НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес бр. 24 - (Видео) Заев: Груевски вработувал во МТВ, уредувал во Сител и Канал 5, пишувал во Вечер

Прес конференција
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 22.04.2015

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

На почеток, во име на Социјалдемократскиот сојуз и во мое лично име, дозволете најостро да го осудам гнасниот, морбиден, кукавички, безобразен потег врз новинарот Борјан Јовановски и неговото семејство. Да се испрати погребен венец на домашна адреса на претставник на медиумите, професионалец и отворен критичар на загрозувачките општествени тенденции што и се случуваат на Македонија, е црвен аларм за сите свесни и совесни луѓе во нашата држава за лудилото во коешто е влезена власта и обврската што заеднички ја имаме - да го запреме тоа лудило. Од страв дека се фатени во злоделата што ги нанесувале, оваа тесна група на власт се однесува бесно и бидејќи не знаат на друг начин да ги решаваат проблемите повторно се користат со единствените механизми што ги знаат: испровоцирај меѓуетнички тензии и удри по новинарите и неистомислениците.

 

Бараме, оние луѓе – професионалци во институциите што знаеме дека постојат и се кршат во себе дали да постапат по сопствената совест или да продолжат сервилно да му служат на режимот, да се одважат и да постапат според обврската што ја имаат како граѓани и како професионалци. Мора да бидат откриени нарачателите и сторителите на одвратниот чин кон новинарот Борјан Јовановски и неговото семејство. Сите кои ги знаат и молчат, порачуваме дека се соучесници!

Почитувани граѓани,

Еве, по тоа што ќе го објавиме денеска, ќе стане уште појасно зошто на националниот сервис, Македонската Радио Телевизија не слушнавме ни збор за грозоморниот обид за закана врз новинарот Јовановски и неговото семејство.

Аудио доказите што ќе ги презентираме, ќе расчистат зошто воопшто националниот сервис МРТВ пренесува информации кои немаат врска со реалноста, како избирале новинари кои работат во телевизијата и зошто тие новинари сервилно ја испорачуваат секоја нарачка на Груевски и власта.

Денеска го отвораме пакетот за поклопеноста на медиумите од страна на Никола Груевски и неговите соработници.

Овие снимки ќе ја разобличат и директната спрега на релација Никола Груевски - приватни медиуми. Ќе ја докажат најбруталната недозволива контрола што ја воспоставил Груевски врз газдите на телевизиите Сител и Канал 5, Горан Иванов и Емил Стојменов, синови на коалиционерот на Груевски, Љубисав Иванов Ѕинго и претопениот во партијата Борис Стојменов.

Ќе видите до каде овие сопственици на телевизии се подготвени да се свиткаат пред Никола Груевски, по цена не само на интересите на граѓаните, туку и на сопственото елементарно човеково достоинство - само за да му се додворат и да добијат по некој бизнис. Ќе слушнете како Стојменов и Иванов ги спроведуваат нарачките преку поставените послушни главни и одговорни уредници на телевизиите, Драган Павловиќ Латас и Лидија Богатинова. И ќе видите зошто на Вистината за Македонија и беше проклето тешко да ја види светлината на денот.

Од денеска Вистината за Македонија почнува да им го враќа на граѓаните правото да ја знаат вистината за медиумите, а со тоа и за се што им било одземено како информација.
  
Ќе почнеме со државната телевизија, за којашто сите граѓани плаќаат радиодифузна такса и по закон мора да обезбеди објективно и непристрасно известување, но наместо тоа е претворена во уште еден штаб на Никола Груевски. 

