НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 13 - (Видео, докази) Груевски лажел за неговите парцели на Водно и за Космос

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 23.03.2015

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Целокупната јавност во земјава, во Европа, па и пошироко, ја следи актуелната состојба во Република Македонија, сите случувања и сите докази што откриваат огромни и незапаметени злоупотреби од страна на една власт, како што тоа го правела во случајов, власта на Никола Груевски.

 

Стана јасно кои се виновниците за деветгодишното чмаење на државата - дека Македонија и нејзините граѓани се заложници на тесна група, којашто владее за личен интерес, на Груевски и неговата криминална дружина.

Да се случеше ова во која било друга земја, макар и со минимум демократија, комплетната власт ќе си дадеше оставка, ќе се извинеше на граѓаните и ќе се повлечеше од политичкиот живот. 

Но тоа можат да го сторат само доблесни луѓе,  кои имаат минимум совест и морал.

Груевски не само што не е таков човек, туку тој, за да ја спаси сопствената кожа, како што може да се увериме, продолжува најдрско да лаже, да манипулира, па дури се осмелува да се заканува.

Тој најде да зборува за повикување на одговорност и да се заканува?!

Тој Груевски кој со неговите неколкумина соработници, здружено, исклучиво за лични цели и интереси, кршел Устав, закон, се изживувал врз луѓе и судбини...

Сега врти низ Македонија играјки на две карти, со молби: “не сум јас таков, стекнав искуство, дајте нова шанса“ и со закани, ако ова, за што моли, не му биде прифатено. А не му поминуваат заканите и самиот знае.

Не сака да разбере Груевски дека нема повеќе ни верба ни доверба народот во него, поради `се што им правел на  граѓаните на Македонија и на уште над 450.000 луѓе, кои поради неговите политики и злоби, морале да си ја напуштат родната грутка. Му остана само изнудената поддршка од оние кои зависат за парче леб и оние кои имаат финансиски интерес од неговото опстојување.

Ние ветивме дека на Никола Груевски повеќе нема да му дозволиме ниту да го лаже народот, ниту да манипулира со граѓаните, ниту да краде, дека ќе го разголиме во целост неговото вистинско, сурово и криминално однесување.

Ќе слушнете денеска конкретно како Груевски лаже, за скандалите што се обиде да ги негира.

Еве во ова соопштение, зад коешто се сокри Груевски од граѓаните, тој се осмели да “демантира“ дека немал градежни плацеви и имот за коишто граѓаните не знаеле.

Денеска ќе објавиме разговори коишто откриваат како Груевски го демантира Груевски.

Сите 6 аудио снимки во продолжение, се помеѓу Никола Груевски и неговиот извршител Миле Јанакиески.

Во нив, Груевски лично, прецизно, договара со Јанакиески каде и колкава ќе биде парцелата на Водно, на име на фирмата од Белизе, каде што управител е неговиот кум - за којашто бара: “да се прошири нагоре“, се интересира за “највисоката точка“, сака никој да нема “над него“, бара “пат“ што води до оваа парцела, тргува со плацеви, блиску до куќата на Тодоровиќ на Водно, како му е важно и `се да се среди “до април“, итн...

Слушнете.

 

Ако ова не е Никола Груевски, тогаш кој Груевски е? Не, ова е Никола Груевски по чиј налог зеленило и рекреативни појаси на скопјани на Водно, станале градежно земјиште. Од новиот Детален урбанистички план што Груевски насила сака да важи, се гледа дека станува збор за план за објекти, само на име на фирмата од Белизе, од 14.500 м2 развиена површина, коишто по денешна пазарна цена на чинење на Водно, ќе тежат над 17.000.000 евра!

За нечесниот Груевски, еве уште еден пример. Се сеќавате на одговорот на Груевски за злосторството што го направил врз милионската инвестиција, капиталниот објект “Космос“ за одмазднички цели?

Еве ја неговата изјава

Една народна поговорка вели: “Кој лаже, тој и краде“, но за крадењето во друга прилика.

Слушнете сега нови два разговора со коишто Груевски го демантира Груевски, овојпат за Космос.

Во овие разговори Груевски му признава на Јанакиески дека го лажел Фијат Цаноски дека му нашле грешки во градбата, а Миле Јанакиески уште предлага “да му најдат маана“ за целиот товар да падне на грбот на Фијат Цаноски против кого е насочен одмаздничкиот чин. Сето ова е со цел за да се спаселе од одговорност градоначалниците на Гази Баба и на Скопје, Тони Трајковски и Коце Трајановски, бидејки тие му дале одобрение за градба на Цаноски согласно закон, да го гради објектот што му го рушат Никога Груевски и Миле Јанакиески.

Груевски е фатен во стапица. Тој безочно лаже. Човекот има проблеми. Образот му станал ѓон. Но како и секој ѓон така и неговиот има свој рок на траење. А штом во ѓонот влезе шилото, како сега шилото на вистината, тој станува неупотреблив.

Почитувани граѓани,

Ете ова е “чесноста“ на Груевски и ова се неговите квази заложби за преродба на државата.

Ниту чесност, ниту преродба, ниту посветеност за доброто на граѓаните. Со години ја лажел цела Македонија. Бил алчен и уништувал човечки судбини.

Готово е Никола Груевски!

Немој повеќе да ја измачуваш Македонија.

Дај си оставка и остави ги соработниците да го направат истото.

Ќе следуваат докази за уште многу незаконски и криминални работи. Крај нема на нечесните и валкани игри. Досегашните телефонски разговори и оние што ќе следуваат во наредниот период, се дебела причина, не само за поднесување оставка, туку и за заминување на Груевски и на групата околу него, од политичката сцена.

