НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 18 - (Видео, докази) Заев: Падна и најсаканата маска на „патриотот“ Груевски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 06.04.2015

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

За вистинското лице на Никола Груевски, многу работи открија, потврдија и дорасветлија обелоденетите материјали во рамки на проектот Вистината за Македонија.


 

Никола Груевски бил нечесен, бил алчен, кршел закони, нарачувал и толерирал криминали, грабал за себе `се што ќе му дојдело под рака без да избира средства за тоа, замислувајки се феудалец - запоседнал цели парцели, оттуѓувајки ги од скопјани за своја сметка. Сето тоа Груевски го правел од комотната позиција на премиер на Република Македонија, што ја обезбедувал на криминален начин. Презентираните аудио докази открија и дека човекот кој по својата функција треба да се грижи за граѓаните, немал ниту совест, а да не говориме за сочуство – го слушнавме лично Груевски и во улога на уживател на тешки човечки судбини, во коешто загорчување учествувал лично тој.

Денеска, почитувани граѓани, ќе расветлиме уште едно лице на Никола Груевски.

Денеска ќе симнеме уште една негова маска. Најсаканата негова маска. Маската на “големиот патриот Никола Груевски“.

Денека ќе слушнете каков политички измамник и манипулатор е Груевски. Од снимките што ќе ги објавиме на оваа прес конфернција ќе се уверите дека за да остане на власт, Никола Груевски ниту го интересираат “македонските национални интереси“ во коишто тој се крсти пред граѓаните Македонци, ниту го интересираат законите, ниту го интересираат неговите соработници – од министри, до пратеници. Ќе слушнете како без око да му трепне ги фрла во оган најблиските негови соработници во Владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот - во  коалициските пазари во коишто неговата единствена цел е да ја обезбеди својата премиерска фотеља.
 
Станува збор за периодот на зацврстувањето на владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и за пазарот со хашките случаи во тие договарања.

Многу конкретно новинарско прашање му беше поставено тогаш на Никола Груевски:
Дали учествува во такви пазарења со ДУИ?

На почетокот, да се потсетиме на тврдењето на Никола Груевски во одговорот на ова прашање.

(Видео снимка: Прашања и одговори на Никола Груевски)

Еве ќе се потсетиме и на одговорот на Груевски околу Хашките случаи, даден на пратеничко прашање од СДСМ на собраниска седница, кога Груевски одговорноста за носењето на Законот за амнестија за хашките случаи ја префрли на Парламентот.

Тогаш тој изрази жалење за случувањата во 2001-ва година, но како премиер, како што нагласи, мора да се согласи со, цитирам “одлуката на Парламентот, којашто беше поради цели што Парламентот ги образложи“. Ќе ја најдете, постои оваа негова изјава по медиумите.

Ајде сега, почитувани граѓани и претставници на медиумите заедно да ја слушнеме вистината.

Или да слушнеме како Груевски подло лажел. Вистината е спротивна и на двете тврдења на Никола Груевски.

Лично Никола Груевски се испазарил со Али Ахмети за затворање на хашките случаи со амнестија. Груевски лично наредил, за тој да се заштити, целата постапка да ја префрли на Парламентот. Ќе слушнете како Груевски лично менаџира, оваа правно неизводлива процедура на амнестија, на којашто му укажуваат соработниците, да ја натовари на пратениците и на министрите – пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ - бидејки во тој период новата Влада сеуште не е формирана. Тоа дело не може преку автентично толкување да се толкува и да се брани со Закон за амнестија.

Уште во првиот сет снимки ќе го слушнете признанието лично на Никола Груевски како “завршиле“ преговорите со ДУИ и, како што вели: “мој избор е да биде веднаш“ (ова се однесува амнестијата на хашките случаи, јазикот и знамето). Лично од Груевски ќе слушнете дека одлуката за Закон за амнестија на хашките случаи е негова, но и како тој пресметливо нарачува одговорноста да биде префрлена на пратениците во Законодавно – правната комисија. Ќе стане јасно и што договорил Груевски со Ахмети и како тоа реагираат неговите соработници, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески.

