НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 11 - (Видео) Силни притисоци, рекет, местенки на Груевски да ја добие Струмица

Прес конференција, СДСМ
Панче Орцев, пратеник
Струмица, 18.03.2015 год.


Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Проектот Вистината за Македонија, како најпатриотски чин за спас  на државата и враќање на слободата, демократијата и правдата во нашата татковина го децентрализираме, за вистината да допре насекаде и до секого.

 

По општина Центар, денеска сме во Струмица, рак-раната на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, градот којшто и покрај многуте валкани и недемократски  криминални дејствија, никогаш не успеаја да го освојат.

Знаевме дека се врши класична и брутална злоупотреба на власта.

Денеска и ќе слушнат граѓаните на Струмица, лично ќе се уверат, лично од Никола Груевски и неговите неколкумина соработници, што се правеле за да ги добијат изборите. Како ги притискале граѓаните, како ги малтретирале фирмите, како се изживувале со нашите сограѓани Роми, за да ја задоволат својата пуста желба да го поразат градоначалникот Зоран Заев и да ја стават и Струмица под своја контрола.

И денеска ќе слушнете и колку неверојатно силна им била таа желба. Во какви законски прекршувања влегле, само да ги добијат изборите, кои, за нивна жал, за наша среќа, ги загубија.

Дел од овие разговори веќе имавте можност да ги слушнете во претходните прес конференции на претседателот Заев, но поголем дел од нив за прв пат ќе ги слушнете.
Во првиот сет од 6 телефонски разговори ќе слушнете:

1. Како Миле Јанакиески со извесен Џоко од УЈП, по препорака на директорот на УЈП, Горан Трајковски, договара инспекции во Турското маало, што треба да направат притисок врз луѓето
2. Како Спиро Ристовски дава налог на Јанакиески за инспекции, а министерот за транспорт се фали колку успешна акција спровел во Ново село, но како и самите го признавaат криминалот во своите редови
3. Ќе слушнете како директорот на УЈП, Горан Трајковски се фали за изживувањето врз струмичките дуќанџии и стопанственици кои добиле казни и по 4.800 евра, како Јанакиески се сити дека било, цитирам: “пиштење и вриштење“, како договараат инспекции во 4 дуќани во Турското маало
4. Ќе слушнете како притисоците врз струмчани помагал пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Славе Гошев,
5. Како дневно се брифирале по колку пазарни, трудови и даночни инспекции да има во Струмица и за релацијата на Јанакиески со Џоко Кличев во врска со откупниот центар Агрикор
6. Ќе слушнете како Силвана Бонева признава дека фирмите и граѓаните се рекетирани, а како лично Никола Груевски бара таа да разграничи дали станувало збор за рекет, или според Груевски, за “спонзорство“ – оти “спонзорство“ значело “му викаш, ако можеш помогни ми“.
Еве ги првите 6 разговори.


 

Во вториот сет од 5 разговори:


7. Ќе слушнете како министерот Јанакиески договара правење 300 лични карти со началникот на СВР Струмица, Марјан Наковски
8. Како истиот Наковски признава дека обвинителот бил НИВЕН!
9. Како Јанкуловска им дава инструкции на пратеникот Васил Пишев каде што имале тесен резултат да не потпишуваат записници, оти потоа луѓето ќе ги ваделе “за уши“
10. А таков налог дава и на пратеникот Славе Гошев
11. На овој начин, според Јанкулоска во вториот круг “неколку илјади ќе начукале разлика“.
Еве ги следните 5 разговори.


Третиот сет телефонски разговори се однесува на прегласувањето на последните локални избори во Струмица и на обидот на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, изборниот пораз да го претворат во победа.
12. Ќе слушнете лично од Никола Груевски како му се фали на нивниот медиумски пропагандист, Драган Павловиќ Латас дека го “зафркнале“ градоначалникот Заев, зашто договорил поддршка од ДПА на Мендух Тачи.
13. Како братучедот на Груевски, директорот на УБК, Сашо Мијалков бара од Тачи поддршка во ДИК за да издејствува прегласување во Струмица
14. Како сервилниот Тачи веднаш истото барање го испорачува до нивниот член во ДИК, Бедредин Ибраими
15. Потоа ќе слушнете почитувани граѓани, колку Јанкуловска и Јанакиевски се среќни што постигнале прегласување во Струмица и како договараат понатаму да “нагазеле јако“, па и “цела Влада“ да биде на прегласувањето во Струмица“
16. И за крај од овој сет е разговорот помеѓу Јанкуловска и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, преку којшто се открива целосната злоупотреба на полицијата во партиско – изборни цели.
Да слушнеме.

