НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 14 - (Видео, докази) Заев: Груевски е фатен во мега корупциски тендерски скандали

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 26.03.2015


Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Ветивме дека целата вистина за злосторството што е правено врз нашиот народ и на нашата земја, ќе ја дознаат сите. Тоа го докажавме досега и продолжуваме да го докажуваме.

 

Денеска, на домашната и на меѓународната јавност им е повеќе од јасно дека во Македонија нема слобода и демократија, дека европските вредности целосно се уништени.

Досега, меѓу другото покажавме колку бил нечесен Никола Груевски кога се работело за неговиот личен интерес. Купувал огромни, атрактивни парцели на Водно, вредни милиони евра и се криел позади оф шор компании формирани за негови потреби.

Со тоа што денеска ќе го слушнете и видите ќе сфатите дека парцелите и оф шор компаниите се само мал доказ за нечесноста на Никола Груевски, но и за неговите мегаломански апетити.

Денеска ќе бидеме сведоци на суровата и горчлива вистина којашто ќе потврди дека сиве овие години, Груевски, под чија наредба се казнуваа и затвораа граѓани на секој чекор во име на правдата и законите, е всушност оној за кој не постои ниту закон, ниту Устав, ниту совест.

Денеска сите ќе бидеме сведоци како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, како правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони, за негови сопствени цели и интереси – како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите!

Првиот разговор што ќе го слушнете на денешната прес конференција е помеѓу Никола Груевски и директорот на РЕК Битола, Владо Чинговски. Од овој разговор ќе слушнете како лично Груевски мести тендер што треба да го добие еден од сопствениците на телевизиите кои му помагаат во актерството со коешто се одржува на власт – сопственикот на Сител телевизија, Горан Ивановски. Па Груевски и Чинговски договараат помош, за “кратовчанецот“, да направи “конзорциум“ и “сите да се задоволни“. Станува збор за местење тендер за ископ на јаглен во Битола, што треба да го добие сопственикот на Сител, затоа што, како што вели Груевски, “кратовчанецот знаеш зошто ни е многу битен“.

Во првиот разговор ќе видите и зошто еден од поголемите бизнисмени во државата постојано дава изјава по медиумите зборувајќи “колку е добра“ економската состојба во Македонија. Тоа е бизнисменот Сеат Кочан, кој, според наши информации е многу добар пријател на Груевски и еден од оние, со кои, според кажувањата на Груевски, имаат одлична соработка.

Еве го тој разговор.


 

Лицето КБ е Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Да не се мачите.

Следните два разговора откриваат како Груевски го подготвува амбиентот за местење на тендерот за пругата Куманово – Бељаковце, како за фирмите зборува во шифри со првите букви од земјите од коишто доаѓаат: Германија, Чешка, Грција и Австрија. Ќе слушнете како Никола Груевски, лично, во фаза на разгледување на документацијата, има намера “да стапи во контакт со некоја“ па сака да биде сигурен на која, како што вели, “може да и се среди“.

Слушнете.

Следните два разговора ќе покажат многу јасно на каква мака се соработниците на Никола Груевски, па дури и кога се работи за послушник и извршител како што е Миле Јанакиески.

Слушнете какви притисоци прави Груевски врз Јанакиески, противзаконски да потпише документ за промена на фасадите на ЕВН и на Сити Галери во барокни фасади. До каде оди суровоста на Груевски покажува настојувањето на Груевски кон Јанакиески, убедувајќи го дека нема да биде тој што ќе бил вовлечен во криминал, дека “таа“ од општина Центар ќе ја имала одлучувачката улога, ама од неа, сепак, да сокријат дека тоа што го прави не е законски.

Еве ги тие разговори.

Ова што го слушнавте е незаконски и згрозувачки.

Но следните неколку разговори, почитувани граѓани, ќе го отворат пред јавноста еден од најголемите финансиско – корупциски скандали, каков што не познава нашата земја, па и поширокиот регион.

Најавата за тоа што следува ќе ја почнам со потсетување на разговорот помеѓу Ставрески и Јанкулоска, во којшто Ставрески реагира за договорот со Кинезите за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Еве го тој дел од разговорот.

За овој огромен финансиски проект вреден точно 580 милиони евра не постои тендер туку одлуката е донесена со донесување на Законот во Собранието на Република Македонија. Во вакви околности, кога веќе нема тендер и може да се договори најслободно во четири очи со фирмата изведувач на проектите, тогаш на потег доаѓа Груевски. Откако веќе ја договорил изградбата на автопатот Миладиновци – Штип со истата фирма, за 206 милиони евра – пари што се кредит и треба да ги враќа нашиот народ, односно секој од вас, од нас, поединечно, почитувани граѓани, Никола Груевски влегува во акција со таа фирма да го договори и автопатот Кичево – Охрид.

Иако проценката на Агенцијата за патишта е 270 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид, сепак по налог и директива на Груевски, министерот Миле Јанакиески, вице премиерот Владимир Пешевски и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, се договараат за изведба на автопатот Кичево – Охрид, во вредност од 373 милиони евра. 103 милиони евра повеќе од проценката на Агенцијата за патишта на Република Македонија!

