НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 27 - (Видео, докази) Заев: Еве ги доказите дека УБК прислушувала за Никола Груевски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 28.04.2015

Почитувани граѓани на Република Македонија, почитувани медиуми,

Социјалдемократскиот сојуз, како политичка партија, располага со огромна документација, сопственост на Република Македонија, од којашто произлегува дека во Македонија се одвивала масовна операција на нелегално прислушување од гигантски размери.

 

До Јавното обвинителство, во петокот, како што информиравме, беа поднесени дел од доказите за оваа операција, дел ќе бидат поднесени во понатамошната постапка, а комплетно, `се што поседуваме, ќе биде доставено до соодветните државни органи штом се исполнат условите за разграничување на судската од извршната власт. Станува збор за разговори, повеќе од 100 илјади во транскрипти, повеќе од 18 илјади СМС пораки во транскрипти, повеќе од 12 илјади различни телефонски броеви, од прислушувањето што го правела власта на над 20 илјади граѓани на Република Македонија!

Денеска, ќе презентираме дел од доказите, што ќе потврдат кој следел и прислушувал во Република Македонија и како го правеле тоа.

Почитувани граѓани,

Материјалите што денеска ќе ги споделиме со јавноста во Македонија, ќе го потврдат она што го говориме од самиот почеток.

Податоците за нелегалното прислушување потекнуваат од постоечкиот систем за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР на Република Македонија.

Какви странски служби, какви комбиња, каква шпиунажа, или пучови!

Сашо Мијалков и Никола Груевски со години неовластено прислушувале граѓани во Република Македонија! 

Еве на кои начини се воделе евиденциите од прислушувањето од страна на власта.

Еден вид на доказните материјали се изработени во EXCELL програма во материјали што потекнуваат од системот за контрола на комуникации во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР. Станува збор за материјал од над 10.000 страници. Овие докази не можат да бидат третирани како класифицирани информации, бидејки се работи за неовластено прислушување и за злоупотреба на опремата за следење на комункации за лични и партиски цели.

Постојат два вида евиденции во EXCELL.
Можете да видите на Видео бимот, во овие EXCELL табели е водена евиденција на следените и прислушуваните лица според нивните телефонски броеви. Во документите овие лица се водени под определна шифра. Наведени се нивните телефонски броеви. Наведени се имињата на операторите задолжени за следење на комуникацијата, внимавајте, станува збор за вработени во МВР! Секако тоа не можеме да го објавиме поради заштита на нивниот идентитет, но е доставено до Јавното обвинителство. Лицата што се следени се водени под псевдоними.

На пример, претседателот на СДСМ, јас, сум воден под псевдонимот DS ZEKO.

Поранешниот претседател на државата и поранешен претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски е воден под псевдонимот KRST.

Најверниот извршител на валканите, криминални активности на Никола Груевски, Миле Јанакиески е воден под псевдонимот ТUTIN.

Послушничката на Груевски во Парламентот, Силвана Бонева е водена под псевдоним  BOSIL.

Најголемиот полтрон на Груевски во медиумскиот простор, главниот и одговорен уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас е воден под псевдонимот ТALAS.

Владо Бучковски е воден под псевдонимот NDS BUVA.

Овде ќе препознаете и други личности од раководството на опозицијата, од политичкиот и јавниот живот.

Во овие табели постои и графа Опис, во којашто, како што може да се види, главно се наведени адреси.

Ќе ви поделиме примероци од ова што презентираме.

Постои и друг вид евидентирање во EXCELL. Тука, како што можете да видите на Видео бимот, се наведени лицата кои се таргет на УБК и на Груевски, преку шифрите според коишто ги води УБК, како и транскрипти од нивните прислушувани разговори, во ЕXCELL табели. Аудио снимките од нелегално прислушуваните разговори биле преточувани во симнат пишан материјал - транскрипти. Гледате дека во изборот за денешната прес конференција во едниот дел од доказите преку ексел табели издвоивме докази за следење на албански политичари и личности од јавниот живот, а во другиот ексел се издвоени политичари од македонскиот политички живот и други личности од јавниот живот. 

Другиот вид доказен материјал се докази од фазата на репродукција од системот за следење на комуникации при УБК на МВР.

Системот на контрола на комуникациите при МВР на Република Македонија има безбедносен протокол: предлог, одобрување, реализација, функционалност и престанок. Самиот систем на контрола на комуникациите при МВР на Република Македонија има неколку фази: таргетирање, мапирање, филтрирање, експлоатација, репродукција, анализа, трансфер итн.

