НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 6 - (Видео) Заев: Соработници на Груевски потврдуваат криминали и економска катастрофа

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 02.03.2015

Почитувани граѓани и претставници на медиумите,

Рековме дека секоја следна информација ќе биде пошокантна од претходната.

 

Денеска ќе слушнете зошто Никола Груевски и Сашо Мијалков имале потреба да ги прислушуваат своите соработници од најтесното опкружување. Зошто токму Јанкулоска и Ставрески се најприслушуваните министри во Владата.

Од Јанкулоска и Ставрески, почитувани граѓани, ќе слушнете, дека лично Никола Груевски, дури и среде ноќ, издавал наредби на неговите министри, да работат противзаконски!

Станува збор за директиви од Груевски за незаконско подигнување милионски кредити од странство, за нелогични буџетски трошења за реклами и споменици во услови кога биле доведени во прашање: плати на администрацијата, работни места, работата на клучни ресори во државата, честа и достоинството на јавната администрација, народот и државата.

Ова се признанија лично од вицепремиерот за финансии Ставрески и министерката за внатрешни работи Јанкулоска, што ќе потврдат за `се  што предупредувавме: за хаосот во Буџетот и колапсот на економијата во Македонија, за апсурдни трошења пари на граѓаните, овие разговори ќе потврдат дека е фалсификувана вистината за економската состојба во државава.

Сето ова се правело по налог на еден човек, премиерот Никола Груевски.

Разговорите помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се во периодот на Ребаланс на Буџетот за 2012 година и проекции на Буџетот за 2013 година, но и за Буџетот за 2014 година. Овие разговори разјаснуваат зошто била нервозата кај власта и посебно на Јанкулоска и Ставрески кога беа исфрлени новинари и пратеници на опозицијата надвор од Собранието и зошто Буџетот за 2013 година требало да се донесе зад затворени врати. 

Во првиот сет од 4 разговори помеѓу Јанкулоска и Ставрески, ќе слушнете дека:

1. Приходите се катастрофа,
2. Како самиот Ставрески констатира дека е “трагедија“ што се даваат пари за споменици, додека полицајците, како што вели Јанкулоска, спијат на железни кревети, се покриваат со ќебиња од ЈНА,  
3. Како Ставрески лично критикува дека Груевски неразумно бара 100 слики за музеј
4. Или 300 – 400 милиони евра за згради и споменици, наместо за реални потреби, за коишто нема пари. Тука ќе слушнете и за нешто друго, признание на Јанкулоска дека полицијата тепала на протестите пред општина Центар и како таа морала да “менаџира“ оправдувања пред евроамбасадорот Орав.

Почнуваме со ред, од првите 4 снимки.

 

Следните два разговора откриваат:

5. Како Груевски среде ноќ нарачувал кај Ставрески противзаконско подигнување кредит од 700 милиони евра, како Груевски, како што вели Ставрески, е “човек кој изгубил контакт со реалноста“
6. Како, замислете, Ставрески одбил пари од ИПА фондовите на ЕУ за да ги сокрие долговите на државата. “Сакаат да ми влезат во трезор да ми копаат (заостанати долгови)“ , вели Ставрески, како да се работи за негови пари, а не за пари на граѓаните на Македонија.
Еве ги тие снимки.

Во следните два разговора меѓу Јанкулоска и Ставрески:

7. Вицепремиерот за финансии признава коруптивен скандал направен од битолскиот градоначалник Владимир Талески, за кој вели дека е “тежок криминалец“, Јанкулоска признава дека низ скопскиот градоначалник, Коце Трајановски поминуваат “матни работи.“
8. Тука ќе слушнете лично од кумот на Груевски и министер Зоран Ставрески, како на Груевски му се приоритет личните врски, како дури од пат од Турција прво што се интересирал била навреденоста на поранешниот директор на Зоолошката градина и Лотарија на Македонија и близок пријател на Мијалков и на Груевски, Дане Кузмановски.
Слушнете.

Во последен сет од три разговори, почитувани граѓани, ќе слушнете:

9. Како Ставрески признава дека долгови се трупаат, а се мисли само на блиски бизнис партнери до Груевски и Мијалков, како фирмата Бетон...
10. Како Јанкулоска признава дека Груевски бил “забеган“
11. Како Јанкулоска и Ставрески самите констатираат дека ова што се прави во Македонија со неразумните задолжувања, не постои во ниедна нормална држава во светот!
Слушнете ги последните три разговори во оваа прес конференција. 

Почитувани граѓани,

Овие признанија се само мал дел од разговорите меѓу Ставрески и Јанкулоска. Има уште многу. Овие 11 разговори од денеска доволно потврдуваат за хаосот во Буџетот и за катастрофалната економска состојба во којашто се наоѓа Македонија.

Овие 11 разговори, целосно ја симнуваат маската на Никола Груевски - каква држава е Македонија.

