Македонија е сè што имаме, рече покојниот Претседател Глигоров. Слава му, во право беше. Но што е тоа сè, ако знаеме дека цело е само кога има сè? Не зборуваме за природни богатства, за духот на традицијата, за културата, за луѓето... Бидејќи Македонија е повеќе од збир на елементи. Елементите мора да бидат соодветно поврзани за да функционираат заедно, за да биде цело. Емлузијата која ги спојува елементите, од секогаш била - соживотот. Впрочем, земете го за пример Крушевскиот манифест. Битката за слобода и еднаквост, за достоинствен живот и независна Македонија не познавала разлики базирани на вера и етникум. Само така нашите предци успееаја да го сочуваат ова парче небо по кое денес чекориме. Само така се ослободија од странските окупатори и страничните пропаганди.
А, денес, токму соживотот е најсигурниот ризичен влог на коцкарските политики на Преродбата. Камениот мост бил изграден да ги спојува двете страни на градот и да прави една целина таму каде што природата направила јаз. А денес, еден град, две души. Два плоштади. Два етникуми.
Етничките тензии се создаваат сосема случајно, а како нарачани да го отргнат вниманието дома од некој политички пораз кој доаѓа од надвор, но тоа секако не и пречи на тендерската љубовна коалиција. И така, секој ден...
По се изгледа Македонија е духовно рамковна само кога се тендери и профити во прашање.
Соживотот не е прашање на рамка тукуна суштината- тоа е животната енергија на секое општество , бидејќи и најмоќната машина ќе се распадне без малите спојки.
Соживотот не значи на компететивност помеѓу двете најбројни етнички групи, туку апсолутно прифаќање и почитување на различностите. Сте се запрашале на колку етнички заедници, согласно уставната преамбула, им припаѓа подеднакво истата Македонија, односоно за колку етнички заедници граѓанската Македонија е се што имаат? Колку Бошњаци, Власи, Срби, Турци ја перцепираат Македонија како своја татковина и свој дом? Меѓуетничката толеранција, соживотот и човековите права не се прашање на бројка, туку на свест.
Затоа, играњето со најсветото- соживотот е као играње со оган, а апокалиптични се последиците од вештачкото создавање на таквите битки. А тие битки секогаш се подјадени од сиромаштијата и од борбата за ресурси, односно од погубните економски политики. Денес, тоа особено доаѓа до израз. Битката и дискриминацијата се повеќе зависат од партиската припадност, а младите од сите етнички заедници се принудени спасот да го бараат во партиска книшка од владејачката коалиција. Така, полека но сигурно, Рамковниот договор стана само изговор за партиските вработувања и притисокот врз младите луѓе кои во ситуација на економски безизлез и сосема дисфункционален пазар на труд бараат начин да преживеат.
Во ситуација во која барем една четвртина од вкупниот број граѓани емигрирале од државата, во ситуација во која речиси секој викенд испраќаме по некој пријател или познаник на автобуска станица или на аеродром, уште повеќе болат скапите реклами во кои тече мед и млеко. Не можам, а да не се запрашам кој е овде луд и дали практично Македононија е популарниот твитерџиски хаштаг #ВоПаралеленУниверзум. Затоа што, во време кога повеќе од 30% од граѓаните живеат под прагот на сиромаштијата, а уште 50% едвај сврзуваат крај со крај, фиктивни фирми добиваат милиони, а деца на функционерите од власта поседуваат имот чија вредност надминува шестцифрени бројки евра. Во време кога моите колеги, најдобрите студенти во својата генерација, најдобрите спортисти во својот тим, највредните во својата средина се деградираат по секоја основа или излез од безизлезот бараат преку граница, потопени од новиот бран и искривените вредности, оние кои се обединија во арамилукот станаа трендсетери.
Тоа, драги мои, не е мојата Македонија. Тоа не Македонија за која се бореа и Гоце Делчев и Даме Груев, и Питу Гули и Јане Сандански, и Методија Андонов Ченто и Ибе Паликуќа, и Алија Авдовиќ и Зуфер Мушиќ. Тоа не е Македонија која ја сакам за себе и за своите деца. Јас сум Бошњак по националност, муслиман по вероисповед. Но Македонец по убедување и идеали, бидејќи оваа земја е и моја татковинаи мој дом. Тука јас ги направив првите чекори, а после четврт век ја држев внука ми за рака додека ги правеше своите. Својата иднина ја гледам тука. Сакам и моите деца да израснат на истата улица во скопски Бутел во која и јас пораснав и со подеднакво почитување да им пристапуваат на своите соседи од различна етничка и верска припадност. Ете затоа, јас стојам на овој браник. Затоа ја водиме оваа битка. Затоа и ќе ја добиеме. Бидејќи Македонија е сè што имаме!!!
Сенад Смаиловиќ, Организационен секретар на СДММ