НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Активности

Се докажа законитоста на постапката за изградба на „Глобал”


Прес конференција, СДСМ
Зоран Заев, потпретседател
Скопје, 07.04.2011 година

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Велат дека правдата е бавна, ама достижна. Таа понекогаш спие, но никогаш не умира. Цели две години и осум месеци се крстев во овие мисли за правдата. Цели две години и осум месеци го сонував денешниот ден и овој момент кога пред целата македонска јавност ќе застанам со чист образ за со факти да кажам дека правдата ја победила неправдата.

Конечно дојде и тој миг за да се дознае вистината за случајот „Глобал”.

Ова се двете судски пресуди на Управниот суд на Република Македонија и на Врховниот суд на Република Македонија, повторувам на Врховниот суд како највисока судска инстанца во државата, со кои правосилно се потврдува законитоста и комплетноста на постапката за изградбата на Глобал. Значи, овие две судски одлуки потврдуваат дека изградбата на „Глобал” е чиста како солза.

Правдата навистина е бавна, ама достижна. По притворањето на Зоран Заев и неговите соработници и нивното подоцнежно аболицирање сите правно-истражни дејствија околу обвинувањата беа ставени ад акта, целиот предмет Глобал со аболицијата беше ставен надвор од судска процедура, а со тоа се изгуби можноста по судски пат да ја докажам мојата и невиноста на моите соработници, па единствената шанса да се докаже тоа беше токму поведувањето управна постапка за докажување на законитоста и комплетноста на постапката за изградба на „Глобал”.

Одлучивме таа постапка да ја води инвеститорот Делукс инженеринг кој беше партнер на општина Струмица во првото јавно приватно партнерство во Македонија. Целта беше да се бара судска потврда на законитоста и комплетноста на постапката за изградбата на Глобал без да фигурира Заев, без да фигурира општина Струмица за да отстраниме секаква можност за повторна политизација на овој случај. Успеавме, тоа го докажавме. Повторувам, докажавме законитост и комплетност на постапката за изградба на Глобал.

Сега, кога се е јасно како бел ден, се поставува прашањето, кому му беше потребно сево ова. Оној кој покажа со прст кон Зоран Заев ќе мора да го сврти прстот кон себе.

Г- дине Груевски, секому во оваа земја му е јасно дека тоа сте Вие, заедно со Вашите соработници и сопартијци и заедно со вашите мегафони кои ги ситеа апетитите на луѓето, гладни за афери и спектакли. Сега треба сите да Ве тужам. Со овие пресуди како доказ во моиве раце, сите ќе бидете најверојатно осудени. Но, нема да го сторам тоа. Јас не сум како Вас. Нека Ве суди јавноста.

Кога веќе знаевте дека вистината е како шило, зошто Ви беше потребно сево ова? Зошто моравте да ја изгубите човечноста за сметка на Вашето властољубие? Зошто дозволивте, гневот, злобата и зависта кон туѓиот успех да Ви го поматат умот за да одите дотаму да посегнете по слободата и образот на невини луѓе во момент кога Европската Унија го награди Глобал како најдобра практика во Република Македонија?

Измисливте некакви украдени 8 милиони евра. Го валкавте моето име со зборовите криминалец, аболициран и што ли уште не. Кренавте голема прашина со измислен случај за со истата таа прашина да ја покриете сопствената инфериорност и неспособност.

Сакавте неправедно да ми ја одземете слободата, само заради тоа што ви пречеше успехот на Струмица. Но веројатно не сте знаеле дека слободен е оној човек со чиста совест. Јас сум слободен човек господине Груевски, Вие не сте. Иако сте познати по лопатите, требаше да знаете дека премногу лопати се потребни за да се погреба вистината.

Толку ли многу тежеше Вашата политичка судбина за да си поиграте со судбините на невини луѓе и нивните семејства над кои во исто време тежеше бремето на туѓиот сомнеж.

Се поставува прашањето, на уште колку луѓе им го сторивте истото? Но јас нема да дозволам и мојот ум да биде поматен. Христијански е да Ви простам.