 Станува збор за доказен материјал од фазата репродукција на вкупно 1595 страници. Фазата на репродукција од системот за следење на комуникациите опфаќа формулирање транскрипти од аудио снимки и анализа. Овие материјали докажуваат класична злоупотреба на системот за следење на комуникации, што постои во УБК, со цел следење на комуникациите на опозицијата и критички настроената јавност.

Ќе можете да погледнете примери од овие транскрипти, кадешто детално се опишани телефонски разговори на таргетираните лица од страна на УБК и анализи на разговорите што ги водат. 

Станува збор за незаконско следење од страна на власта, со години, на опозицијата, на критичката јавност, невладини организации, граѓански здруженија, поединци, но и академската заедница, верските заедници... како што веќе информиравме. 

Третиот вид докази се околу 400-тини аудио записи, веќе објавени на прес конференциите. Од овие материјали може да се утврди дека се следени и прислушувани лица чии комуникации никогаш не биле предмет на законско следење.

Јас најавив дека освен објавени аудио снимки, до Јавното обвинителство доставивме и 13 необјавени аудио разговори. Денеска ќе имате можност да ги слушнете тие разговори, што следуваат во продолжение.

Од овие разговори, почитувани граѓани, ќе се уверите што `се Јанкулоска и Мијалков правеле за со закон да се заштитат за оваа монструозна операција на влегување во приватните животи на илјадници граѓани во Република Македонија.

Тука ќе слушнете најдиректно признание од Гордана Јанкулоска, дека со опремата во МВР може да се лоцира кој сакаат телефонски број. Ова Јанкулоска му го признава на портпаролот Котевски, кој нарачува кај неговата шефица едно такво следење, а го потврдува и Сашо Мијалков во неговото договарање со сопственикот на Канал 5 телевизија, Емил Стојменов.

Ќе слушнете повеќе разговори помеѓу Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски и Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков, како законски обезбедуваат во УБК да не може да влезе без најава собраниската Комисија задолжена за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање. Тоа е истата таа комисија којашто никогаш не успеја да влезе во УБК, затоа што Јанкулоска така го менаџирала тоа – ќе го слушнете и ова нејзино признание.

Ќе слушнете и директно од директорот на УБК, Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски, колку стотици лица бара Мијалков за УБК, затоа што оперативата била зголемена, дека тие лица мора да се обучат за ракување со опремата од Израел, за којашто веќе објавивме на кој начин ја донел во Македонија Мијалков и какви провизии земал.

Денеска ќе се потврди што била крајната цел на таа опрема во “суштества“ како што ја нарекува самиот Мијалков. Најголем дел од разговорите се случуваат кога по предлог на Европската Унија, власта треба заедно со опозицијата да го донесе Законот за следење на комуникациите. Станува збор за септември 2012 година.

Еве ги снимките.

 

Сето ова докажува дека ниту имало странски служби, ниту тактички опреми, ниту жолти комбиња што прислушувале. Исто така ова докажува дека ниту Заев, ниту Верушевски можел да влезе во системот и во толкав обем да прави прислушување на граѓани на Република Македонија. Ова е возможно само од страна на државните институции, со опремата што само државата ја поседува и конектирано со телефонските оператори.

Каде е дозволено премиер да ја лаже јавноста дека странски служби го прислушуваат народот во Македонија и на крајот, зошто? За да бараат тие служби техничка влада и предвремени избори?!

Сега почитувани граѓани, почитувани претставници на меѓународната заедница, јасно ли е зошто собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање не може да биде дел од решението на овој огромен скандал со прислушувањето во Република Македонија?! Ниту пак каква било анкетна комисија би дала резултат за разрешување на кризата! 

Ова е скандал што ја надминува и американската афера Watergate. Таму падна оставка од американскиот претседател Никсон, додека во Македонија босовите Груевски и Мијалков и по три месеца од отворањето на аферата, како крлержи се зграпчени за фотељите што им обезбедуваат пари и моќ.

Ова зло мора да прекине.

Ова зло да не дозволиме повеќе да се повтори во Република Македонија.

Продолжуваме...

 

Одговори на новинарски прашања
 

Медиуми: Господине Заев, ќе организирате протест на 9 мај?

Заев: Секакви се шпекулациите во јавноста. Протест во мај месец ќе има, невиден досега во Република Македонија. А датумот ќе го определиме заедно со граѓаните, надвор од вратите на политиката.

