НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 36 - (Видео, докази) Шилегов: Има зошто Ставрески седел во Владата на Груевски

Обраќање, СДСМ
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Скопје, 31.05.2015 год.

Добар ден почитувани присутни, почитувани граѓани, преставници на медиумите,

Не веруваме дека веќе некој има дилема околу начинот на владеење на Никола Груевски и тесната група. Целта, почувствувавме, слушнавме, видовме, била една: останување на власт за моќ, за да се задоволат личните хирови и фрустрации, но пред `се пријатели - ЗА ПАРИ! Пари, не за народот, не за граѓаните, туку ЗА СЕБЕ! За исклучиво тесни и лични интереси.

 

Ние ветивме откривање на вистината до крај и тоа го правиме и со прес конференциите и со презентирањето аудио докази, како што најавивме, во попладневните часови, што имаат за цел да дорасветлат, дообјаснат факти, аргументи, што ги имаме споделено со јавноста. Но ова се аудио докази кои откриваат и нови скандали. Каде и да се чепне, толку се испреплетени врските и интересите на Груевски и функционерите, што од секаде излегува по некоја афера. И да сакаме да ги спакуваме во една папка, не бива.

Папкишта не се доволни.

Денеска лично од Јанкулоска ќе слушнете дека таа и нејзиниот сопруг Влатко купиле два стана. Тоа се тие два стана, надградени и проширени на поткровјето, за коишто прашавме колкави мансарди имаат и од каде толку пари имала екс министерката.

Но ќе слушнете и друго – прво, кој и ја дал идејата на Јанкулоска како да дојде до становите. Погодувате? Нејзиниот најблизок колега, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. Но ќе слушнете и дека во фамозната зграда на ВМРО-ДПМНЕ, на Димче Мирчев, број 20 до стан дошол и самиот Ставрески. Се сетил вицепремиерот Ставрески дека тоа што ја советувал колешката Горде може да го примени и за себе.

Грижата на вицепремиерот за финансии Ставрески не биле пари почитувани граѓани. Грижата му е како никој да не го види, додека го избира станот, погледот од станот, додека го опремува и на чие име да гласи. Оти ако го пријави на свое име, треба да каже и од каде му се парите за да го купи, нели?

Слушнете го разговорот помеѓу Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска.

 

Слушнавте лично од Јанкулоска и Ставрески дека ќе бидат соседи, ја слушнавте и дилемата на Ставрески, како да ја стокми “реализацијата“ на станот, па во контекст на тоа може да доистражите, дали Ставрески го сокрил станот за името на неговиот прв братучед Владимир Ефтимоски. Дали до станот на Јанкулоска се наоѓа тој стан, впишан во Катастарот на име на Владимир Ефтимоски. Дали тој братучед на Ставрески во моментов е претседател на Управниот одбор во Стопанска банка Битола и какви `се позиции и бизниси добиле првите братучеди на Ставрески, браќата Владимир и Сашо Ефтимоски. Испитајте.

Ние ќе продолжиме со аудио снимки, разговори меѓу Јанкулоска и нејзиниот помошник, Иво Котевски, што се потврда за становите на Јанкулоска, но и за дрскоста што им ја има овозможено на Груевски и функционерите, комоцијата во власта. Кога ја обелоденивме аферата Котевски ја предупредувал Јанкулоска дека јавноста и медиумите ќе толкуваат како луѓето немаат леб да јадат, а таа купила два стана, но одговорот на првата соработничка на Груевски, Јанкулоска знаете ли кој е: Е кој ќе објави бе Иво?!

Еве слушнете ги разговорите меѓу Иво Котевски и Гордана Јанкулоска.

На крајот, за да нема дилема, дека навистина Ставрески се сместил во блиското соседство на Јанкулоска во зградата на Димче Мирчев број 20 еве го последниот разговор за денеска, што тоа ќе ви го потврди.

Односно, ќе ви го потврди содржината на разговорот помеѓу Јанкулоска и сопругата на Ставрески, Антоанета. Од аудио снимката произлегува дека Зоран Ставрески веќе го реализирал замисленото, го купил станот и сега е на ред уредување на ентериерот: кожни гарнитури, квалитетни врати, плочки, паркет, тераси од фантазиите е темата на овој разговор меѓу министерката во тоа време, Гордана Јанкулоска и министерската сопруга Антоанета Ставреска.

По денеска обелоденетите докази веројатно станува појасно зошто големиот критичар на мегаломанството на Груевски, Зоран Ставрески, кој велеше дека државата нема за леб, а власта троши на чоколадо, уште е во Владата на Груевски. Кој знае уште колку чоколади тој самиот изел додека граѓаните немаат за леб и кој знае со уште што го држи Никола Груевски во неговата Влада.

Ова другари, пријатели, граѓани мора да запре. Не што забегале, се заборавиле. Ќе го прекинеме. Мора да си одат.

Груевски оди си и земи си ги со себе соработниците. Македонија ја бара вашата оставка и Македонија ќе ја добие вашата оставка!

...

Почитувани присутни, ве повикувам да останете овде, следува интересна дискусија, токму во смисла на признанието на Јанкулоска, дека под диктат на власта, најголем дел од медиумите нема ни да проговорат за скандалите што ја тресат Владата на Груевски. Страшна е состојбата и со приватните медиуми, коишто корумпирани од власта, се претворени во нејзин сервис, но недозволиво е јавниот радио-дифузен сервис, Македонската радио-телевизија, за којашто сите плаќаме радиодифузна такса, да биде она што е, мегафон на Никола Груевски. Дискусијата што следува е на тема: МРТ јавен сервис на граѓаните или огласна табла на Владата, бидете овде, да дебатираме и да ги испратиме пораките до Груевски и власта.

 

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Ваш коментар во врска со денешната изјава на премиерот Никола Груевски во однос на можноста да се формира политичка влада или некакво егзекутивно тело, дека СДСМ треба да научи што е демократија, прво да победи на избори после да избира премиер или министри...

Шилегов: Идејата на СДСМ е токму таа. На избори коишто нема да ги организира Никола Груевски, преку преодна влада да победи и да ја состави новата Влада на Република Македонија.

Медиуми: Ваш коментар околу пишувањата за одредени тепачки во кампот, одредени медиуми пишуваат дека постојат тепачки. Можете ли да искоментирате нешто?

Шилегов: Определени провладини или прогруевистички медиуми јавуваат за наводни конфликти во Кампот на слободата. Очигледно е дека на Никола Груевски му смета се што е симбол на слобода во оваа земја па токму затоа и го напаѓа овој камп со измислици. Колку да знаете овие денови додека сме ние тука тој не доаѓа во оваа зграда. Значи не може да поднесе да помириса слобода околу себе.

Медиуми:Денеска премиерот исто така изјави дека нема да има предвремени избори  и дека СДСМ ги крева очекувањата на јавноста дека ќе има преодна влада и евентуално предвремени избори. Кој е вашиот коментар на тоа?

Шилегов: Веќе рековме дека Никола Груевски не живее во реалниот свет и не може да ја согледа големината на политичката и веќе државната криза во којашто се наоѓа Република Македонија. Преодна влада во оваа држава мора да има со цел да се надмнат политичките проблеми, да се нормализира државата и нејзините институции, со цел да бидат спроведени предвремени нормални, фер и демократски избори.

 

 

 

недела, 31 мај 2015




СДСМ