Но, тоа не е единствениот успешен потфат на Груевски во овој проект. Груевски успева да договори повторно да биде избрана истата фирма, којашто веќе е договорена за изградба на автопатот Миладиновци – Штип, и тоа, како што вели самиот тој “на ист начин и под исти услови“.

Условите се 5 проценти од проектот или помеѓу 15 и 18 милиони евра провизија и тоа само од автопатот Кичево – Охрид, а од двата автопата заедно, нели “на ист начин и под исти услови“ како што самиот Груевски вели во разговорите, вкупно, повеќе од 25 милиони евра!

Следуваат разговори што покажуваат како се прават подготовки, планови, преговори со Кинезите, коишто траат до доцна во ноќите, а преговарачите Груевски и соработниците се прилично упорни во преговорите, но и “успешни“ кога се работи за нивните лични интереси.

Еве ги разговорите – доказ за еден огромен грабеж во Македонија.

Следуваат 11 разговори.

Како што можевте да слушнете на крајот, само со едната фирма, на најнечесен начин го договараат добро подготвениот план, за сето тоа, во финалето, да го верификуваат со донесување на Закон во Собранието на Република Македонија, за реализација на двата автопата, со фирмата којашто стои во документите.
Еве го Законот што Собранието на Република Македонија го донесе на 25 октомври 2013 година, во којшто се потврдува изборот на оваа фирма и двата договора, во вредност од 206 милиони евра за автопатот Миладиновци – Штип и 373 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид.

За крај, на оваа прес конференција ќе објавиме еден разговор на Миле Јанакиески со сопругата, во којшто, напоменуваме, нема никаква лична природа, но многу директно покажува  во што може човек да се претвори, кога е доследен извршител и реализатор на валканите планови на Груевски, посветен денови и ноќи на реализација на мегаломанските и забегани цели на Никола Груевски.

Слушнете го овој последен разговор за денеска.

Зарем треба уште докази за да сфатиме сите каков глумец ни ја води државата цели 9 години? Што уште треба да објавиме за да сфатиме што всушност се крие зад “ликот и делото“ на Никола Груевски?!

Со сопствениот глас, преку своите телефонски разговори, Никола Груевски покажа на сите кое е неговото вистинско лице.

Затоа тој е исплашен.

Исплашен е и од себе и од своите. Исплашен е и од народот.

И треба да биде исплашен. Готово е!

Никола Груевски, сеуште имаш шанса сам да заминеш и да ја ослободиш Македонија од маките.

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, зарем треба да продолжите да поддржувате вакви луѓе?

Почитувани граѓани,

Беше јасно и пред објавувањето на Вистината за Македонија што и се случува на нашата земја. Со овој процес тоа се потврди.

Да не дозволиме ова повеќе никогаш да се повтори!

Ова сеуште е само дел од доказите за Вистината за Македонија.

Продолжуваме...

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев, слушнавме што сé се случува. Сакав директно да ве прашам, дали мислите дека секој ден сé повеќе ја губите довербата кај албанските граѓани бидејќи се уште гледаме дека ги криете фактите коишто директно ги докажуваат криминалите кај албанските политичари, но и кај случаите што се работени, односно што се монтирани случаи против албанските граѓани?

Заев: Морам да го повторам истиот одговор на вашето прашање. Значи, сé што поседуваме ќе објавиме и секако, согласно нашите проекции и замисли, тоа ќе се случи. Напротив, поддршката од помалите етнички заедници, вклучувајќи и од албанската, расте секој ден. Тоа е една од најголемите придобивки што овој процес ја носи. Единство на сите етнички заедници во Република Македонија кон целта, слобода и демократија. Ќе се објави сé во вистинско време.

Медиуми: Но, нема таков впечаток кај албанските граѓани, од она што го гледам секој ден, се плашат да веруваат.

Заев: Зарем за другите најавени процеси мислите дека нема, исто така заинтересирани граѓани да бидат објавени? Целата вистина ја ветивме пред граѓаните и целата вистина ќе биде објавена. Без разлика кои од групите, од заедниците, етнички, политички се заинтересирани за некој процес посебно, вклучително и овој процес, секако. Сé што поседуваме од докази, ќе биде објавено.

Медиуми: Господине Заев, во едно од вашите последни интервјуа изјавивте дека сé што поседувате вие и вашето семејство се наоѓа во Македонија. Зошто ја премолчивте хациендата во Грција?

Заев: Еве вака. Не би сакал да коментирам сопственост на мои први братучеди. Јас немам имот надвор од државата. Сé што имам ми е овде во Македонија. Значи, јас, мојата сопруга, моите деца. За имотот на роднини и пријатели, нив ќе ги прашате. Пола од врхушката на власта и владините перјаници, имаат вили во нивна сопственост во Грција. Патриотите, ги знаете. Така да, јас имот во Грција немам и јас немам имот надвор од Македонија. Сé што имам е во Република Македонија.

