НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

За 400 отсто ги зголемуваме парите за поттик на вработувања

Прес конференција,
Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии,
Скопје, 19.10.2015


Почитувани граѓани,

Клучен приоритет е поттикнувањето вработувања во приватниот сектор. Затоа уште во првата година, за 4 пати во однос на просекот од претходните години, ќе ја зголемиме сумата којашто се издвојува за активни мерки за вработување и таа ќе изнесува 22 милиона евра.

 

Бројот на лицата кои директно ќе се вработат со овие мерки очекуваме да изнесува во просек 16 илјади лица на годишно ниво.

Воведуваме регионален пристап во креирањето активни мерки за вработување. Во зависност од состојбите во осумте плански региони, се креираат активни програми за вработување со активно учество и поддршка на локалните заедници.

Средствата за финансирање на активните мерки за вработување се обезбедуваат на два начина во државниот буџет:

  • Со пренамена на парите од непродуктивната потрошувачка, како на пример трошења за административни згради, споменици, прескапи огради.
  • Со ослободување средства како резултат на максималното зголемување на транспарентноста во јавните трошења при имплементацијата на Првиот столб од Визијата за Македонија.

Наш приоритет се и големи јавни инвестиции, пред сѐ во енергетиката, за чијашто изградба актуелната популистичка власт нема интерес, а без кои нема економска иднина.

Ние ќе работиме на обезбедување државен консензус за неопходни крупни инвестиции во Македонија во следните 15 години - до 2030 година. Тоа значи преземање обврска од страна на сите партии, која и да е на власт, да ги реализира тие крупни и важни инвестиции со вложување од најмалку 500 милиони евра годишно. Актуелниот ad hoc пристап за вакви проекти само штети на земјава и нема развојна цел.

За да го олесниме финансирањето на овие крупни инвестиции, формираме компанија со доминантна државна сопственост (51%) преку којашто се насочуваат дел од инвестициите во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија.

Почетниот капитал на компанијата е 300 милиони евра од кои 153 милиони евра би биле учество на државата, а за останатите се прави емисија на акции кон заинтересираните лица.
Во приоритетите е и земјоделството. Таму субвенциите не секогаш завршуваат кај вистинските земјоделци. А, речиси кај сите култури и гранки има намалување на посеаните површини и пад на вкупното производство. Увозот на храна е повеќе од двојно поголем од извозот.

Еве неколку решенија:

  • Субвенциите за земјоделство ги зголемуваме на 160 милиони евра. Ќе бидат навремено и во целост исплаќани. Субвенциите се доделуваат со исплата во одреден период од годината, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни: на сточарите во јули, кога е најевтина добиточната храна; на полјоделците во септември за да ја отпочнат сеидбата на житните култури; на лозарите и овоштарите во март, пред почетокот на новата реколта; на градинарите во мај; на тутунопроизводителите по завршување на откупот на тутунот. 
  • Субвенциите се мерка што треба да има ефект во развој и професионализација на земјоделството. Затоа, покрај основната субвенција, субвенционираме повеќе за 20% за секој следен хектар или 30% за секое следно грло добиток.
  • Ќе спроведеме ревизија на доделеното државно земјоделско земјиште и ќе обезбедиме негова праведна распределба на вистинските земјоделците.

За вториот дел од столбот ќе зборуваме во втората половина од неделата. Тој предвидува програма „Гаранција за младите”, што ќе овозможи секој млад човек да добие понуда за вработување, утврдување минимална плата за сите веднаш, повисока од сегашната, обезбедување хумани услови за работа.

Дебати за тоа како да се обезбеди развој на домашните капацитети и пристојна работа организираме:

  • Денеска во Кавадарци со почеток во 19 часот
  • Во среда во Скопје со почеток во 11:55 часот во објектот на Скопски саем
  • Во среда во Струмица со почеток во 19 часот
  • Во четврток во Битола со почеток во 19 часот
  • Во недела во Скопје со почеток во 11:55 часот во објектот на Скопски саем
  • Во недела во Штип со почеток во 19 часот.

На овие дебати ќе слушнете конкретни чекори што планираме да ги преземеме за стабилен енергетски систем, за модерна инфраструктура, за развојно земјоделство, како и за темите што ги отворивме денеска, развој на домашните претпријатија и обезбедување пристојна работа.
Ветуваме дека ќе го разгледаме секој предлог, секоја критика, секоја сугестија, став, со цел да изградиме поцврст Трет столб во Визијата за Македонија.

 

 

 

понеделник, 19 октомври 2015




СДСМ