НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Епидемијата на морбили е само последната потврда за неспособноста на Владата на ВМРО ДПМНЕ

Прес конференција, СДСМ
Д-р Добрила Андоновска, хирург во Градска хируршка болница Скопје, член на координативното тело на жени на СДСМ
Скопје, 16.04.2011 година

 

Почитувани,

Симптоматично е како во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ се случуваат најголемите катастрофи во македонското здравство. Кога станува збор за реклами и фалење, Груевски е прв за сечење ленти, но кога станува збор за реалните состојби во македонското здравство него никаде го нема. Само да потсетиме, откако изгубија контрола над свинскиот грип, откако создадоа хаос и паника со сезонскиот грип, откако министерот за здравство ги обвини граѓаните дека самите се виновни што се болни, сега се прашуваме кој ќе биде следниот неодговорен чекор?!

Тоа што е сигурно е дека епидемијата на морбили е само последната потврда за неспособноста на надлежните. Единствената мерка која министерот за здравство ја презема во моментот е засилено вакцинирање. Ова повеќе звучи како бизнис идеја, отколку како сериозна здравствена мерка. Масовното вакцинирање никогаш не се практикува во екот на епидемија, затоа што е потребен период да се создаде имунитет што не е доволно да се спречи епидемијата. Од друга страна, нејасно е зошто не се преземаат дополнителни мерки и зошто во оние зони каде епидемијата е најраширена, училиштата и градинките регуларно работат.

Министерот за здравство најави задолжителна вакцинација на децата од 6 месечна возраст па нагоре. Зошто дури сега се најавува оваа мерка, а не пред 2 месеци?! Дали министерството требаше да чека епидемијата да се развие, па потоа да предложи ваква мерка?!

Прашањето кое нужно се наметнува е и зошто во изминатите години опаднал бројот на вакцинирани лица и зошто Македонија од земја лидер во регионот почна да наликува на африканска земја каде нема вакцинација? На што се должи колективниот пад на имунизацијата на населението во Македонија? Дали на министерството наместо приоритет да му биде здравјето на населението, приоритет им е вработувањето на партиски војници во здравствените установи?

Покрај 5-годишната интензивна партизација на здравството, сега е најавена нова предизборна портокалова тура на партиски послушници чија единствена задача е да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Евидентно е дека власта, која како и за сите други клучни проблеми е силна само на зборови, комплетно ја запушти превентивната медицина. Драматичен е фактот дека  Владата на Груевски во последните 5 години не дава пари за специјализација на педијатрите. Очигледно тоа е причината зошто, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, се појавуваат епидемии и зошто во нивно време загрижувачки се зголеми смртноста кај доенчињата и малите деца. Државната негрижа создава и дополнителни трошоци за болничко лекување.

Здравството е доволен доказ колку Груевски се грижи за граѓаните во оваа земја.
Г-дине Груевски, на граѓаните не им требаат вашите „портокалови“ скапо платени со народни пари реклами, на нив им треба квалитетно здравство. А тоа ќе го добијат, после 5 јуни, кога СДСМ ќе ја формира новата Влада.

 

 

сабота, 16 април 2011




СДСМ