПМНЕ тврдеше дека нема афера “Актор“, па испадна дека има афера „Актор“. Значи на ВМРО – ДПМНЕ не може да му се верува.

Медиуми: Господнине Шилегов, некои медиуми излегоа со информации дека поседувате огромно богатство. Дали може да кажете колку се вашите лични месечни примања?

Шилегов: Моите лични месечни примања се уредно пријавени во Управата за јавни приходи.

Медиуми: Шилегов може ли подиректно, колку заработивте од местењето тендери како што пишуваат некои медиуми?

Шилегов: На ВМРО – ДПМНЕ не може да му се верува.

Медиуми: Ќе поднесете ли кривична пријава против ВМРО-ДПМНЕ?

Шилегов: Знаете како, депласирано е да зборувам за некој или да зборуваме за некои којшто очигледно во обид да ги прекрие мега скандалите којшто Социјалдемократскиот сојуз  ги открива, а во којшто очигледно се инволвирани високи функционери на актуелната власт зборува за некои работи за којшто се поминати повеќе од 10тина години.

Медиуми: Министерот Јанакиевски изјави дека „Актор“ ќе вработи 350 луѓе во Македонија, и го оценува овој проект како успешен. Доби нешто Македонија?

Шилегов: Добија граѓаните на Република Македонија затоа што Социјалдемократскиот сојуз не дозволи со обелоденување на оваа афера да бидат извлечени 30 милиони евра народни пари, којшто да напомена сите ние се уште не сме почнале да ги враќаме.