НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 22 - (Видео, докази) Слушнете какви нелуѓе газеле во Штип

Прес конференција, СДСМ
Владимир Милошев, претседател на ОО СДСМ Штип

Штип, 18.04.2015 год.


Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Проектот Вистината за Македонија продолжува. Граѓаните на Штип се вклучуваат во враќањето на слободата, демократијата и правдата во Република Македонија.



Денеска ќе објавиме нови докази за упадот во автономијата на Универзитетот Гоце Делчев и негова злоупотреба за партиските и личните интереси на поединци во ВМРО-ДПМНЕ. Ќе слушнеме како и во Штип, фирмите и бизнисмените кои не сакаат да одработуваат за власта се уценувани и ставени под силен притисок.

Јавноста ќе слушне какво е мислењето за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во Штип а ќе се дознае и вистината за односите помеѓу функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Почнуваме со сет од два разговори.
Првиот разговор е помеѓу Антонио Милошоски и Саша Митрев, Ректор на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Ќе слушнете како, за да се добие согласност за вработување во Универзитетот е доволно некој да се повика на Антонио Милошоски. Лично Милошоски крои план како негов човек прво да волонтира а потоа да биде вработен на Универзитетот.

Вториот разговор е помеѓу две пратенички од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Надица Танчева Тулиева. Јавноста во Штип многу добро знае дека Универзиетот во Штип се злоупотребува за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ но и за лични интереси на функционери од власта. Во овој разговор ќе слушнете како се договара запишување на Силвана Бонева на Универзитетот Гоце Делчев. Самата Бонева вели дека е срамота додека пак Танчева ја уверува дека „ќе се истера работата“. „Уписот“ се договара да се направи преку луѓе блиски до власта.

Да ги слушнеме овие два разговори: (снимки 1, 2)



Следуваат два нови разговори. Првиот, исто така помеѓу Бонева и Танчева. Ќе слушнете што мисли пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Штип за поранешниот градоначалник од Штип, Зоранчо Алексов.

Во третиот разговор, помеѓу Ванчо Костадинов, актуелен заменик министер за земјоделие, тогашен директор на Централниот регистар, и Влатко Мијалков, директор на Царинската управа. Според Мијалков, поранешниот градоначалник на Штип, Алексов е „чуден човек“ па, како што вели, некои дури сметале дека и „со паметот не е малку“ во ред.  

Да ги слушнеме овие два разговори: (снимки 3, 4)

Го чувме мислењето на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за поранешниот градоначалник на Штип. Во следниот разговор, помеѓу Миле Јанакиески и Александар Николовски ќе слушнеме какво е мислењето за актуелниот градоначалник, Илчо Захариев, исто така од ВМРО-ДПМНЕ.

Да го слушнеме овој разговор: (снимка 5)
Почитувани штипјани, тоа се кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Треба ли воопшто да кажеме нешто друго за градоначалникот Илчо Захариев за кој, како што чувме, неговите сопартијци сметаат дека е „бандит невиден“.

Јавноста слушна за изборниот криминал на Никола Груевски во цела Македонија. Штип не е исклучок.

Следуваат два разговори. Првиот покажува дека на денот на локалните избори, 2013 година, Никола Груевски, преку неговата секретарка, бара во Штип да се забрза акцијата, особено со неопределените граѓани, за „сите да се извадат“, согласно списоците на ВМРО-ДПМНЕ.

Вториот разговор покажува дека Ванчо Костадинов, е ангажиран и во општина Центар. Костадинов, од позиција директор на Централен регистар, заедно со Миле Јанакиески, кројат план како пензионерите да се пратат во странство два дена пред локалните избори, и да се задржат на граница, само да не гласаат на изборите. Срамно и навредливо!

Еве ги тие два разговори: (снимки 6, 7)

Следува разговор кој уште еднаш ја покажува поклопеноста на државниот систем. Како вработувањата се реализираат исклучиво по партиска линија и како прво се одредува список на имиња па потоа врз основа на тој список од „кадрова“ се распишува оглас за вработување.

Да го слушнеме тој разговор помеѓу Ванчо Костадинов и Влатко Чингоски, тогашен директор на ЕЛЕМ: (Снимка: 8)

Јавноста слушна за упадот на Миле Јанакиески во Прилеп, за затворените фирми и драконските казни. Истото се случувало и во Штип. Приватни фирми биле под жесток притисок на власта. Оние што не подлегнале на притисокот, заканите за инспекции и драконски казни веднаш биле реализирани.

Следува сет од три нови, скандалозни разговори.

Во првиот разговор, помеѓу Миле Јанакиески и Ванчо Костадинов, се констатира дека приватната фирма „Ваго Петрол“ не сака да се предомисли, односно не сака да одработува за власта. Во вториот, Јанакиески дава налог за тоа да биде известена пазарна инспекција и директорот на УЈП Горан Трајковски.