 

Во вториот сет разговори, почитувани граѓани, ќе слушнете дека е направен преседан со амнестијата за хашките случаи, што ја договорил Груевски со Ахмети. Лично заменичката во Министерството за правда, соработничка на Груевски, Билјана Бришковска, укажува дека “препораките од Комитетот за тортура ја исклучуваат амнестијата“. Ќе слушнете и како соработниците на Груевски, најдени во тесно, не сакаат да стават потпис на спорното автентично толкување за хашките случаи, што го нарачал Груевски, па затоа мора да произлезе од Владата, за Парламентот да го донесе Законот за амнестија. Како дури и најверниот извршител на Груевски, тогашниот министер за правда, Михајло Маневски одбивал да потпише позитивно мислење.


Во третиот и последен сет разговори за оваа прес конференција, почитувани граѓани, ќе слушнете јасно и гласно што се пратениците за Гордана Јанкулоска, но и за собранискиот спикер Трајко Велјаноски - без разлика дали се од македонска или албанска националност. Нека простат што мораат да го слушнат овој збор. Биле “индијанци“. Ќе слушнете како Груевски лично управува и со носењето на Законот за амнестија за хашките случаи, бидејки не може да се обезбеди кворум за да помине законот. Како Груевски наредува на неговата секретарка итно да им наложи на пратениците и министрите – пратеници, да се појават на седницата. `И вели: “Министриве ако ти речат имаме друго – не, одете“ – така да им соопшти. Но ќе слушнете и како Јанкулоска и Ставрески свесни дека се местени, договараат начини како да не се појават на гласањето. Па, Ставрески вели “Не сум идиот“, додавајки: “Пешевски сигурно нема да дојде, некаде на плажа во Грција е“, а Јанкулоска за Груевски додава: “И шефот исто“.


Од овој листинг од гласањето на Законот за амнестија за хашките случаи, може да се види дека и Зоран Ставрески сепак не се појавил на седницата, а Гордана Јанкулоска не гласала.

Еве го денеска уште еднаш лицемерието на Никола Груевски на дело. Но уште појасно, еве го лажниот патриот, Никола Груевски. Еве го манипулаторот на политичката сцена во Република Македонија – без минимум доблесна човечка и лидерска храброст, она што е должност на еден премиер, да застане искрено пред граѓаните на Македонија.

Сега е јасно и зошто Груевски тоа не го правел. Затоа што овој човек се раководел најсебично, најбезобразно, исклучиво од сопствените интереси и ништо друго.

Само да го заштити својот личен рејтинг, денеска сте сведоци што `се правел.

Почитувани граѓани,

Не е важно од која националност сте, не е важно каква е вашата политичка ориентација, порачувам, како што се дига свеста за ова зло што и се случува на Македонија, така и вие, така сите ние, храбро и одлучно да застанеме еден до друг и да ставиме крај на интересите на Никола Груевски и неговата фамилија. Да си ги вратиме, не само интересите на државата туку и своите права: слободата, правдата и достоинството.
Ова зло да не дозволиме да се повтори.

Продолжуваме...

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Ќе објавите ли на Велики четврток разговори за пресудата за „Монструм„?

Заев: Велики четврток е голем христијански празник. За време на христијанските празници нема да објавуваме докази и аргументи.

Медиуми: На аудио снимките слушнавме разговори за хашките случаи, како тие се договарале да се затворат. Кој е вашиот личен став и ставот на вашата партија околу овие случаи? Дали мислите дека требаше да се процесуираат во судски процеси?

Заев: Еве вака. Она што го кажав во вториот дел од прес конференцијата, има избран премиер од сите граѓани на Република Македонија. Овде се и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми, и Власи. Нема да се крие позади своите пратеници. Интересот на Македонија е пред сé и над сé. Ако било одлучено тоа така да се реши, нема да дава вакви изјави, „јас не знам, пратениците знаат тоа, мене ми е многу жал за семејствата, ама одлучил Парламентот така„. Премиерот носи одлуки, ги брани, стои позади одлуките и претставува прв човек во Република Македонија. Тоа е грдото лице на Никола Груевски. Тоа требал Никола Груевски во тоа време да го направи.

Медиуми: Вашиот личен став и ставот на партијата?

Заев: Нашиот став во тоа време го кажавме јасно и гласно. Нашата пратеничка група гласаше против ова автентично толкување за хашките случаеви.

Медиуми: Господине Заев, кој е вашиот коментар околу најновите активности на Владата, како Македонија вработува, доделувањето на вредносни ваучери за таблети, потоа екстремните вработувања во јавниот сектор и уште многу, многу други?

