НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

СДСМ поднесе кривична пријава против министерката Канчевска Милевска

Изјава за медиуми, СДСМ                                                                                                                

Петре Шилегов, Портпарол на СДСМ
Скопје , 27.12.2013г.


Почитувани,

Ја информираме јавноста дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, до Јавното обвинителство на Република Македонија за гонење на организиран криминал, поднесе Кривична пријава против министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, против поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и советниците на Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат.

Во име на еднаквиот третман на сите пред лицето на правдата, поднесовме кривична пријава за основано сомневање за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон,  и нанесена штета на  Буџетот на РМ во вредност од над 3,5 милијарди денари или повеќе од 58 милиони евра.


Се сомневаме дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и 8 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја (ЗМССО) прво обвинетата учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставила 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен - обележја. Иако од содржината на истите и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека се работи за изградба на меморијални споменици, за не е надлежна општината туку Собранието на РМ.

Имајќи ги во предвид законските одредби и милионската штета по буџетот, бараме итно постапување на  Јавното Обвинителство, со што ќе докажат дека немаат селективен пристап и дека сите се еднакви пред законот.

Притоа очекуваме, Јавното обвинителство да ги разгледа можностите дали министерката за култура Канчевска Милевска може да го повтори делото, имајќи предвид дека се уште е на истата функција.

Институциите треба да проценат и дали министерката за култура може да влијае на сведоците и дали може многу лесно да се впушти во бегство надвор од државата?

СДСМ има обврска пред граѓаните на секој можен начин да даде придонес во расчистување на милионскиот криминал поврзан со „Скопје 2014“.

Државните институции се должни да реагираат.


петок, 27 декември 2013




СДСМ