Медиуми: Господине Заев, месец и пол откако го почнавте овој процес, според вас, што е различно во државата?

Заев: Апсолутно, сé се промени во Република Македонија. Страв им беше Мијалков да го споменат граѓаните. Сега буквално се охрабрени. Затоа што виделе што е суштината на Мијалков. Сé бил освен директор на УБК. Денеска во Македонија храбро се зборува, луѓето коментираат насекаде и дома и во чаршија и на работа, секаде. Чувството дека се чека толку драгоцената придобивка од 21 век, којшто мора да постои секаде, слободата и демократијата, е недвосмислено јасно чувство, вградено во нашите граѓани. Не само во опозицијата, туку во сите оние граѓани коишто се охрабрени и реагираат борејќи се за своите права, за слободно и демократско живеење, за себе и за генерациите коишто доаѓаат. Единствено, дрскоста и безобразието на Груевски не се променети. Но верувајте, и тоа ќе се промени. Не зависат веќе работите само од Груевски.

Медиуми: Гoсподине Заев, дали ќе слушнеме наскоро разговори од функционери на опозицијата? Бидејќи најавувате дека ќе објавувате. Дали ќе имаме можност наскоро и тоа да го слушнеме?

Заев: Она коешто е замислено како цел, да ја отвори целата вистина во Република Македонија, секако е и дел поврзано со разговори помеѓу опозицијата. Еден од следните чекори ќе биде доказ на што била ставена опозицијата, што морала да помине целиот овој период. И како тоа власта, со сите инструменти и механизми коишто ги има на располагање, се поставила,  во еден специфичен процес или период, многу важен за државата и секако, со внимание следен од цела Македонија. Во еден од следните чекори ќе биде тоа објавено. Но, ви реков, нема да дозволам, без разлика дали е тоа опозицијата, бизнисмени, борци за човекови права, претставници на граѓанскиот сектор, претставници на верските заедници или други групи коишто не се припадници на власта и цел период биле мета на прислушување, сега уште да ги објавиме за да може за нив, исто така, дополнително да се прават недозволиви коментари - повеќе од 70 посто од материјалите коишто ги поседуваме, ќе ги дефинирам вака, сé за луѓе кои не се од власта или не се дирекнти соработнци на власта. Само еден дел се луѓе од власта и директни соработници со власта.

Медиуми: Господине Заев што очекувате од  дијалогот во Брисел најавен за во понеделник меѓу партиските претставници?

Заев: Нашиот став во врска со преговорите е јасен. Дијалогот е добредојден и секако за нас е прифатлив. СДСМ никогаш не бегал од дијалог. Но притоа мораме да знаеме дека буквално е невозможна мисија да се воспостави дијалог помеѓу власта и опозицијата овде во Македонија без посредништво на Европската Унија или на меѓународниот фактор.  Така да не би сакал да ги коментирам однапред  нашите очекувања. Нашите ставови се јасни. Граѓаните ни се сведок и за она коешто го тврдевме целиот овој период наназад, зошто не сме во Парламентот, зошто не ги прифативме  изборите како процес и слично. Тоа е повеќе од јасно, сакаме да дадеме шанса на дијалогот, притоа не би навлегувал во деталите за очекувањата коишто ги имаме од тој дијалог.

Медиуми: Уште едно прашање господине Заев. Доколку се докаже дека за она за што ве терети полицијата, како ќе ги погледнете во очи сите овие ваши големи поддржувачи кои толку жестоко ве бранат?

Заев: Не знам дали ги слушате овие разговори иако најверојатно вашиот медиум не ги објавува. Но имате можност да слушнете какво зло и злосторство е направено во вашата земја. Зарем мислите дека овие 9 години тоа што сите го претпоставуваа само е претпоставка, сега го видоа? Зарем мислите дека лидерот на опозицијата, на најголемата политичка партија од опозицијата, без докази за тоа кој тоа го правел, како го правел, како е организирано, вака ќе излезе пред јавноста и ќе води вака храбар и решителен процес за слобода и демократија на Македонија. Апсолутно немам никакви дилеми и резерви кој тоа го правел, како го правел и колкав период го правел. Но секако како политичар исправен  на секоја прес конференција и секогаш пред граѓаните, спремен сум да понесам секаква одговорност, каква и да е, ако секако за тоа сум одговорен.

Медиуми: Господине Заев дали имате посебни докази за прекинот на пописот и дали мислите дека е важно тоа да излезе час поскоро? Дали имало некакви манипулации во врска со тоа?

Заев: Раслојувањето на опозицијата, пописот, Монструм, Никола Младенов, што е поважно? Се е важно. Целата вистина е важна и затоа неколку месеци во континуитет сите од опозицијата тврдевме- никој нема право да ја скрие вистината од Македонија. И граѓаните мора да ја знаат целата вистина. Соодветно во процесот којшто го водиме се ќе биде објавено. Имаме секако документи, односно разговори, коишто потврдуваат што се случувало и со пописот.

 

 

четврток, 26 март 2015




СДСМ