Медиуми: Денеска се појавија во медиумите информации дека наводно вие, како лидер на партијата, сте дале снимки до сите владици и исто така и до поранешниот декан на факултетот Борче Давитковски. Дали е тоа точно и ваш коментар за овие пишувања?

Заев: Не е точно тоа. Немаме дадено снимки за луѓето коишто ги посочивте во вашето прашање.

Медиуми: Дали можеби знаете за кое убиство станува збор во денешните снимки?

Заев: Третиот разговор којшто го слушнавте потврдува криење на опремата којашто ја поседува МВР. Разговорот е воден на 30-ти април 2012 година, предвечерието, пред апсењето на осомничените за Монструм. Тоа ќе биде дел од доказите коишто ќе бидат споделени во јавноста.

Медиуми: Каков е ставот на СДСМ околу изградба на руски гасовод во Македонија? Со оглед на тоа што бевте споменуван во руските медиуми дека не се согласувате баш со таа идеја?

Заев: Струмица користи руски гас преку бугарскиот гасоводен систем. Ние како Социјалдемократски Сојуз, и целата опозиција, не се согласуваме да бидеме зависни само од еден извор, тоа што е проблемот на Европската унија. Затоа, предлагаме и инсистираме трансатлантик гасоводниот систем којшто поминува на неколку километри од нашата јужна граница, да биде алтернатива. А дополнителна алтернатива да биде повторно турскиот, којшто доаѓа од исти извор. Мора да имаме опции. Што ако во зима се налути Русија и го секне гасот? Мора да имаме алтернатива. Тоа е предлогот којшто опозицијата го дава.

Медиуми: Господине Заев, како ги коментирате настаните, кога веќе имаме полициски акции во села, коишто претежно се во погранични региони и исто така, обвинувањата дека во Македонија има терористи коишто влегуваат од соседните земји. Како го коментирате, дали веќе тука сакаме да создаваме тензии?

Заев: Прошетајте во Гошинце, во селата околу Гошинце, ќе ви кажат луѓето со многу слични зборови коишто јас и опозицијата зборуваме. Ние нема да дозволиме, велат луѓето, нешто да го наруши тоа што ни е важно во моментот, а тоа е единството помеѓу сите етнички заедници. Јас само ќе кажам вака. Прво, ќе повторам тоа што го кажав, и да е искреирано сценарио на власта, и да е случување коешто е вистинито, одговорност мора да понесе власта. Притоа, знаат и самите, а доказите стигнуваат сé повеќе и повеќе во СДСМ, навлечени се во глупости со самиот предмет, којшто не ми дава за право до крај да обелоденам и да потврдам, затоа што ги немам комплетните докази, а имам силни индикации дека ова е зла мисла кон нашата Македонија. И затоа ќе упатам порака. Граѓаните нема да дозволат, опозицијата нема да дозволи. Ова е невозможно, злобно сценарио коешто некој мисли да го прави во државата. Ние ги имаме комплетните листинзи на оружјето коешто недостасува, како се спровела акцијата да откријат десет пиштоли, како тоа е влезено, во кои куќи и како е организирано. Ова го кажувам, не заради тоа што ние сме МВР, информациите стигаат оти луѓето сакаат да се заштитат и да го заштитат својот образ и дигнитет. Албанскиот народ кон македонскиот народ вели не сме ние, ние сме заедно во оваа наша земја. Немојте кон нас да го посочувате прстот. И тоа треба да го прифатиме сите. Апсолутно, имаме заедништво, имаме сплотеност како никогаш досега. И ниту Сашо Мијалков, ниту не знам какви структури, ниту било какви замисли можат да го нарушат тоа што го имаме овде, оваа пролет во Република Македонија. И обврска е на сите да го искористиме. Како што рече еден мој драг колега во Извршниот одбор, сега имаме држава една со две општества, да направиме една држава - едно општество. Заедно сите да ја градиме Македонија.

Медиуми: Господине Заев, вчера германската амбасадорка даде една изјава, всушност, на некој начин исцрта една линија, понуди решение околу тоа како да се надмине политичката криза во која е земјава повеќе од 3 месеци. Како ја коментирате оваа изјава?

