Прес конференција, СДММ
Никола Станковски, претседател на СДММ Ресен
Ресен, 08.10.2012 година
2-ри Oктомври 2012 година ќе остане запаметен како преседан во ресенското образование. Класичен упад на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во изборот на претседател на претседателите на Средното Општинско училиште „Цар Самоил“, со асистенција на директорот на училиштето, Науме Тосковски (новопечен кадар на ВМРО-ДПМНЕ).
Имено, на посочениот датум во средното училиште, во присуство на директорот, психологот Елизабета Волкановска и претседателите на паралелките од четврта година, требаше да се избере претседател, позиција за која кандидати беа Деница Симон и Антонио Стрезовски. По првото гласање, Деница Симон обезбеди 4 гласови, а Стрезовски само еден. Директорот на училиштето, по директива на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува постапката, со образложение дека отсуствува еден од претседателите на земјоделските паралелки, иако во моментот на гласањето има кворум и гласањето е сосема легитимно.
Веќе наредниот ден, се врши силен притисок на претседателот од албанските паралелки, со закани дека нејзини роднини ќе бидат избркани од работа, а школувањето ќе и биде претворено во пекол. Закани и притисок и на претседателот на јазичната паралелка со опомени дека треба да гласаат за Стрезовски. Ист третман на обработка имало и кон претседателот на турската паралелка. Во постапката за притисок вклучени биле и професори, кои ги убедувале дека Стрезовски е помоќен.
Локалниот клуб на Социјалдемократската младина од Ресен бара ВМРО-ДПМНЕ да ги тргне рацете од средношколската младина, партискиот директор да го запази сопственото достоинство и да го дигне гласот во заштита на учениците, а не да биде послушник и продолжена рака на локалните моќници за промоција на нивните деца, иако сме сосема свесни дека мандатот на директорот виси на конец и зависи од тоа колку успеал да се прероди во вмровец.