Почитувани граѓани,

Испишани се најгрдите страници од историјата на Македонија.

Нема да дозволиме да се допишуваат нови грди страници.

Нема да дозволиме ова никогаш повеќе да се повтори.

Продолжуваме...

 

Одговори на новинарски прашања


Медиуми: Ваш коментар за Актор? Во Грција е покрената истрага...

Заев: Oвој предмет СДСМ го отвори во јавноста. До ден денеска нема одговор од Јавното обвинителство. Имавме прилика, преку еден медиум со национална концесија, да слушнеме што се случува околу овој предмет. Едно е јасно, oва е само еден дел од криминалите на Никола Груевски и неговата злосторничка дружина. Претпоставувате дека на толку докази во наши раце имаме докази и ова да го разобличиме до крај. Се надевам дека Јавното обвинителство коeшто долго молчи, ќе го превземе чекорот пред да ги објавиме доказите коишто конечно ќе потврдат инволвираност на Јавното обвинителство, ако не постапи по предметот. Се надеваме, и јас, и опозицијата, и граѓаните, дека ќе го обелоденат криминалот направен со Актор токму тие што ја водат истрагата, Јавното обвинителство на Република Македонија.

Медиуми: Која опција е прифатлива за опозицијата да се врати во Собранието. Прва опција, да се врати опозицијата во Собранието доколку се постави интерпелација на цела Влада, вклучително и премиерот, на дневен ред во Собранието.  Или втората опција, да се разреши сегашниот јавен обвинител и опозицијата да даде свој кандидат кој ќе биде усвоен. Која од овие две опции е прифатлива за опозицијата?

Заев: Ниту една од двете опции не е прифатлива.

Медиуми: Господине Заев слушнавме значи и денеска, од овие, досега 13 бомби, само двајца или тројца актери од албанските партии во овие бомби. А нема сериозност како што слушаме за актерите од власта. Дали мислите набргу навистина да се дадат конкретни факти, ако има, и за албанските актер? Затоа што сепак некако постои во јавноста, тоа, дека ги штитите. И на конгресот на Зијадин Села се даваа примероци како може да се излезе од оваа ситуација, дали пример странски амбасадори да формираат Влада со конкретни точки да се излезе од кризата. Како коментирате?

Заев: Ќе бидам краток по основ на првиот дел од прашањето. Неколку пати повторивме, сè што постои кај нас а покажува криминал, незаконско дејствие или неетичко однесување на штета на државата ќе го обелодениме. Гледате внимателно го водиме целиот овој процес. Не од причина дали тоа некого ќе надразниме, лошо ќе реагира или слично. Вистината нема цена. Проблемот е подготовка на народот за се што следува. Заради тоа, согласно нашите планови и сценарија, сè ќе дојде на свое место и ќе биде обелоденето за граѓаните. Притоа, реков, во некои од предметите коишто ќе ги обелодениме, одредени групи, политички, граѓански и сл. имаат различни очекувања од тоа што е вистината. Но вистината ние ќе ја обелодениме, вака автентично, со разговори од почеток до крај. За било што, без разлика дали се работи за случаи коишто тангираат албански политичари, македонски политичари, нешто е поврзано со Албанците, со Македонците, Турците, Ромите, Власите, без разлика за кој.
За второто прашање, ние сме еден дел од нашето население, преточено во опозиција што ја води оваа борба и битка за враќање на слободата и демократијата. Секој е добредојден да ни се приклучи. И сега е моментот да ни се приклучи. Кога ќе биде јасно дека заминува Груевски после борци ќе се јават многу. Добредојден е секој, и политичар, и граѓанин, и неопределен да се приклучи. Гледате дека го водиме целото ова на многу внимателен начин. Нашата цел е Македонија да излезе како победник од оваа ситуација. Да не се повтори ова што досега се случувало во државата. Но, да биде и ветар во грб, идните политичари на крај памет да не им дојде да помислат на вакви работи. Не само за прислушувањето туку и за суштините на овие разговори, криминалните и незаконските дејствија што ги покажуваат на јавноста, да не ги повторат идни донесувачи на одлуки во Република Македонија. Истовремено да даде шанса за нова иднина, подеднакво, на сите граѓани во оваа наша мала но многу перспективна земја.

Медиуми: Господине Заев и вие велите дека нема да дозволите дестабилизација и Груевски вели дека нема да дозволи дестабилизација. Што значи тоа? Можеме да бидеме сигурни дека нема да има дестабилизација?

Заев: Тоа најверојатно значи тоа. Се надевам дека сите политички чинители, Заев, опозицијата, власта, се конечни во намерата да не дозволиме дестабилизација. Груевски со овие закани коишто ги наметнува, она што го прави во моментов за да ја спаси својата сопствена кожа, ја испраќа пораката на дестабилизација. Свесен или не, еве јавноста нека коментира. Ние се бориме со зборот и со овие докази. Тој се бори со сите институции и инструменти што му стојат на располагање и се заканува кон семејства коишто не се од политичката врхушка на опозицијата, директно закани испраќа. Една работа. И да сака Груевски, вака потсвесно, дестабилизација, повеќе тоа нема да му успее. Затоа што како никогаш порано етничките заедници се здружени во единствената цел да ја вратат слободата и демократијата. Тоа не зависи повеќе ниту само единствено од Никола Груевски. Но, секако не постои цена за слободата и демократијата и нивното враќање, така и за стабилноста на нашата земја. Мораме да бидеме сите внимателни на нивото на коешто сме. Граѓаните го очекуваат тоа од сите нас, без разлика дали сме политичари, новинари, здружение на граѓани, дали водиме или сме граѓани.

 

 

понеделник, 23 март 2015




СДСМ