Заев: Нормално, и за вас претставниците на медиумите и за нас како политичари, но најверојатно и за граѓаните, дипломатскот речник којшто долго време го употребуваше меѓународната заедница е разбирлив зошто. Не сакаат директно да се инволвираат во процесите коишто треба државата сама да ги реши, а тие се тука како пријатели на Македонија да помогнат. Ама, помина и тоа време. Ѓон образ, не разбра ништо. И затоа почнаа подиректно од ова укажување дека за оставки дијалог нема потреба да се води. За да може да се разреши политичката криза, мора да има решение на правниот дел од  кризата. Јован Илиевски е тој којшто ја носи одлуката со матичниот обвинител. Тој е баџанак на Сашо Мијалков. И истовремено, заедно со Јован Илиевски е Зврлевски. Е сега, баџанакот на Сашо Мијалков, што одлука ќе донесе наспроти Заев? Ќе биде тоа обвинителен акт или ќе ја отфрли кривичната пријава? Толку е едноставно, толку е разбирливо. Како луѓето, како пријатели на Македонија, попрецизно да кажат од тоа што го зборуваат. Ова е директна порака и најверојатно конечни пораки да преземат чекори за да се почне со разрешување на политичката криза. Истовремено, порака којашто во секоја нормална демократија мора да ја практикува власта. Ај што немаме ние нормална деморкатија, но и после сите укажувања, мора со прст да покажат кон нас, кон нашата македонска диктатура, во којашто постои автократски систем. Со прецизни зборови да појаснам, за секако, да се помрдне некој чекор и оваа мачнотија којашто ја трпи целиот наш народ и земја, конечно да се придвижува кон својот завршеток.

Медиуми: Господине Заев, спомнавте дека ќе има голем протест, од невидени размери. Меѓутоа, вчера се појави една информација по порталите дека ќе се стационирате пред Владата. Колку е тоа вистина? Ќе кампувате ли таму?

Заев: Не е целисходно опозицијата своето сценарио да го објави. Второ, мислам дека не е наше монополско право, борбата за слобода и демократија. Тоа право го има секој граѓанин, без разлика каде припаѓа, дали е во невладина органзиација, дали е во делот на фелите интелектуални, работничките фели во државата. Ако барате народ да ви се приклучи, ќе го консултирате тој народ за каков вид на сценарио, како тоа да се направи, како би било успешно. Затоа, во мај месец, голем протест ќе има. Тоа го знаат сите, заради тоа што гневот расте. Ние се обидуваме, по улиците низ градовите во внатрешноста, но тоа може до одреден момент да се обидуваме да менаџираме. После тоа, ќе се истури народ на улици по главниот град. И овде нема застанување. Секако, сите знаат дека во ваква атмосфера, со вака фатена власта на дело, кога сите знаат дека е готово, дека досега требаше да заборавиме дека се паднати оставки, дека заминала власта. Ова не може да е протест, одлично, многу бевме, добро се однесувавме, ајде догледање, пак ќе се видиме. Ова ќе биде поинаков протест.

Медиуми: Ве прашав дали ќе се стационирате со кампови пред Влада?

Заев: Значи немаме утврдени сценарија, но, едно знам и тоа го соопштив, дека ова нема да е протест дојдени сме сите тука, ќе испротестираме и ќе си одиме, не. А Какви ќе бидат сценаријата заедно ќе одлучиме со народот.

Медиуми: Господине Заев најавивте дека ова се докази за прислушување денес, за нарачувани прислушувања. Но ние слушнавме докази како се носел и се подготвувал Законот за следење на комуникациите. Дали ова се сите докази или вие имате конкретни разговори каде што може да се слушне дека некој нарачувал ова што во овие excel табели го видовме?

Заев: Во делот на објавувањето на доказите пред јавноста ние мораме да се водиме од законските нормативи. Како што видовте во едната ексел табела покажавме еден лист а доставивме цел пакет. Во втората ексел табела доставивме преку 100 илјади конкретни разговори на преку 10 илјади страници, а покажавме некои 14 страници. Затоа што некогаш во тие разговори има нешто коешто не се објавува од лична природа, законски недозволено објавување. Но доставено  е до Јавното обвинителство. Овие тринаесет разговори беа за да докажеме како власта преку телефонските разговори го штитела системот за прислушување којшто постои во МВР додека се носел самиот закон. Како се организирале да добијат минимум најава на Комисијата, да не биде тоа ад хок акција на изненадување и да ги фатат на лице место. Има и еден разговор со господинот Стојменов, каде што се обидуваат да уловат одреден поединец, за одредена нивна намера. Емил Стојменов ги кажува сите планови како тоа се прави а Сашо вели абе дај ми име и презиме и неговиот телефон и ќе видиме дали е тој. Има и конкретен дел, тоа се делот на снимките коишто ќе ги објавиме, што ќе оди до Јавно обвинителство и до судството во наредниве фази од правосудниот процес. И тоа што конечно ќе се врати во државата се плус докази. Постојат уште докази коишто заедно со адвокатскиот тим и правните служби во СДСМ мислиме дека е тенка границата на дозволивоста на објавување на таков вид на докази.

