НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 15 - (Видео) Заев: Директни докази откриваат корупција на Мијалков и поддршка од Груевски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 01.04.2015

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Обелоденивме редица скандали што потврдуваат противуставно и противзаконско работење на Никола Груевски, неговиот братучед Сашо Мијалков и тесната група околу нив.

 

Обелоденивме докази што ја откриваат алчноста, лакомоста и криминалот на којшто без да трепне е подготвен Никола Груевски кога се во прашање неговите лични интереси. Парцели во илјадници квадрати, вредни милионски суми во евра, оф шор компании и становите по коишто е познат Груевски.

Денеска пред јавноста во Македонија откриваме уште еден огромен корупциски скандал во Македонија и поширокиот регион, со најдиректни, најконкретни и најјасни докази за класична корупција во врвот на власта. Станува збор за корупција на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Дел од разговорите, почитувани граѓани, потврдуваат дека зад мега скандалот стои и Никола Груевски, кој од позицијата премиер на Македонија, ја обезбедил реализацијата на криминалниот и корупциски бизнис во земјава.

Во овие аудио докази не се зборува во шифри.

Овде `се е јасно како бел ден.

Овде се зборува за точни суми пари, со многу нули, што како провизија за доделен бизнис, преку Русија, Будимпешта… завршуваат кај Сашо Мијалков.

Штом за бизнисот е директно надлежен Сашо Мијалков, можете да претпоставите за што станува збор.

Станува збор за набавка на опрема за тајната полиција на Македонија, од Израел.

Бизнисот го договара директорот на УБК, Сашо Мијалков, преку неговата десна рака во случајот, соработничката Светлана Костова. Од израелска страна, лицето со кое се преговара и од кого Мијалков ги добива милионските суми провизија е Haim Hakeyny, како што може да се дознае од разговорите, од Израел.

Што се случило?

За да почне да преговара за набавката од Израел, Сашо Мијалков побарал од Израелецот Haim Hakeyny, провизија од неверојатни половина милион евра. Само за да ги продолжи разговорите со Израелецот, тој инсистира да ги добие, до евро, побараните половина милион евра.
Од разговорите што ги води во негово име соработничката Светлана Костова, која доследно ги спроведува директивите на Мијалков, ќе слушнете како се одвива целата коруптивна зделка.

Во разговорите од аудио снимките се споменуваат суми од 500 илјади евра, три пати по 900.000 евра, 200.000 евра, 840.000 евра!

Тука ќе се потсетите и која е Светлана – тоа е таа соработничката на Мијалков, којашто Сашо Мијалков, како што веќе слушнавме во претходна прес конференција, ја израдува дека ја наместил за судијка. Дополнително скандалозно во целиот случај е што оваа личност, Светлана Костова, и од позиција на судијка во Управниот суд, продолжува да ги врши валканите зделки за директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поврзани со овој коруптивен случај.
 
Слушнете ги редоследно сите разговори поврзани со оваа афера, што најдиректно го откриваат овој дрзок, криминално – корупциски скандал.


 

Освен аудио доказите, за овој скандал, почитувани граѓани постојат и друг вид докази.

Постојат докази во форма на СМС пораки, за СМС комуникции помеѓу Сашо Мијалков, посредничката Светлана Костова и Израелецот Haim Hakeyny.

Еве една од пораките, покажува дека Израелецот му пуштил на Мијалков 540.000 евра, по што Мијалков прифатил да се сретне со него. Средбата е закажана и реализирана, по еден месец, во Скопје. 

Еве што му пишува Костова на Мијалков, можете да следите на видео бимот:

„Директоре, денеска пријателот испрати 540.000 евра. Хаим, како што беше договорено со вас, ќе дојде повторно на 12-ти мај. Директоре, би сакала да ве потсетам дека вие треба да се видите со Хаим. Тој ми се јави сабајлево за да праша кога ќе има средба со вас“.

 

Еве уште една порака. Оваа порака покажува дека 10 дена по средбата на Израелецот со Мијалков во Скопје, по очигледно утврдениот договор, Haim Hakeyny му префрлил на Мијалков, според договореното, уште 840.000 евра!

Еве ја СМС комуникацијата меѓу Костова и Израелецот:

Светлана му пишува:
„Директорот даде дозвола за следната исплата“

Хаим одговара:

„Добар ден. Ти благодарам. Ќе информирам утре“

По неколку часа Израелецот Хаим потврдува:

„Здраво. Испратив сега 840.000. Поздрав“

Од Светлана добива одговор:

„Ок. Ќе го информирам директорот“

Гледате ли што се случувало?

Дека Израелецот Haim Hakeyny бил чест гостин во Македонија покажува овој документ од неговите влегувања и излегувања во и од земјава. Тој дошол во Македонија, дента кога ги префрлил 540-те илјади евра, на 5 април. Заминал на 6 април. Клучното следно доаѓање на Израелецот му е, како што е договорено преку СМС пораките, преку Деве Баир на 12 мај. Инаку има доаѓања во Македонија и во меѓу периодот. По 12 мај, се отвора патот за новата провизија и на 23 мај, како што видовте, легнуваат 840-те илјади евра, дел од вкупната провизија, што ја побарал Сашо Мијалков - за опремата за тајната полиција во Македонија договорена со Израел. Станува збор за 2011 година. Но овој документ открива дека Израелецот бил чест посетител на земјава од 2008 година.

