НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 26 - (Видео, докази) Груевски нарачал пазар со ДУИ за Законот за бранители

Прес конференција
Благојче Трпески, претседател на ОО СДСМ Гостивар
Гостивар, 25.04.2015

Почитувани,

Вистината за Македонија продолжува од Гостивар. Граѓаните на Гостивар, без разлика на својата етничка и верска припадност, се приклучуваат кон враќањето на слободата, демократијата и правдата во нашата држава.

Денеска јавноста ќе слушне за злоупотребите на државните компании во Гостивар за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе слушне за пазарот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за локалните избори но и за партиските вработувања. Денеска јавноста ќе ја слушне вистината за Законот за бранители.

 

Започнуваме со сет од четири разговори кои покажуваат како се злоупотребуваат државните компании за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во првиот разговор од овој сет, Влатко Чингоски од позиција директор на ЕЛЕМ, бара од Александар Левковски, директор на ХЕЦ Гостивар, да обезбеди возило за партиските потреби на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар, за време на спроведување на пописот, којшто власта не успеа ниту да го спроведе.

Вториот разговор од овој сет ги потврдуваат партиските вработувања во ХЕЦ Маврово и покажува дека се оди дотаму и се примаат луѓе, по партиска директива, иако нема ниту просторни услови, па дури нема ниту работа.

Во третиот разговор, помеѓу Влатко Чингоски и Онер Јакупоски, директор на Националниот парк Маврово, се открива како за претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Дебар се бара подобро работно место, само затоа што било потребно овој Комитет да функционира подобро. 

Во последниот разговор од овој сет, ќе се потсетиме на директивата на Никола Груевски до Миле Јанакиески, радио Гостивар да го земе некој од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Да го слушнеме првиот сет на разговори: (Снимки: 1,2,3,4)

Следуваат два разговори помеѓу Влатко Чингоски и Сашо Аќимовски, пратеник и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар. Првиот разговор целосно ги разобличува злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ на државните институции во Гостивар. Ќе слушнете како дури и ангажирањето на волонтери во државните институции се прави со пазар помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ќе слушнете дека и за волонтирање во институциите е потребна согласност од партиската кадровска комисија на ВМРО-ДПМНЕ. 

Во следниот разговор, Аќимовски се жали што на списокот за примени волонтери во подрачните единици на ЕЛЕМ во Гостивар има повеќе Албанци од Македонци и дека тоа ќе биде пропаст за градот. Чингоски признава дека било договорено со ДУИ од 150 луѓе 28 да бидат од ДУИ. На крајот од разговорот, Чингоски го открива вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе слушнете уште една потврда дека ангажманот на волонтерите е само во предизборниот период и дека всушност никој нема да биде вработен.

Слушнете: (Снимки: 5, 6)

Слушнавте како ВМРО-ДПМНЕ се пазари со ДУИ за вработувањата. Е сега јавноста ќе го слушне лицемерието на соработниците на Никола Груевски и кон нивниот коалиционен партнер и кон граѓаните Албанци генерално.

Во разговорот што следува, помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, ќе слушнете како Гордана Јанкулоска, Албанците од нивниот коалиционен партнер ДУИ, ги нарекува со погрдни зборови. Однапред се извинуваме за недоличностите што ќе ги слушнете.

Еве го тој разгговор: (Снимка: 7)

Продолжуваме со сет од три разговори поврзани со локалните избори.

Првиот разговор е помеѓу Антонио Милошоски и Дарко Димитриески, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Гостивар. Јавноста ќе слушне како Димитриески признава дека изборната листа на советници од ВМРО-ДПМНЕ не е добра, дека нема луѓе со авторитет. 

Следува уште еден разговор, помеѓу Дарко Димитриески и Антонио Милошоски. Граѓаните ќе слушнат како паднала наредбата, за време на локалните избори 2013 година, членовите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за кандидатот на ДУИ, актуелниот градоначаник на Гостивар, Невзат Бејта. Граѓаните на Гостивар знаат дека без поддршката од ВМРО-ДПМНЕ Бејта немаше да биде избран за градоначалник на Гостивар. Според Димитриески, Руфи Османи реално бил фаворит на локалните избори.

Ќе слушнете и еден разговор на албански јазик, во кој и Фатмир Бесими од ДУИ го потврдува пазарењето со ВМРО-ДПМНЕ, членовите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за кандидатите на ДУИ во Тетово и Гостивар. 