Во третиот и последен разговор од овој сет, поранешниот градоначалник на Штип и директорот на Царина, Влатко Мијалков договараат кои бизнисмени од градот Штип треба да бидат притиснати а кои, како што велат, треба да бидат сотрени.  

Слушнете ги овие  три разговори: (Снимки: 9, 10, 11)

Почитувани граѓани,

Овие луѓе-нелуѓе не биле нечовечни и полни со гнев и омраза само кон неистомислениците.
Јавноста ќе слушне што мислат за своите сопартијци, функцинери, министри, за своите коалициони партнери.


Ќе започнеме од ресорот со кој раководи министерот за здравство Никола Тодоров.
Однапред се извинуваме за сите вулгарности, погрдни и недолични зборови што ќе ги слушнете.

Следува сет од три разговори помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески.

12) Јавноста ќе слушне што мислат Јанкулоска и Ставрески за министерот за здравство Никола Тодоров, но и за здравството воопшто. Дека Никола Тодоров направил најмногу стратешки грешки и дека најголемиот проблем во државата е во здравството. Дека Тодоров предизвикал исти проблем и во Министерството за образование но тогаш немало време да ескалира.

13) Ќе слушнеме како Ставрески констатира дека проблемот со здравството е проблем на граѓаните но и на цела Влада, генералано.

Слушнете: (снимки 12, 13, 14)

Личните навреди и меѓусебната омраза биле секојдневие за министрите во владата на Груевски. Тоа го покажува нивното човечко и културно ниво, нивните вредности. Но, за граѓаните тоа нема суштинско значење. На виделина излегува целокупната нивна неспособност.

Следува сет од седум разговори.

15, 16, 17) Јавноста ќе слушне какво мислење имаат Ставрески и Јанкулоска, овој пат за Миле Јанкиески и зошто.

18) Како Силвана Бонева е на тапет затоа што заклучила дека ѕидот на Стариот театар во Скопје е крив и неквалитетно направен.   

20) Ќе слушнеме и еден разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер кој открива дека Антонио Милошоски тајно гради куќа, во медитерански стил. Протугер потврдува малверзации од страна на Милошоски, околу земјиштето на кое се гради куќата но и околу пријавувањето на друг имот на Милошоски.

21) Како за Јанкулоска е чудно што Синдикатот на МНР го поддржала штрајкот на лекарите.

Да ги слушнеме овие разговори: (Снимки 15, 16, 17, 18, 19, 20, 21)

Еден човек, почитувани граѓани, беше овде во Штип, пред 3 недели. Запеа на митингот на ВМРО-ДПМНЕ. Проектот Вистината за Македонија го покажа вистинското лице и на овој човек, вмешан во корупциски скандали со милионски провизии за изградба на автопатишта.

Еве што мислат за вицепремиерот Владимир Пешевски неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ. Уште еднаш се извинуваме за вулгарностите и недоличните изрази:
(Снимки: 22, 23)

И следниот разговор се однесува за Владимир Пешевски. Но овој разговор открива и нешто друго, дека парите од кредитите со коишто власта на Груевски секојдневно ги задолжува граѓаните се злоупотребуваат пред избори. Како што вели Ставрески „ќе ги истурам компанииве пред избори, стопанството и граѓаните“.

Еве го тој разговор: (Снимка: 24 )
Ќе слушнеме уште два разговори.

25) Во првиот разговор од овој сет, помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер, ќе слушнете дека со погрдни, недолични и нечовечки зборови не се поштедени ниту коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, претставниците на ДУИ.

Следува разговор кој открива дека економската состојба на граѓаните во Македонија е толку лоша што дури и припадниците на специјалните полициски сили се принудени да одат во Авганистан. Јанкулоска, во разговор со Ставрески, открива дека и обезбедувањето на Ѓорѓе Иванов сака да замине во Авганистан а за тоа да се релизира ургира лично Иванов.  

Слушнете: (Снимки: 25, 26)

На крајот ќе слушнеме еден разговор помеѓу главниот и одговорен уредник на Сител телевизија, Драган Павловиќ Латас и сопственикот на овој медиум, Горан Иванов. Во интерес на времето, ќе објавиме само мал дел од овој разговор со кој се заокружува сликата за односите во ВМРО-ДПМНЕ.

Ве упатуваме на веб страната на СДСМ, да го слушнете овој разговор во целост.

Да го слушнеме овој разговор: (снимка 27)   

Почитувани граѓани. Ве повикувам сите заедно, да не дозволиме ова зло повеќе да се повтори.

Продолжуваме...

 

сабота, 18 април 2015




СДСМ