Таа прошка ја имате од мене, но не барајте го тоа и од моите деца и од децата на моите неправедно осомничени соработници.

Г-дине Груевски, Вашето спасение лежи во Вашето покајание. Време е да се свестите и да го сопрете лудилото кое сами го продуцирате.

Ја користам оваа можност да им упатам јавна благодарност на сите оние кои веруваа во мене и моите соработници и ја препознаа клеветничко-политичката фарса на Груевски и неговата компанија.

Тоа најмногу се однесува на моите сограѓани, на моите струмичани кои за време на сите оние случувања беа со мене и веруваа во мене, а потоа таа доверба недвосмислено ја покажаа и на Локалните Избори на кои апсениот Зоран Заев извојува историска и дотогаш незапаметена победа над оние кои бесправно апсат.

Посебно сакам да му се заблагодарам на поранешниот Претседател на Република Македонија, Г-динот Бранко Црвенковски, кој верувајќи во мене ја донесе законската, но непопуларна одлука за аболиција, ставајќи го притоа на коцка сопствениот углед како човек и политичар.

Почитувани граѓани,

На крајот на краиштата целиот овој случај нека биде опомена за никогаш повеќе да не се повтори.

Ги повикувам само луѓето од Катастарот да ги почитуваат судските одлуки и на сопствениците на дуќани во ТЦ Глобал да им ги издадат имотните листови кои многу одамна требаше да ги добијат.

 

Одговор на новинарски прашања


Медиуми: Сега кога се исчистени сите дамки, дали почнувате кампања со која целите кон премиерската функција?

Заев: Ова денеска е доказ дека ние сме многу поразлични од власта. Ова денеска е истовремено и најава дека почнува ново време, без злоба, без притисок, без клевети, без уцени. Ова денеска, со оваа прес конференција, само тоа значи.

Медиуми: Можете ли да ја објасните постапката?

Заев: Аболицијата не значи дека прекинува само кривичниот процес против Заев и неговите соработници. Цел предмет се става ад акта, надвор од судски процедури и не можете по кривичен пат во кривичен спор да докажете невиност или виновност. Управната постапка е единствената законска можност која што ја имавме на располагање согласно позитивните законски прописи во Македонија преку која се докажува законитоста и целовитоста на постапката заради што бев притворен. Преку овие две судски пресуди, токму тоа се потврдува. Партнерот Делукс инженеринг ја покрена управната постапка. Целта беше да не фигурира Зоран Заев и Општина Струмица заради некоја наредна политизација на случајот или не дај Боже никој тоа што не го посакува во Македонија, политички судски одлуки. На еден ваков начин правото беше и наше и на партнерот од приватниот сектор. На тој начин, многу внимателно после две години и осум месеци ја добивме правосилната пресуда од Врховниот суд.

Медиуми: Против Вас има уште две кривични пријави. Што се случува со нив?

Заев: Сите предмети кои, преку политичка инструкција на власта, беа поднесени од МВР против Зоран Заев, се завршени. Овде денеска со мене се и пресудите. Ова е пресудата за давање на лажен исказ каде се одбива веднаш обвинението. Пријава и постапка во која што премиерот Груевски зборуваше: ,,Немаше да дава лажен исказ Заев ако беше во затвор, ако Црвенковски не го аболицираше“. Се изживуваше целиот овој период од две години и осум месеци од притворањето на Зоран Заев и неговите соработници. Втората постапка беше од МВР против мене и секретарот на општината. Ова е пресудата со која што е одбиена целата постапка од судот, потврдена од Апелација од Штип и е правосилна. Сите пријави се затворени и се со правосилни постапки. Во моментов нема пријави, но денеска ова е нов мегдан да поднесат нови пријави.



четврток, 07 април 2011




Коментари

Објавено на 07.04.2011 во 14:56, од tome

vo taa pravda veruvase clenstvoto na sdsm i site tie koj dobro te poznavaa, Dali toa nesto ke go osvesti gruevski i familijata koj bezmilosno sakaa da te unistat za nepreceno da vladeat.


СДСМ