Да ги слушнеме овие разговори: (Снимки: 8, 9, 10)

Почитувани граѓани,

Она што ќе го слушнете во продолжение не се однесува само на Гостивар, се однесува на цела Македонија. Јавноста го дозна вистинското, грдо лице на Никола Груевски. Омилената маска на Груевски, маската на наводниот патриотизам, е веќе симната. Денеска уште еднаш ќе го потврдиме лажниот патритизам на Никола Груевски. Денеска јавноста ќе ја дознае Вистината за Законот за бранителите.

Ќе слушнете осум разговори коишто целосно ја разоткриваат манипулацијата на ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за бранителите кој никогаш не се донесе. Се сеќавате дека ВМРО-ДПМНЕ глумеше наводна загриженост за бранителите кога го поднесе законот во Собранието. Се сеќавате дека негираа дека имаат договор со ДУИ. Епа се било лага.

Денеска јавноста ќе ја дознае вистината дека поднесувањето на Законот за бранителите е уште една измама, уште една голема лага на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ја слушнете вистината за оваа смислена игра, лично од Никола Груевски.  За Никола Груевски бранителите, луѓето што беа подготвени животите да ги дадат за оваа земја, немаат никакво значење. За Груевски тие се само карта во неговите раце, за да може да се пазари со ДУИ, кога ќе му затреба.

Во првиот разговор, помеѓу Никола Груевски и Силвана Бонева, лично од устата на Груевски ќе слушнете дека пред легнување му текнало една идеја, дури биле скарани со ДУИ да го пуштат Законот за бранители во собраниска процедура. Ќе слушнете како Груевски ја смислил целата манипулација законот воопшто да не се донесе и да се чува за пазарење со ДУИ.

„Ќе го паркираме и ќе чекаме момент кога ќе им треба на нив некоја битна работа“ вели Груевски.

Да го слушнеме овој разговор: (Снимка: 11)

Следува сет од 7 разгвори кои целосно го разобличуваат смисленото сценарио на Груевски.

(12) Во вториот разговор од овој сет јавноста ќе слушне признание од Гордана Јанкулоска дека поднесувањето на Законот во собранието повеќе е за, како што вели, „ефект во јавноста“.

(13) Во третиот разговор, Јанкуловска заклучува дека Законот може да се случи и да помине во Собранието за што предлага консултација кај Трајко Вељаноски. Овој разговор открива дека доколку навистина постоела волја кај ВМРО-ДПМНЕ да се донесе законот, тоа било реално остварливо поради поддршката на СДСМ и други помали партии. Се е јасно. За ВМРО-ДПМНЕ било важно нешто друго а не бранителите.

(14,15) Третиот и четвртиот разговор од овој сет, помеѓу Сашо Мијалков и Муса Џафери го открива договорот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ законот да се поднесе но никогаш да не се донесе.

„Не се секирај ќе биде исто се“ вели Мијалков и бара договор за сите детали кај собранискиот спикер Трајко Вељаноски.

Груевски ги изненадил и своите најблиски медиумски одработувачи.

(16)  Горан Иванов, сопственик на Сител телевизија, не е информиран за играта на ВМРО-ДПМНЕ околу законот. И главниот и одговорен уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас не знае што се случува иако претпоставува дека станува збор за некаков договор.

(17) Латас бара објаснување од Мартин Протугер. Ќе слушнете како Протогер го убедува Латас дека „се е под контрола“ и дека законот “нема да дојде до гласање“. Протугер открива дека повлекувањето на законот од собраниска процедура и повторното поднесување по итна постапка всушност е дел од манипулацијата на ВМРО-ДПМНЕ. За да ја затвори можноста СДСМ да го поднесе истиот закон, по итна постапка, а тука власта ќе ја нема контролата.

(18) На крајот Латас го информира Горан Иванов дека се е под контрола.

Слушнете ја вистината за Законот за бранители (Снимки: 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18)

Почитувани,

Тоа е вистината за Гостивар, тоа е вистината за Македонија.

Ве повикувам сите заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, заедно да се избориме за подобра иднина. Да не дозволиме ова зло никогаш повеќе да не се повтори.

Продолжуваме...  
 

сабота, 25 април 2015




СДСМ