Во првиот сет разговори ќе слушнете како кај Јанкулоска постои списоче не само за судии туку и за кадри во МРТВ, договорени лично со Никола Груевски. Овој човек, премиер, поставувал дописници на МРТВ во Вашингтон и Атина. Ќе слушнете разговор меѓу шефот на Кабинет на Груевски, Протогер и Гордана Јанкулоска што открива дека предлозите за новинари во МТВ доаѓале од општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе видите како оваа сурова власт се однесувала кон новинари на А1, што ги остави на улица откако ја затворија телевизијата – како тие луѓе на кои им ја одзедоа егзистенцијата, преку “баци рака“, како што се изјаснува Мартин Протогер се примани во МРТВ. Ногата на власта нагазила длабоко во МРТВ до вработувањето новинари во спортската редакција. На крајот од овој разговор ќе слушнете за банкротот на Радио Гостивар и налогот на Груевски кон Јанакиески случајот да се “разбуричка“ и радиото да заврши во рацете на Унијата на млади на ВМРО-ДПМНЕ.

Еве го првиот сет разговори.

 

Има уште многу материјали за Македонската Радио Телевизија, за линковите на уредниците со власта и контролата на власта врз националниот сервис. Јавноста ќе има можност се да дознае во периодот што следува.

Вториот сет разговори го открива диктатот на власта врз приватните телевизии Сител и Канал 5.

Станува збор за најдиректни нарачки: Протогер бара од сопственикот на Канал 5, Стојменов, телевизијата да не пренесе Анкета направена од Дневник, што не и е од корист на власта, Протогер нарачува кај Стојменов да се тргне ставот на Денко Малески што го снимала главната уредничка Богатинова, а Емил послушно уште прашува “кого треба уредничката Богатинова да викне“?! Ќе слушнете како Протогер нарачува кај Стојменов да биде преземено интервју на Нетпрес со лицето Магаш, познат, ако се сеќавате по конструкциите во неговите изјави против опозицијата. Ќе слушнете како Мијалков одлучува кому ќе даде информација за некој настан, па во овој случај решил да го “чести’ Латас со “ексклузива“. Ќе слушнете како по нарачка на шефот на Кабинет на Груевски, Протогер, провладиниот весник Република мора да се набавува и да се дели на вработените во државните институции што е класичен доказ како Груевски за сопствени интереси ги троши парите на граѓаните ставајќи ги во џебовите на газдите на медиуми - послушници. Во овој блок ќе имате можност да слушнете дека и самите сопственици и уредници на овие полтронски телевизии се свесни каков е нивниот производ, па со навредливи зборови ги нарекуваат нивните гледачи. Но ќе слушнете и признание од министри во власта, какви наводни новинари одработуваат за власта и дека Миленко Неделковски на пример, според Ставрески “Хоштаплер тежок е, требаше да заврши во затвор“. На крајот од овој сет разговори почитувани граѓани ќе слушнете до каде отишла забеганоста на Груевски. Никола Груевски не само што нарачувал текстови на насловна на провладиниот весник Вечер и тоа против свој бизнис партнер, Орце Камчев, туку и замислете самиот го напишал. За тоа следува и благодарница за Ивона Талевска, Латас и сопствениот Горан Иванов.

Еве го вториот сет разговори.

Сето ова почитувани граѓани, сопствениците на овие телевизии и нивните главни уредници го правеле за пари. Ја заборавиле обврската што ја имаат кон граѓаните, да ги информираат објективно. Се пазареле со власта за некој тендер, за да извлечат глава од незаконско работење, во што Груевски со соработниците помагал.

Во следниот сет разговори: Сопственикот на Сител, Горан Иванов лобира кај Миле Јанакиески за повисока зграда за Социјалистичката партија во Тафталиџе, иако граѓаните реагирале на овој потег. Иванов договара со Јанакиески и како да му помине тендер во Кратово на кој се пријавиле со повисока цена од условите на тендерот. Ќе слушнете како Латас договара свои бизниси на сметка на телевизијата, трампа бетон што му треба за да гради за реклами во Сител и рекетира фирми и луѓе, за да не објави нешто против нив.

