НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Тевдовски: Градиме едно општество

Прес конференција,
Драган Тевдовски, претседател на Комисија за економија
Скопје, 05.11.2015


Почитувани граѓани,

Нашата цел е да ја победиме нееднаквоста во општеството и да ја вратиме средната класа!

 

 

Четири недели досега дебатираме со граѓаните за првите четири столба од Визијата за Македонија. Првиот столб спречува злоупотреби на државните ресурси од страна на малата група на луѓе на власт. Вториот столб овозможува прераспределба на доходот од најбогатите кон мнозинството осиромашени граѓани. Третиот столб обезбедува фер плати и вработување преку државна поддршка на домашните претпријатија. Четвртиот столб овозможува подигнување на најважните сфери во општеството, како образованието, здравството по успешни европски модели.

Ние сме решени да го подигнеме и петтиот столб во Визијата за Македонија: ГРАДИМЕ ЕДНО ОПШТЕСТВО.

Зошто е потребен?

Петтиот столб става крај на градењето различни колосеци во нашето општество. Тие водат кон различни поделби на граѓаните, меѓу кои и најризичните поделби за Република Македонија, поделбите по национална основа.

Актуелната власт ги користи етнички разлики како инструмент за политичка борба.  Ги подгрева во зависност од своите интереси, кога и требаат да го одвлече вниманието на граѓаните од нивните реални проблеми. Стимулираат раздор и поделеност, наместо толеранција и доверба.

Знаете ли зошто го прават тоа?

“Големите патриоти” на власт, кои и да се, Македонци, Албанци, етничките тензии успешно ги користат да ја маскираат нефер распределбата на доходот. Тема секогаш да биде национализмот, а не животниот стандард на граѓаните којшто вртоглаво паѓа. Мнозинството граѓани да се занимава со поделби, додека се богати малата група на власт. Само кај неа не игра улога националноста, туку интересите.

Петтиот столб на Визијата за Македонија, Градиме едно општество, става крај на ваквите политики.

Фокусот го пренасочуваме од етнички тензии кон реалните разлики помеѓу богатите и осиромашените граѓани. Тие влијаат на спречување на злоупотребите и праведна распределба на доходот во Македонија.

Бидејки во мнозинството осиромаши граѓани се сите и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Власи, и Роми, и Бошњаци, и сите други кои живеат во нашата држава. Со политики насочени кон баланс на т.н. социјални тензии ќе ја вратиме средната класа и ќе обезбедиме економски стабилно општетство за сите.

Македонија е традиционално богато мултикултурно опшество. Ова е вистинско културно богатство, не е хендикеп и ние така ќе го развиваме.

Затоа, градиме едно општество. Градиме толерантно општество, без поделби, без дискриминација по каква било основа!

Поттикнуваме програми коишто заедно со мерките во образованието, социјалната политика, културата, треба да ги ослободат нашите деца од етничките и други предрасуди и да овозможат комуникација на меѓусебно почитување.

Дебати за тоа како да градиме едно општество организираме:

  -  Утре во Крушево со почеток во 19 часот
  -  Во сабота во Гостивар со почеток во 19 часот
  -  Во недела во Скопје со почеток во 11:55 часот во објектот на Скопски саем

Ве покануваме да дојдете. Ветуваме дека ќе го разгледаме секој предлог, секоја критика, секоја сугестија, став, со цел да изградиме поцврст Петти столб во Визијата за Македонија.

четврток, 05 ноември 2015




СДСМ