НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Тевдовски: Создаваме одговорна власт и контрола над власта

Прес конференција,
Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ
Скопје, 05.10.2015 год.

Првиот столб

Првава недела од проектот Визијата за Македонија е посветена на Првиот столб.

 

Ние мислиме дека се додека не се постави одговорна власт, но и не се обезбеди независна контрола врз власта, секогаш мала група луѓе на власт ќе наоѓа начини како парите да завршат главно кај неа. И понатаму лесно таа група прави `се што е од нивна корист. Не е важно дали се зголемуваат, на пример, парите за вработување, надоместоците за социјална помош, субвенциите во земјоделието, буџетот во културата. Се додека има можности комотно да владее малата група на власт, додека таа ги контролира институциите, а не тие неа, секогаш таа мала група на власт ќе добива `сe, а сите останати по некоја “коска”.

Затоа, борбата за средната класа започнува токму тука. Затоа е потребен Првиот столб.

Тој обезбедува услови за одговорна власт. Неговата суштина е целосно да го разголи работењето на луѓето на власт преку воведување нивна отчетност и транспарентност.

Еве само некои од мерките:

  1. Буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија се обврзани да достават до Министерството за финансии детални месечни извештаи за исплатата на доделените пари од Буџетот на РМ, заедно со обврските што ги превзеле, а не платиле. Овие податоци се објавуваат на Веб страницата на Министерството за финансии. Со тоа граѓаните се вистински контролори на можните злоупотреби, бидејќи секој граѓанин од својот компјутер може во детали да види каде се трошат парите од неговите даноци и придонеси.
  2. Владата одговара еднаш неделно на пратенички прашања во Собранието. Не еднаш месечно како сега. Така ја подобруваме отчетноста на Владата пред Собранието.
  3. Сите оф шор компании што инвестираат во Македонија, се обврзани да ги соопштат вистинските сопственици. На сите постоечки оф шор компании во Македонија им е даден рок до кога ќе мораат да го достават целокупниот историјат за нивната работа.

Одговорната власт значи и дека нема да отпуштаме луѓе во јавната администрација -  таму каде што има пренатрупаност во канцелариите, вработените кои сега немаат ни столче ни работни задолженија, се пренасочуваат кон други активности. Тоа се активности што ќе обезбедат подобри услуги за граѓаните и заштита на нивните права. На пример, податоците покажуваат дека недостигаат негувателки во детски градинки. Или инспектори на пазарот на труд. Секако тоа ќе биде направено според соодветната стручна подготвеност.

Првиот столб предвидува и контрола над власта.
Одговорна власт е можна само ако полицијата не работи по партиски директиви, ако судството е независно, ако медиумите се слободни, ако има силен граѓански сектор. Обезбедуваме услови овие механизми на контрола во општеството да се ослободат и да бидат во функција на заштита на човековите права и на градење демократско општество.

На пример, избор на јавниот обвинител на предлог на опозицијата со што испраќаме порака до секој иден министер дека не смее ни да помисли да направи нешто противзаконски.

Ова се само некои од мерките.

Дебати за тоа како да се обезбедат услови за одговорна власт организираме:

  • Денеска во Неготино со почеток во 19 часот во Домот на културата Ацо Ѓорчев
  • Утре во Тетово со почеток во 19 часот во Советот на Општина Тетово
  • Задутре во Скопје со почеток во 12:00 часот во објектот на Скопски саем

Дебати за тоа како да се обезбеди контрола над власта организираме:

  • Во петок во Кочани со почеток во 19 часот во Мултикултурен центар
  • Во сабота во Охрид со почеток во 19 часот во хотелот Ривиера
  • Во недела, на 11 Октомври, во Скопје во 12:00 часот во објектот на Скопски саем

Ветуваме дека ќе го разгледаме секој предлог, секоја критика, секоја сугестија, став, со цел да изградиме поцврст Прв столб во Визијата за Македонија.

понеделник, 05 октомври 2015




СДСМ