НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Нова енергија во евро-атлантските интеграции на Македонија

Прес конференција,
Лидија Димова, претседателка на Комисијата за европски прашања,
Скопје, 26.10.2015

Почитувани граѓани,

Ја реафирмираме евро-атлантската агенда на Македонија!

 

Погрешно да се мисли дека членството во НАТО и ЕУ само по себе ќе ја подобри иднината на граѓаните и на земјата. Но, интеграција во ЕУ и НАТО е сепак најдобра алтернатива.

Членството во НАТО значајно ќе ја зацврсти безбедноста на државата. Членството во ЕУ само преку  Европскиот социјален фонд ќе донесе десетици милијарди евра што води до нови вработувања, реални, а не виртуелни како сега. 

Членството во ЕУ и НАТО го отвораме како внатрешна политика, бидејќи реформите при интеграциите го подобруваат секој дел од општеството.

Еве некои од приоритетите во Визијата за Македонија, а за сите останати ќе зборуваме заедно во дебатите во следните 10-тина дена.

1. Градиме безбедна иднина на Македонија. Одбрамбен систем со којшто Армијата е оспособена да се соочи со сите безбедносни ризици на денешнината
Овозможуваме образование на достоинствен, почитуван војник, подофицер, офицер, кои нема да работат со стари скинати чизми и тесни излитени униформи
Се фокусираме на подобрување на животниот стандард на припадниците на АРМ, како на професионалните војници во армиите на НАТО.

2. Сите области, образование, здравство, животна средина, локална самоуправа, култура, ги поставуваме исклучиво според потребите на граѓаните, по модерни, ефикасни стандарди од земји на ЕУ. За сите реформи граѓаните се навремено информирани. Мислење на граѓаните нема да се бара само на референдумот на крајот од преговорите за членство во ЕУ, туку ќе бидете постојано во тек со напредокот во пристапувањето на земјава кон ЕУ.
Европската помош ќе биде ставена во функција на европеизација на целата држава.  Средствата од ИПА II фондот одат и кон општините, училиштата, невработените, синдикатите, работодавачите, малите и средните претпријатија, граѓански организации, универзитети, истражувачките центри...

3. Уште на почетокот на мандатот отвораме јавна расправа за длабока реформа во образовниот систем. Ништо нема да биде преземено без согласност со стручната јавност и граѓаните. За стратешките цели на државата ќе градиме државен консензус.

Го враќаме предучилишното образование во образовниот систем. Ги намалуваме предметите во основното и средното образование.
Имаме мерки што овозможуваат работа на најдобрите студенти веднаш по завршувањето на студиите и нивно задржување дома. Градиме студентски универзитетски центар и помагаме во студентскиот стандард.

4. Клучно за здравството е што создаваме квалитетно и достапно јавно здравство за сите. Со брзи услуги. Го враќаме достоинството на лекарите. Ги зголемуваме платите, од специјалистите до месечните примања на медицинскиот персонал.
Лековите, вакцините се избираат по квалитет, а не по цена.
Отвораме амбуланти во руралните средини.

Воспоставуваме нов систем за ефикасна итна медицинска помош.

5. Ги поставуваме сите европски и светски стандарди за чиста и здрава животна средина. Загадувачите мора да инвестираат во нови технологии. Обезбедуваме пакети од грантови и поволни кредити за помош и нивно приспособување кон еколошка животната средина.

6. Го враќаме идентитетот и дигнитетот на творецот и културниот работник.

Ја зајакнуваме улогата на публиката во културниот живот.

Затоа велиме, потребна е нова енергија во евро-атлантските интеграции на Македонија.

Дебати за тоа како да се обезбедиме европска иднина и квалитетен живот организираме:

 Утре во Гевгелија со почеток во 19 часот
 Во среда во Скопје со почеток во 11:55 часот во објектот на Скопски саем
 Во петок во Скопје со почеток во 11:55 часот во објектот на Скопски саем
 Во сабота во Крива Паланка со почеток во 19 часот
 Во недела во Велес со почеток во 19 часот
 Во понеделник, на 2 ноември, во Струга со почеток во 19 часот
 Во вторник, на 3 ноември, во Куманово со почеток во 19 часот
 Во среда, на 4 ноември, во Скопје со почеток во 11:55 часот во објектот на Скопски саем

Ве покануваме да дојдете. Ветуваме дека ќе го разгледаме секој предлог, критика, сугестија, став, со цел да изградиме поцврст Четврт столб во Визијата за Македонија.


 

 

 

понеделник, 26 октомври 2015




СДСМ