НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Како ВМРО-ДПМНЕ дојде до партиски имот вреден 11 милиони евра!?

Прес конференција,
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Скопје, 27.10.2015

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ призна дека има купено огромен партиски имот низ цела Македонија. Станува збор за 63 објекти на различни локации со вкупна квадратура од близу 12.000 метри квадратни, во најголем дел купени во 2014 година.

 

Секогаш кога е фатена во криминал и сомнителни зделки ВМРО ДПМНЕ се обидува да избега од јавноста.

Партијата не одговори на клучното прашање, колку чини овој огромен имот на ВМРО ДПМНЕ?
Но, шилото на Никола Груевски повторно бодеше, бодеше и повторно проби. 
Ова е вистината: партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, најголем дел купен во 2014 година, вреди над 11 милиони евра!!!

Тоа се над 685 милиони денари, за партиски простории на ВМРО-ДПМНЕ.

Додека граѓаните мака мачат со сиромаштијата, нискиот стандард и не можат да обезбедат кров над главата, ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со милиони за своите партиски седишта.

Во Центар, на плоштадот Пела во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден речиси половина милион евра. Во Битола, вредноста на партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува над 260 илјади евра.

Во Влае, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден над 230 илјади евра.

Во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ купила партиски имот вреден 200 илјади евра, во Кочани над 120 илјади евра, во Штип над 120 илјади евра, во Кавадарци над 100 илјади евра...
Градежната вредност на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, споменикот над сите споменици на криминалот на Никола Груевски изнесува над 7 милиони евра.

А, според Закон политичките партии се непрофитабилни организации.

ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквиот начин на работа бил несфатлив за СДСМ. Точно. За СДСМ, за граѓаните, за секој чесен и домаќин човек е неразбирливо како во една година се купува милионски имот.

Ваквиот начин на работа може да биде разбирлив само за криминални структури.

Бидејќи само ВМРО-ДПМНЕ го разбира овој начин на работа треба да одговори на прашањето како успеала да стекне огромен имот вреден над 11 милиони евра?

Јасно е, додека се крадела државата се богатела не само фамилијата туку и партијата.
Ова е уште една причина зошто Груевски го крши договорот и се плаши од враќањето на правдата.
На Никола Груевски треба да му е јасно, бегање од одговорност за неговиот криминал, личен, фамилијарен, изборен, партиски, нема да има.

 

 

Одговори на новинарски прашања:

Медиуми: До каде е реализацијата на Договорот од Пржино и дали има на повидок разврска околу решенијата што се бараат да се постигнат?

Шилегов: Што се однесува до Социјалдемократскиот сојуз овој Договор е прекршен уште со неизбирањето на тимот на специјалниот јавен обвинител кога директно беше прекршен законот за специјалното јавно обвинителство. Едно е јасно од целиот овој процес на постигнување на Договор и негова имплементација, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е единствената политичка партија којашто државните интереси ги стави пред своите партиски интереси што само сведочи каква власт ќе бидеме.

Медиуми: Во дел од медиумите излегоа информации дека Социјалдемократскиот сојуз повторно ќе почне да објавува прислушувани разговори овој пат од собраниската говорница. Како го коментирате тоа?

Шилегов: Ние не коментираме медиумски шпекулации. Работата на СДСМ и односот кон јавноста на СДСМ секогаш е транспарентен, јавен и навреме најавен.

Медиуми: На вашиот фејсбук профил нели објавивте “тик-так-тик-так“, па прашањето е дали СДСМ повторно ќе го активира објавувањето на бомбите?

Шилегов: Одговорот е дека на Никола Груевски часовникот му отчукува.

Медиуми: Ако може поконкретен одговор, велите дека Договорот пропадна, условно така да кажеме и веќе не може да се спроведува понатаму бидејќи неколку рокови за неговата имплементација се поминати, не само за тимот на јавниот специјален обвинител туку и за министрите во Владата и замениците министри и т.н. Дали ќе продолжите со бомби и која е вашата идна стратегија?

