НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 20 - (Видео, докази) Заев: Нема правда, ниту државен систем

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 14.04.2015

Почитувани граѓани,

Доказите што ги објавивме досега ги открија вистинските лица на тесната група на власт.

 

Соголено е и најмаскираното лице на сите времиња –лицето на Никола Груевски, кој заедно со неговиот братучед Сашо Мијалков стои зад сите зла што им се нанесени на луѓе, судбини, закони, Устав, држава, само тој да остане на фотељата на Илинденска б.б.

Денес никој нема повеќе дилема кој е Никола Груевски и кој е неговиот братучед Сашо Мијалков и дека позади `се што правеле овие луѓе стојат исклучиво нивни лични интереси за пари и фрустрации по моќ.

Никој нема дилема и дека само тесниот врв во власта, тоа се овие луѓе и неколкумина нивни соработници, преку криминално - корупциски механизми, се приклештиле како крлеж за граѓаните и државата. Така се хранеле и така опстојувале еве 9 години досега.
Видовме дека дури и партијата, ВМРО-ДПМНЕ е окупирана од Груевски, Мијалков и нивните помагачи.

Денеска, почитувани граѓани, ќе објавиме докази што ја потврдуваат поклопеноста на државата од страна на овие неколку луѓе – партија. Оваа ситуација, како што знаете, не е само укажување на СДСМ, туку забелешка и критика во сите меѓународни извештаи.
Ќе се докаже денеска зошто во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР токму Министерството за внатрешни работи е посебно посочено како пример каде се поклопуваат државата и партијата. Лично од Јанкулоска ќе слушнете како возниот парк во МВР е партиски возен парк на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе видите зошто и во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР и во Извештајот на ЕК се бара одвојување на државата од партијата.

Затоа што почитувани граѓани, нема државен систем, `се е партија, Груевски и тие неколкумина соработници околу него урнисале `се! Со партиски кадри исклучиво под контрола и по одобрение на Никола Груевски ги преполниле полицијата, судството, здравството, образованието - додека професионалци и луѓе кои не мислат како власта, биле исфрлени на улица.

Ова е начинот на којшто Груевски ја земал јавната и државната администрација во свои раце. Успеал да ги земе во свои раце конците до најдолните ешалони на власта - во јавните претпријатија и агенциите, со тоа што преку високи хонорари во Управните одбори ги наградувал неговите извршители, со пари од граѓаните!

Негов прв извршител, кадровик во сите области, со списочиња не само во судството, туку и во образованието, заедно со сопругот и во здравството, и во сите други сфери е, погодувате, Гордана Јанкулоска.

Доказите на денешната прес конференција ќе ја потврдат узурпацијата на `се во државата од синдикати, преку регулаторни судски тела, јавни претпријатија, администрација, болници, извршна, законодавна, судска власт, буквално `се, од страна на узурпираната партија од Груевски, ВМРО-ДПМНЕ.  

Ова денеска што ќе го слушнете е само уште еден доказ дека `се е партија, нема држава и државни институции и тоа по вина на Груевски и неколкумина поединци околу него.
Во првиот сет снимки ќе слушнете како функционира тој систем на пресметка со неистомислениците, за да држат `се под контрола. Разговорот помеѓу Јанкулоска и Мартин Протугер открива како Живко Поповски, татко на министерот на надворешни работи Никола Поповски, инаку директор на Цивилна и воздушна пловидба го избркал претседателот на Синдикатот поради непослушност.

Ќе слушнете како факултетите се полнат со асистенти низ подобна партиска лупа, како треба “`се да се исчисти, за да не има уште некој комуњар“ или некој во кого не се сигурни, што би рекле Мијалков и Јанкулоска.

Ќе слушнете почитувани граѓани како, внимавајте, од Управата за безбедност и контраразузнавање биле тргнати или што би рекле Јанкулоска и Мијалков, биле ставени во “суфицит“ сите кои поради некоја причина покажале незадоволство и решиле да тужат. Ќе видите како им пресудува лично Гордана Јанкулоска ставајќи ги “во суфицит“ па, како што вели: “нека одат во Македонски шуми нека тужат“!

Еве го првиот сет снимки.

 

Вториот сет снимки е класична потврда дека сите државни работни места се полнат преку општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, но под налог и директна селекција на Никола Груевски. Груевски, замислете, не дава ни неговиот друг извршител Горан Трајковски од УЈП да процени кој може да биде вработен во УЈП. Трајковски ќе примал ургенции, а Груевски бара од Јанкулоска да исчисти терен тие ургенции да одат преку него и неговите луѓе.