Заев: Последните активности на Владата од неколку аспекти, со неколку збора ќе ги кажам, како давеник што се фаќа за сламка. Финансиска алиментација не постои за сето ова што се прави. Но, што покажува ова? Дека тој давеник за сламка е подготвен на сé, само да ја спаси својата кожа. Иако, притоа, знаел дека сé подлабоко ја турка Македонија во кашата којашто токму тие ја заматија. Јас реков и пред кумановчани, сега Куманово да побара главен град на Македонија да биде, може и ќе му дадат. Израз на тоа колку големо било злото во државата, знаејќи дека што ли не разговарале по телефони, колку уште многу докази и аргументи постојат за сето злосторство коешто е направено и врз граѓаните и врз Македонија. Од тој аспект, сите оние работи за коишто со месеци, па можеби и со години ги одбиваа, мораа студентите да протесираат, наставници, ученици, хонорарците или слично, преку ноќ ги прифатија. Тоа е јасно за сите, јасно е и за нас од опозицијата, но тоа е само уште еден доказ дека крајот е дојден.

Медиуми: Господине Заев објавивте снимки само на едната страна, дали ќе има и од другата страна или они воопшто не разговарале на телефон?

Заев: Сето она што разговарале по телефон а е незаконско однесување или криминални дејствија, или нечесен однос на штета на државата, ќе биде објавено. А вие ќе ги прашате на првата прес конференција политичарите од  ДУИ и другите албански партии да не случајно тоа тие знаеле и пред Заев дека се прислушува. Но секако како што Груевски внимава, колку и да внимавале секако оставиле трага и се што е незаконско и криминално, никој нема да поштедиме, се ќе објавиме.

Медиуми: Господине Заев дали денеска бевте во обвинителството за случајот Пуч? Ако бевте, можете да ни кажете како еве одеше таа комуникација со обвинителот?

Заев: Денеска не бев јас, денеска е Верушевски со давањето на својата изјава. Јас сум утре во обвинителство под сомневање за наводен поткуп и продолжуваме среда, четврток  и така натаму. Не знаеме како ќе биде за празниците, како што тргнала работата најверојатно и за празниците ќе не викаат за да дадеме искази. Самиот процес на отворање во правната постапка, неколку пати кажувам, не сакам да бидам како Груевски и да ги коментирам доказите. Законот вели доказите не се објавуваат во јавност заради тоа што после тоа се неупотребливи. Само ќе кажам тоа што е дозволиво. Нема никаков доказ за насилство, тоа се потврди од целиот увид во доказите. Буквално е обид на давање, на секаков можен начин, обид за шанса за дијалог во Република Македонија. Насилство не може да направите врз некој, да го натерате да донесе одлука за техничка влада и предвремени избори. Надлежност на парламентот е техничка влада и предвремени избори, не е на премиерот. Тој не може да донесе одлука за техничка влада и предвремени избори ниту пак да свика Влада и да донесе одлука на Влада. Тоа не е надлежност на премиерот. Апсолутно како што беше смешно од самиот почеток така и самите докази тоа го потврдуваат. А за шпионажа знаете што е доказот на МВР? Писмо напишано до Њу Јорк Тајмс  на англиски јазик и никогаш не испратено. Вие толкувајте која е таа странска служба и странска шпионажа.

Медиуми: Господине Заев што очекувате од преговорите во Брисел и кои се вашите барања?  Дали е само смена на Зврлевски или друго? И дали тоа значи дека ако се постигне договор ќе престане публикацијата на бомбите?

Заев: Се што се случува со преговорите во Европската унија ние нема да го коментираме. Тие ќе соопштуваат информации што ќе заклучат дека треба да бидат соопштени. Нашите ставови јасно ги обелоденивме уште во Универзална сала. Тоа се нашите позиции во делот на преговорите, таму и настапивме со таквите позиции во делот на преговорите. Даваме шанса на преговарачкиот процес, сето она коешто ќе биде коментар од наша страна можеби ќе биде протолкувано како некој обид за минирање на преговорите. Ние и покрај тоа што во минатото секогаш бевме критикувани дека преговараме со измамници, сега видовме дека и кога преговараме не снимаат и не пуштаат во јавноста, еве пак преговараме. Да дадеме шанса на преговорите но секако до одреден момент ќе очекуваме резултати од преговорите. Опозицијата има обврска да го прекине ова зло во Република Македонија. И крајот ќе му дојде, нема бегање од крајот.

 

понеделник, 06 април 2015




СДСМ