Ќе слушнете како длабоко се заплеткани врските власт – медиуми и зошто тврдевме дека станува збор за злосторничко здружување. Горан Трајковски од УЈП му помагал на Латас како да постапи со една од неговите фирми, станува збор за фирмата Тотал,  којашто има големи долгови. Како директорот на УЈП кој стави клуч на врата на А1 телевизија, Горан Трајковски замижал и за работењето на Стојменов за коешто работниците на УЈП нашле забелешки и по налог на Груевски Трајковски се согласил “записникот да биде направен“ според забелешките што ќе ги напишеле правниците на Стојменов од нивниот семеен Консалтинг. Ќе слушнете и признание на Стојменов дека само за една фактура за испорачани услуги кон власта, треба да плати данок од 400.000 поради што бара помош од Протогер, што покажува со колкави суми пари Груевски корумпирал медиуми за лични и тесно партиски цели. На крајот ќе слушнете како главниот уредник на Сител ја сместува жена му по директна интервенција на Груевски со измама, на сметка на друг човек, во претпријатието ГАМА, на позиција со плата од 1000 евра. “Груевски го реши во 5 минути“ гордо се фали Латас на Иванов.

Еве го третиот сет снимки.

Следниот сет разговори почитувани граѓани ќе ви открие дека овие газди на телевизии, Иванов и Стојменов, како лист се тресат за власта на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, по се што слушнавте, јасно е и зошто. Но ќе слушнете и до каде се подготвени да се превиткаат како луѓе, само да му угодат на Груевски, кој им ја обезбедува лажната претстава за “големи газди“. Исто како што тие му служат на Груевски тој да ја лаже јавноста.
Во последниот сет снимки Горан Иванов го повикува и Господ на помош да помогне за изборите, а Емил Стојменов е подготвен за состанок со Груевски да откаже лет од Скопје и да го брка со автомобил авионот во Белград.


Ова лицемерие, овие докази за вулгарна, незапаметена, недозволива окупација и злосторничка коалиција на Груевски со националниот сервис и приватните медиуми во Македонија се класична потврда на сите забелешки, не само на опозицијата, туку и на меѓународните институции и организации, што изразуваат загриженост за слободата на говор и изразување во Македонија.

Очекувам од утре, или еве од денеска да се промени оваа политика и на приватните медиуми, Канал 5, Сител, МПМ, а посебно на националниот сервис Македонската Радио Телевизија. Како претседател на опозицијата, којашто го има правото и по Устав и по закон, барам да обезбедат термин за едно соопштение за доказите коишто ги имаме. Кога ќе кажат тие, тогаш јас ќе бидам нивни гостин.

На ова зло, почитувани граѓани мора да му дојде крајот.

Да не дозволиме ова зло што и се случува на Македонија никогаш повеќе да се повтори!

Порачувам,

Венец ќе има, но венец на слободата и демократијата во Република Македонија! И тоа многу брзо ќе го добие тој венец Никола Груевски и неговиот режим, на кои им е дојден крајот.

Готово е.

Продолжуваме...

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев, дали имавте денеска средба со екс претседателот Бранко Црвенковски? И уште едно прашање. Еден коментар за вчерашните случувања во Гошинце имавте, но сеуште не сме ве слушнале по однос на собирот што беше кај претседателот Иванов, во однос на составот и тоа што не е свикан Советот за безбедност?

Заев: Кој беше Ѓорѓе Иванов?
Со поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски и поранешен претседател на СДСМ, денеска во 10 часот наутро пиевме заедно кафе, овде во партиските простории.
Коментарот по повод случувањата на караулата во Гошинце го дадовме вчера преку наше соопштение, секако и наши луѓе дадоа свој коментар. Еве вака јас само ќе кажам. Постојат две можни алтернативи на тоа што се случило. Едната алтернатива е тоа да се бандитски радикални групи коишто влегле во караулата и го направиле тоа што е соопштено и втората алтернатива е, тоа да било исценирано од страна на власта. Нема две работи. Притоа, одговорност и во која било алтернатива мора да понесе министер за внатрешни работи, директор на УБК, директор на Бирото за јавна безбедност. Веднаш одговорност, која и да е вистината од овие две сценарија. Тоа е нашиот одговор и став по ова прашање.