До каде оди апсурдот на партизирањето на `се што постои, открива еден разговор на Протогер и Јанкулоска. Протогер бара од главниот кадровик Јанкулоска, работно место за партискиот возач, кој треба да се води вработен ама да не оди на работа. Јанкулоска, послушајте, предлага дека тоа може да биде и во возниот парк кај “неа“, мисли на министерството, нели, и додава дека со шефот на возниот парк во МВР ќе можеле да бркаат “партиски работи“. Ова е класична потврда дека не само луѓе туку и сите државни ресурси, во случајов возилата на МВР, се ставени во функција на партијата.
Еве го вториот сет снимки.

Ова што го слушнавме, да не е трагично, би било смешно.

Третиот сет снимки, почитувани граѓани ја открива целосната партиска поклопеност на здравството – лично од Груевски. Овој човек, на позицијата премиер, кој би требало да се грижи за своите граѓани по секоја цена сака да внесе свои луѓе и во Воената болница, замислете, и покрај укажувањата на директорот на болницата дека таквите партиски вработувања, ќе остават одделенија без лекари – специјалисти. Од другиот разговор се дознава дека во задоволувањето на кадровските шеми на Груевски освен Јанкулоска учествува и нејзиниот сопруг Влатко вработен во кабинетот на Груевски. Тој разговор открива дека директорите што ги поставува Груевски се само пиони кои треба да слушаат. Ќе слушнете што му се подготвува на директорот на Градската болница кој не го следел списокот на Влатко договорен со премиерот - или да го испочитува списокот или да го избркаат од работа.

Слушнавте како отишле во “суфицит“, или биле избркани од работа сите во МВР кои со тужби покажале незадоволство. Сега ќе слушнете како Мијалков во еден наврат бара 1000 вработувања, па најмалку 400-тини вработувања... без јавен оглас, без процедури. Тоа Мијалков го бара, затоа што, како што вели “не можеме да ги работиме ни камерите, ни хеликоптерите, ни друго, овие суштества“, мислејќи на набавената опрема во УБК. Се сеќавате на скандалот што го обелоденивме со опремата и провизиите што ги примил Мијалков само да ја донесе таа опрема во Македонија, за којашто сега нема кадар.

И директно од Зоран Ставрески ќе слушнете каква штета врз граѓаните нанеле Мијалков и Груевски со ова. Како лично Ставрески реагира “Ги трупаме!“, коментирајќи дека и во библиотеки и во музеи..., секаде каде што му одговарало на Груевски, мора да поминат неговите “миленичиња“.

На крајот почитувани граѓани ќе слушнете за тоталната поклопеност и узурпација на судството. Како по налог на Сашо Мијалков се поставувани јавни обвинители, меѓу нив и Гордана Гешковска позната по спорните случаи, А1, Глобал, Изгрев, Бачило..., но и како се партизира Обвинителството со други обвинители.

Ќе слушнете и кој е актуелниот претседател на Судскиот совет Бранко Ушковски. Дека тој бил човекот кој “едвај го поминале низ општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ за да стане член на Судскиот совет“, а пред две недели го направија претседател. Дека член на Судскиот совет станал по предлог на Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски, се сеќавате, главната фигура преку којашто Груевски доаѓа до парцелите на Водно. За Бранко Ушковски разговараат Трајко Велјаноски и Гордана Јанкулоска, па самиот Велјаноски вели дека овој човек “Нема врска со судството“, а Јанкулоска признава дека “Не го ставиле таму зашто е најубав“.

Почитувани граѓани,

Како  сега да очекуваме разрешница низ партизираниот правосуден систем?!

Не е можно да се дојде до правда – тоа денеска слободно можеме да го кажеме.

Слушнавте како законодавната и извршната власт се заплеткале во судската власт.

Додека афера врз афера ја тресат нелегитимната Влада на Груевски, додека сите очи на домашната и меѓународната јавност се вперени во правосудството во Македонија од коешто се бара транспарентност и непристрасност, Груевски ја продолжува дрскоста со поставување луѓе во судството и во обвинителството, а последен пример е поставувањето претседател на Судскиот совет под негова контрола.

Ова нека биде пораката дома, во нашава земја и во светот. Оваа власт не смее повеќе да владее во Македонија.

Крајот е дојден, јасно е. Готово е.

Ова зло, почитувани граѓани, да не дозволиме повеќе да се повтори.

Продолжуваме...

 


 

вторник, 14 април 2015




СДСМ