„Ако одите низ пеколот, продолжете да се движете“, мудро рекол во една прилика големиот британски офицер, оратор и политичар, Винстон Черчил.
Аналогијата почитувани мои, е фактот дека Македонија со оваа власт, го допре дното! Падна на најниско можно ниво, гледано од секој општесвен аспект. Генерации и генерации млади со неповратно изгубена иднина, го преживуваат периодот на заложништво во „пеколот“ на промашените политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Жевееме во држава, политички поделена и спротивставена по секое национално прашање. Намерно и наменски социјално загрозена до граница на преживување - водејќи се од сознанието дека гладен и сиромашен народ е лесен за манипулација. Историско-културолошки ретуширана, префарбана и редизајнирана со барок стил, како да е наш најценет национален етно елемент. Економски притеснета до ѕид, со најмалку странски инвестиции во регионот и буџетско планирање по теркот „купи ден помини“.
Но, за жал на Груевски, а за среќа на сите, а посебно на сите млади, Македонија и нејзиниот народ немаат друга алтернатива, освен еднаш и засекогаш да расчистат со режимот и конечно да започне чекорењето во прогресивниот дел од поновата македонската историја.
Како и во многу наврати во минатото, сите коренити промени во општеството ги иницирале и отпочнувале младите сили. Токму затоа, имајќи во обзир дека без двоумење ги употребува сите средства за опстанок на власт, се повеќе на тежина добива впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ многу повеќе работи на начинот како да ги избрка младите во странство, отколку да ги задржи во татковината. Се повеќе се труди да создаде општество на млади во хибернација, со „умртвени“ чувства за отпор и без револуционерност. Од причини што, наместо сојузник и неисцрпен ресурс за развој, ваквата власт во младите гледа закана и сила што неможе да биде ставена под контрола, а која во секој момент може да го сруши нејзиното недемократско владеење.
Оттука, изгледаат смешно (во суштина тажно) обидите на Груевски да се прикаже себеси како „спасител“ преку наводни акциски планови за вработување на млади, кога во реалност(според Светска Банка) над 450 илјади граѓани од Република Македонија, од кои повеќе од половина, или околу 230 илјади млади, неповратно ја напуштиле Македонија, барајќи работа и подобар живот во туѓина.
Неможам, ама никако неможам да си ја објаснам потребата на власта да троши стотици милиони евра во споменици, фасади и паркови, кога пред нивни очи, од некои Општини во Македонија, буквално целото работоспособно население е иселено на печалба во странство, и се претворени во градови со по неколку стотици старци.
Впрочем, зошто го стопираа пописот на населението? Се уплашија дека ќе ја расчисти медиумската магла и ќе ги открие вистинските поразителни ефекти врз младата популација, од погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ!
Со што ќе се оправда феноменот на скандалозно префрлање милионски суми на подобни медиуми, наспроти сликата за нашите студентски домови во распаѓање и континуираното заминување на висококвалификуваниот кадар надвор од Македонија, заради неинвестирањето во услови за нивниот професионален и работен ангажман !?
Како ехо ми одзвонуваат зборовите на еден млад човек, кои со отворен револт и горчина во гласот ги изговори неодамна на една трибина, рече: „Ова е егзодус! Софистициран егзодус на нас младите од Македонија! Ако продолжи иселувањето на младите со ова темпо, ќе нема кој да и застане на патот на оваа разлудена власт!
Е па другари, токму тоа е нашата борба. Тоа е битката на младите социјалдемократи. Со конкретни мерки, произлезени од младите и нивните потреби, да го запреме овој своевиден „егзодус“ на младите и слободоумни граѓани. Да се избориме за Македонија во која младите ќе бидат ценети и вреднувани по нивите капацитети и која ќе им пружа шанси, можности и поддршка на сите млади подеднакво да творат, работат и пред се да создадат свое семејство во средината од која потекнуваат. Така се сака Македонија. Така се гради иднината!
Придружете ни се!
Валентин Божиноски, потпретседател на СДММ