Како во сето ова е инволвиран Никола Груевски, ќе ве вратиме на две снимки од почетните прес конференции. Станува збор за разговорите помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, кога Јанкулоска се жали дека МВР не може ни струјата да си ја плати, кога Ставрески `и бара кратења на трошоците, а кога таа вели дека кај тие 850 не може да скрати. Не може, затоа што Груевски, како што вели: “Сто пати ми рекол таму не пипкај“!

Тие 850 што ги споменува Јанкулоска, се 850 милиони денари или безмалку 14.000.000 евра што одат од парите на граѓаните, од Буџетот на Република Македонија, за коишто била договорена, како што сега дознаваме, провизијата на Мијалков со Израелците. Тука е и разговорот на Јанкулоска со Мијалков, што исто така потврдува и дека од тие пари не смее да крати.

Еве ги тие разговори.


Почитувани граѓани,

Изминатиов период, токму од поранешниот прв човек на Дирекцијата за јавна безбедност, Горан Митевски, стигна тврдење дека снимките кои се автентични, се направени со опремата за прислушување набавена во 2008 година од Израел.

Истовремено, од ова што го слушнавме денеска, станува јасно дека е набавена опрема за прислушување и во 2011 година.

Граѓаните на Македонија, платиле безмалку 14.000.000 евра за опрема којашто била набавена за да биде злоупотребена, за Груевски и Мијалков да влезат во животите на сите нас, за да ги контролираат животите на граѓаните на Македонија. Но скандалозното прислушување било поврзано со уште една, неверојатно голема криминално корупциска афера, во којашто е инволвиран врвот на власта, а којашто носи огромен срам за Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Гледате дека секоја наредна прес конференција покажува за какви нечесни луѓе се работи и со какви криминали ја срамат Република Македонија. Само пари и моќ им било важно на Груевски и Мијалков, а `се друго било претстава за граѓаните.

Да не дозволиме ова никогаш повеќе да не се повтори.

Продолжуваме...

Одговори на новинарски прашања


Медиуми: Значи и во минатата прес конференција, има вклученост на лица во овие афери од странство, од Кина и од Израел. Дали сте биле во контакт со нивните амбасади и претставници други, за и таму да има некаква истрага околу овие афери?

Заев: Јас сум човекот што ја има честа прв да ја соопшти вистината за Македонија. Истрагата има кои да ја водат веднаш штом ја нормализираме нашата земја.  Ќе дојде време и за истрага за сите овие корупциски скандали од мега аспект, коишто се невидени ни во Македонија ни во регионот.

Медиуми: Освен Борисов и Расмусен други странски претставници дали се прислушувани? Кои се тие?

Заев: Значи денеска демантиравме, нема изјава дадено за Борисов и за Расмусен од моја страна.

Медиуми: Беше објавено на Фокус, бугарската агенција?

Заев: Не беше објавено на Фокус. Мета шпекулира што тоа Фокус објавил кога Заев дал изјава. Јас реков дека покрај амбасадите прислушувани се претставници на Европската унија додека биле во Скопје.

Медиуми: Ваш коментар за одбивањето на Европската комисија на барањето на Јавното обвинителство за прислушувањето и кривичниот процес?

Заев: За многу брзо време на сите ќе ви стане јасно зошто е одбиено барањето. Тоа што сите го насетувате во Македонија. Постојат разговори, во форма на разговорите ќе се одвиваат работите.

Медиуми: Господине Заев имаме можност да видиме за прв пат СМС пораки и копии од пасоши, од летови. Може да ни кажете од каде располагате со нив?

Заев: Од поодамна реков дека покрај аудио разговорите постојат и СМС пораки, секако во целата оваа документација којашто е доставена до Социјалдемократскиот сојуз. А ова што го претставивме денеска, влезови и излези, во и од државата на странски државјани, уште еднаш можам само да кажам: симнувам капа на сите оние коишто доставуваат материјали во партијата. Се охрабриле, дале придонес и даваат придонес во враќањето на слободата и демократијата во нашата земја. Формирав посебни тимови во СДСМ коишто ги читаат и анализираат сите овие материјали коишто последните месец и повеќе стигаат кај опозицијата, генерално, не само кај нас и кај другите опозициони партии.

Медиуми: Господине Заев во последниве наврати премиерот Груевски на некој начин најавува дека можеби ќе има меѓуетнички тензии и слично.  Дали може такво нешто да се очекува и од ваша страна и која е вашата препорака?

Заев: Целиот наш охрабрен народ, кој се разбуди на почетокот на објавувањето на доказите и аргументите, е една огромна причина за нашата храброст и решителност. Но една од најголемите причини којашто ми дава уште повеќе храброст и на мене, на целиот тим, во целата опозиција е чувството на меѓуетничко сплотување во Македонија. Поддршката за оваа слободарска и демократска мисла доаѓа од сите етнички заедници, без разлика на верската вероисповед, па дури и без разлика на политичката припадност на граѓаните. Како рекле нашите предци, границите не ги бранат нашите полицајци туку граѓаните што живеат на границите. Потенцијална можност од меѓуетнички конфликт, ќе ја бранат сите етнички заедници заедно овој пат. Ако некој му падне на памет да генерира вакви иднини за Македонија.

 

 

среда, 01 април 2015




СДСМ