Медиуми: Господине Заев, ваш коментар за заклучоците на Европската унија од вчера?

Заев: Заклучоците на Советот за безбедност сами по себе кажуваат сé. Целосно, на Советот на Европската унија кажуваат сé. Целосно се насочени во функција на тоа што го зборува опозицијата, преку автентичноста на разговорите, да се утврди одговорноста. Тоа го бараме токму и ние и се надеваме дека тоа во скоро време ќе се случи во нашата земја, како што нормално, би требало да се случи во секоја земја, а овде во Македонија требаше многу одамна да се случи.

Медиуми: Рековте дека постојат две опции, едната дека зад нападот од вчера стојат бандитски групи, а другата е дека позади тоа стои власта. Доколку позади овие инциденти стојат некои бандитски групи се плашите ли можеби од немири во Македонија имајќи го предвид големиот раскол помеѓу власта и опозицијата, дека тоа може некој од страна да го искористи...

Заев: Еве вака, јас не само што знам, јас сум претседател на најголемата опозициска партија и секако имаме информации. Она на коешто се гордеам, во моментов, гарант за безбедноста на Република Македонија се граѓаните од сите етнички заедници. Порано овие групи, ако се бандитски од исти калибар на тоа што било, хараа по населените места, влегуваат во урбаните средини, денес тоа е невозможно. Нашиот народ е гарант за стабилноста и безбедноста на нашата земја и среќен сум што е вака единствен, сплотен во борбата за слобода и демократија, народот е последниот и конечен чувар на Република Македонија, нашиот народ, од сите етнички заедници подеднакво.

Медиуми: Господине Заев уште еднаш ќе ве прашам, кога да ги очекуваме бомбите за Монструм? Слушнавме од господинот Фрчкоски дека вистината е страшна и од Вас сме слушнале, народот, албанскиот дел, па и македонскиот дел, веќе е нестрплив. Би ве замолила да ни кажете нешто повеќе околу тоа.

Заев: Јас неколку пати кажувам и поминав плус уште еден чекор, дека таа вистина ќе се соопшти. Без разлика дали е согласно со очекувањата на некои поединци или групи или слично. Но, вистината, сите видовме колку е болна од секој аспект за `се што е соопштено. Само ќе кажам, зарем криминалите, зарем целата оваа алчност, зарем ова газење на Устав и на закон во државата, погазување на правосудството, медиумите, буквално целата оваа работа што ја видовме на показ благодарение на овие докази коишто се сопственост на Република Македонија, не е подеднакво важна за сите граѓани? Важна е, но секако граѓаните Албанци сакаат и дополнително за лидерите во албанскиот блок. Тоа ќе се случи, како што гледате како се движат работите тоа време веќе е многу близу. Секако не само за случајот Монструм, ќе видите и за криминали, финансиски, поврзани со врхушката на власта, а знаеме дека до 2008 тоа била ДПА, од 2008 наваму тоа е ДУИ, така што, апсолутно никој нема да поштедиме од она што го имаме, ќе биде споделено со јавноста.

Дозволете, на крај, да ги повикам граѓаните на Општина Центар. Имате една прекрасна, ретка можност, се вика демократска алатка - Референдум. Да излезат, максимално да ја искористат таа алатка за референдум, заради тоа што, тоа е можеби, последниот чекор што граѓаните на Центар имаат чест да го направат, за да сочуваат барем нешто од центарот на нашиот главен град. Но, верувајте, ќе биде и првиот конкретен чекор што ќе го направат во функција на враќање на слободата и демократијата во Македонија.

 

 

среда, 22 април 2015




СДСМ