Медиуми: Господине Заев, да ве вратам малку поназад од прашањето на колешката, иако го немате сценариото за протестот. Но, дали досегашното сценарио до протестот ќе објавите тоа што едвај го чекаат сите? Не само етничките Албанци или Македонци, за Монструм и така натака...

Заев: Следуваат сензитивни материјали и тоа јас јавно го објавив. Тие сензитивни материјали, сензитивноста ја предизвикуваат заради тоа што темата којашто ја најавуваат е сензитивна, очекувана од граѓаните. Овде е случајот со Смилковско езеро, ако тоа прашувате, овде е Никола Младенов, што тоа се случило, вистината за таа работа, овде е Мартин Нешковски, што тоа се случило на тој 6-ти јуни 2011 година, сабајлето, рано, после победата на ВМРО-ДПМНЕ, овде е името, и мислам дека доволно кажувам сега.

Медиуми: Пред протестот ќе се објави?

Заев: Вистината ќе ја споделиме до граѓаните.

Mедиуми: Две прашања за два случаи коишто сега ги спомнавте. Која е улогата на опремата на УБК во расчистувањето на Монструм и зошто била криена?  И второ слушнавме дека мобилниот телефон на некој пријател на господинот Котевски може одма да се најде а мобилниот телефон на колегата Младенов сеуште не е најден. Има ли докази дека е употребена?

Заев: Ќе дозволите кога ќе ги соопштиме тие два поединечни пакети за коишто јавно зборуваме дека ќе ги објавиме таму да ги видите сите детали, што се случувало, што е вистината, и народот ќе носи одлуки. Ние не сме истражни служби нешто да квалификуваме или оцениме но вистината ја ветивме и ќе ја споделиме. Така да во делот на тоа каква опрема тие криеле или слично ќе ви стане јасно кога ќе го објавиме случајот со убиството на Смилковското езеро и секако случајот со Никола Младенов кога тоа ќе го објавиме ќе ви биде исто така јасно.

Медиуми: Господине Заев на претпоследната прес конференција објавивте аудио снимки помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков како признава дека случајот Сопот е монтиран случај, дека нема никакви документи и докази, дека сторителите се тие кои се уапсени и добија 10 години затвор. Знаете дека случајот се случи во времето кога вашата партија беше на власт, дали ќе барате одговорност од тие луѓе и дали ќе им се извините јавно на овие кои веќе 10 години невини лежат во затвор?

Заев: Прво драго ми е што го поставувате прашањето но тоа потврдува дека немаме калкулации при објавувањето на вистината. Таа вистина е болна многу често. Многу често е радосна за многу луѓе кои ја осознаваат вистината, но премногу е драгоцена и е незаменлива. СДСМ и цела како тогашна власт не може да биде виновна, поединци можеби биле виновни заради тоа што индицирале одредени докази. Пресудите и постапките знаеме како се носеле во процесот понатаму. Премногу е важна вистината за да било кој штедиме. Секако, правосудните инстанци сега имаат помош во носењето на одлуките кога го знаат и ставот на истражните органи во делот на подносителите на кривичните пријави, тоа е официјалниот став даден преку зборовите на Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, да носат одлуки. Заев нема намера да биде Груевски па да коментира како тоа судот би се однесувал и какви одлуки би носел. Правосудството, комплетно со обвинителство и судство заедно, треба да бидат далеку од канџите на политичарите и да носат независни судски одлуки. Да делат правда согласно сите докази коишто ги имаат и согласно тоа јас се надевам дека се што соопштивме ќе биде од помош на многу граѓани, да дочекаат правда. Правда еј, толку драгоцена во сопствената земја, во 21 век. Така да повеќе коментари не би можел да дадам тоа е еден разговор кој што ја кажува вистината, ја обелоденивме и се надевам дека ќе биде од помош и за правдата и за вистината и за слободата на многу значајни граѓани од ова наше општество.

 

 

вторник, 28 април 2015




СДСМ