Во следните два разговора ќе слушнете почитувани граѓани, ќе слушнете:


17. Како Гордана Јанкуловска и Никола Тодоров прават договор, какви да ги претстават изборите, со инциденти или мирни,

18. И како потоа Јанкулоска во разговор со Зоран Ставревски признава дека пукањето од пиштол на нивниот партиски војник, инаку сопруг на директорката на струмичкиот затвор, “глумеле“ да го претстават како пукање со “гасен пиштол“.
Следуваат овие два разговора.

На самиот крај на оваа прес конференција ќе слушнете и еден разговор што излегува од темата изборни криминални нерегуларности во Струмица.

Но овој разговор, почитувани граѓани и почитувани претставници на медиумите, го заслужува вниманието на целокупната јавност бидејќи е уште една голема потврда за контролата на Груевски и неговите соработници врз првите луѓе во правосудството во Република Македонија.

Тоа е разговор од 2011 година, замислете, помеѓу министерот Миле Јанакиески и тогашниот претседател на Врховниот суд на Македонија, Јово Вангеловски! Разговорот се однесува на случајот Глобал.

Недозволиво, претседателот на Врховниот суд се слуша со човекот кој по својата функција е една од странките во случајот Глобал.
Слушнете.

Ете толку е “независно“ правосудството во Македонија. Ете ваквото “независно“ правосудство го креираше случајот Глобал. Сега е јасно и колку имало, односно НЕМАЛО случај Глобал, дека случај креирала власта на Груевски, истата таа влас којашто до ден денеска преку медиумите под нивна контрола манипулира со аболицијата на Зоран Заев.
Вакво  нешто, да се договараат, претседател на највисоката судска инстанца, задолжена да го штити правото на граѓаните, Врховниот суд и министер во Влада е незамисливо и за тоталитарните земји во светот!

Но шилото на вистината проби и ги разби сите филмови на Никола Груевски и неговите соработници и сите нивни зла што ги правеле на луѓето, само за да се одржат на власт.

Почитувани граѓани,

Сето ова, што е мал дел од доказите што постојат, докажува и покажува дека во Република Македонија нема Д од демократијата, П од правдата и С од слобода.

Само ова што го слушнавте денеска во презентираните телефонски разговори, на свој грб го почувствуваа голем дел наши сограѓани, работници, земјоделци, бизнисмени, пензионери, луѓето приматели на социјална помош.

Сега е јасен и потегот на Никола Груевски деновиве во Струмица, со цел да ја продлабочи политичката криза во државата. Во обидот за спас на сопствената кожа, им нареди на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, да напуштат седница на Советот, зашто ако бил оспоруван неговиот легитимитет, тогаш тие ќе ги спореле трите победи на градоначалникот Зоран Заев во Струмица.

Не, Да беа фер и демократски изборите, тие избори Зоран Заев ќе ги добиваше со огромна разлика! Денеска тоа е кристално јасно од дел од доказите за изборниот криминал што ги слушнавте.

Вистината за Македонија и “бомбите“ на Зоран Заев и на СДСМ, почитувани граѓани,  не ја уриваат државата туку ќе ги урнат оние кои систематски ги уриваат сите државни вредности и основни граѓански права.

И тука нема да застанеме.

Вистината за Македонија мора да допре до секој наш граѓанин, до секоја педа земја во оваа наша Македонија.

Само така ќе ја спасиме нашата татковина, во која слободно ќе дишеме, ќе се движиме, ќе говориме.

Ова зло, да не дозволиме никогаш повеќе да не се повтори.

Продолжуваме со објавувањето на Вистината за Македонија.

среда, 18 март 2015




СДСМ