Шилегов: Каков ќе биде нашиот ангажман на неколку пати повторуваме на време ќе ја известиме јавноста. Она што е фундаментално и битно за Република Македонија е да дојде до целосна имплементација на Договорот од Пржино во целост. Не може Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ да избегнат именување на целокупниот тим на специјалниот јавен обвинител. Значи мора да се испочитува тој закон. Не може Никола Груевски да избегне  одговорност и да избегне состојба во којашто министрите коишто треба да бидат именувани во техничката Влада на Република Македонија ќе ги имаат сите законски ингеренции. Тоа се работи од коишто не може да избега и неговото време одминува. Кажав и повторувам, СДСМ ќе направи `се и прави `се, и нема да дозволиме како политичка партија Република Македонија да го заземе колосекот на Белорусија на Балканот. Република Македонија нема алтернатива за својата евро-атлантска интеграција.

Медиуми: До кога ќе треба да се спроведе овој Договор кога најклучните точки  не се спроведувани и роковите се згазени. Кога е крајниот рок до кога Вие може да истрпите, условно така да кажам?

Шилегов: Социјалдемократскиот сојуз, повторувам, своите партиски интереси ги става зад државните интереси. Државен интерес на Република Македонија е нејзината евро-атлантска интеграција.

Медиуми: Ако може да ве прашам, гледам поседувате некои материјали, во врска со овие информации дека паријата ВМРО-ДПМНЕ купила имот од над 11 милиони евра. Дали поднесовте кривична пријава? Кој очекувате да го разреши ова прашање, специјалното обвинителство или она за организиран криминал?:

Шилегов: Партизираните институции не очекуваме дека ќе може да поведат постапка на одговорност за купен партиски имот.

Медиуми: Специјалното обвинителство?

Шилегов: Значи ќе си дојде време соодветно кога секој ќе одговара за своите злодела, според законите. Факт е дека Никола Груевски и криминалната структура околу него што и да направат во оваа држава кога-тогаш ќе мора да се соочат со резултатите од своите злодела.

Медиуми: Ако може уште едно прашање, доколку еве не се постигне Договор и нема разрешница околу спорните прашања за техничка Влада и за овие закони што се за свиркачите и за бомбите. Дали другите закони остануваат во игра и дали продолжува специјалниот јавен обвинител со она што е негова основна задача?

Шилегов: Интерес на Република Македонија и на СДСМ е Пржинскиот Договор во целост да биде интегриран и имплементиран. Парцијалните решенија по определени прашања не можат да бидат задоволителни за Република Македонија пред се, а потоа и за Социјалдемократскиот сојуз.

Медиуми: Советот ја јавни обвинители дали го прекрши Законот со тоа што тој протолкува колку соработници се потребни за Јанева?

Шилегов: Советот за јавни обвинители не само што го прекрши Законот туку ако гледате малку формално правно веројатно се стави во улога на помагач на извршител на кривично дело во прикривање на неговите траги. Специјалното јавно обвинителство во Република Македонија го избравме и се согласивме дека ќе го избереме со цел да ги преиспита фактите околу содржината на објавените телефонски разговори и незаконското прислушување. Со самото опструирање, односно кршење на Законот од страна на Советот на јавните обвинители, може да се доведе во прашање и нивната лична одговорност како поединци со тоа што го помагаат да не може да излезе правдината на видело.

Медиуми: Очигледно сите рокови се пробиени и останува се помалку време да се организираат избори. Станало ли збор за одложување на изборите на пример за онолку за колку што се пролонгирани роковите за изборен законик, за привремена влада и сл?

Шилегов: На Република Македонија и се неопходни фер и демократски избори, не и требаат избори по терк на Никола Груевски.

Медиуми: Апсолутно тоа е јасно. Но дали на работните групи се зборува на пример наместо на 24-ти април, да бидат на 10-ти мај, за онолку денови за колку што се касни, да се продолжи...

Шилегов: Нема средби на работните групи во периодов.

Медиуми: Како го толкувате вчерашниот настап на претседателот Ѓорѓе Иванов во Брисел?

Шилегов: Подобро ќе беше да намигнеше.

 

 

 

 

вторник, 27 октомври 2015




СДСМ