Прес конференција, СДСМ
Миле Трајковски, член на совет во општина Крива Паланка
Крива Паланка, 19.12.2015 г
Почитувани,
Секојдневно има примери коишто ги потврдуваат виртуелните, лажни инвестиции и виртуелните работни места со коишто предизборно се расфрла Никола Груевски.
Таков е примерот со виртуелното ветување на Груевски дека Веибо груп ќе отвори нова фабрика во Крива Паланка и дека ќе се отворат 5.600 работни места.
Ниту се отвори нова фабрика ниту има нови работни места.
Од виртуелните инвестиции на Груевски остана само изолирана ливада и нула нови работни места.
Дури и во постојните фабрики кои едвај работат имаат сериозни проблеми.
Веибо Груп влезе и во поранешната текстилна фабрика на бизнис партнерот на Никола Груевски, Орце Камчев.
Но, очигледно поради лошата бизнис клима во земјава раководството на оваа компанија деновиве побарала вработените да се откажат од надоместокот за К-15, што законски им следува.
Деновиве, сите вработени во текстилната фабрика биле дочекани со списоци на коишто се приморани да се потпишуваат дека нема да примаат К-15.
Причините поради кои вработените треба да се потпишат биле поради наводно големите долгови, односно фирмата работела со загуба.
На оние коишто не сакаат или одбиваат да потпишат им се закануваат со отказ.
Работничките права се утврдени со закон и недозволиво е постојано да се заобиколуваат.
Состојбата со лошите услови во кои работат работниците одамна ескалираше.
Во Македонија, благодарение на манипулаторот Груевски нема институции коишто ќе ги спроведуваат законите а работниците немаат достоинствена работа.
Недозволиво е наводните инвеститори да се богатат, а вработените со 70 работни часа неделно да земаат минимална плата од 7.000 денари.
Каде е државниот инспекторат за труд на Р. Македонија да излезе и да направи увид во имплементацијата на законот за работни односи и кршењето на работничките права?
Бараме веднаш да се стави крај на ваквиот манипулаторски начин на однесување и да се врати достоинството на сите вработени во кожарската и конфекционерската индустрија.
Виртуелните инвестиции на Груевски носат нула работни места и крајно лоши услови за работниците!
Затоа граѓаните имаат идеја: Збогум Никола!