Ако толку им било неиздржливо на Јанкулоска и Ставрески во Владата на Груевски, зошто не си заминале? Затоа што Груевски и Мијалков ги следеле, знаеле што зборуваат, имале со што да ги уценуваат да останат во Владата?! Но, тоа е потег што секогаш може да го направат.

Шилото на Вистината за Македонија, почитувани граѓани излезе. За местени апсења, рушења објекти и човечки судбини, на цели семејства на неистомисленици и политички противници, за одржување послушност кај своите и притисоци врз граѓаните за лични цели, ете сето тоа Груевски и Мијалков го правеле преку противуставните и противзаконски скандалозни прислушувања.

Се ќе откриеме до крај. Ова зло што го нанеле и го нанесуваат Никола Груевски и неколку соработници околу него, никогаш повеќе да не се повтори!

Продолжуваме...  

 

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев, сакам да ве прашам, малку надвор од ова што денеска го слушнавме. Пред неколку дена добивте писмо од албанските интелектуалци коишто укажуваат некоја  загриженост за тоа дека и кај албанските граѓани веќе има впечаток и грижи, така да кажам, албанските партии што се во Македонија, бидејќи досега немате објавен факт што докажува дека и тие се вмешани во овој криминал или во овие криминални дела, како што вие вeлите. И второ прашање, дали директно имате факти дека во државава има нарачани убиства, како што е петкратното убиство во Смиљковци и убиството на Харун Алиу?

Заев: Мора да бидете трпеливи за да може целата вистина, чекор по чекор, на внимателен начин, од причини коишто претходно ги кажував, да биде соопштена на нашата јавност. Само ќе додадам. Со вакви луѓе кои вака ја водат државата, со целото ова прислушување, свесен сум дека, ако нешто јас и опозицијата скриеме, тоа го имаат Сашо Мијалков и Никола Груевски. Ќе го свртат врз нашиот грб. Тоа е причина и потврда да докажеме дека ништо нема да скриеме. Ќе ве цитирам, како што го поставивте прашањето и така ќе одговорам. Дали имаме конкретни докази за нарачано убиство? Не. Но, има докази за предмети коишто се од сферата на Вашиот интерес.

Медиуми: Господине Заев, Груевски рече дека оставка нема да поднесе, но исто така, рече и дека не прифаќа техничка влада. Каква разврска е можна на политичката  криза?

Заев: Само ќе кажам дека оваа политичка криза, е најверојатно најголемата политичка криза, од самостојноста на Македонија до денес. Секојдневно Никола Груевски сé подлабоко ја внесува Македонија во оваа политичка криза. Јас само се надевам дека нема во план да направи некоја беља во Македонија. Тоа нема да му го дозволиме ниту јас, ниту граѓаните во оваа наша земја. Истовремено, решенијата ќе дојдат на повидок. Верувајте и дека ќе ги испорачаме. Важно е дека мора да има политичка разрешница. Правна разрешница од ова ниту ќе има, ниту очекуваме. Трпеливо, со доволно време, целата вистина да ја соопштиме на македонската јавност, а консеквентно на тоа, ќе дојдат на повидок и политичките решенија за нашата земја.

Медиуми: Рековте дека на Груевски нема да му дозволите да направи беља. На каква беља мислите?

Заев: Се надевам дека нема да му падне на памет да прави немири или слични работи, заради тоа што, гледам во соопштението кое што го лиферуваа од одржан Централен комитет, дека повикува на борба, на битка. Се поправи на политичка битка. Но, тој знаел во минатото да прави многу слични вакви повици. Сега, царот е гол. Дали ќе и олесни на Македонија, брзо ќе ги влече потезите, во прилог на добрата иднина на Македонија, или не, јасно е. Крајот на овој режим и диктатура доаѓа во Република Македонија.

Медиуми: Кажавте дека имате двајца сведоци во странство, кои се вашите барања за они да дојдат да сведочат во Македонија?

Заев: Во нормална земја, со нормален правосуден систем растоварен од пипците на контрола на извршната власт, тогаш  може да очекуваме правда. Не само за сведоците за процесот Пуч или за кој било. Правда во 21 век, да биде дискутабилно дали ќе ја добиете или не, а се случува во нашата Македонија, ќе реагираме или нема да реагираме? Кога ќе има нормален правосуден систем тогаш комплетно целата вистина во врска со тоа кој прислушувал а кој не, ќе биде обелоденето. Но впрочем како не следите внимателно, ќе видите, кога го носеле Законот за следење на комуникациите, како паралелно преку телефон штителе станици за прислушување и она кое што им е толку драгоцено и истовремено во разговорите нивни коишто ќе следуваат, ќе видите како зборуваат така со леснотија дај ми го телефонот, јас ќе го проверам тој и тој, кој било граѓанин, само внимателно следете `не, `се што се уште претставува нерасчистена до крај нејаснотија, ќе ви биде расчистена. Мора да бидеме трпеливи, внимателни. Овој процес мора да донесе ветар во грб за нашата Македонија, мора да ја води напред, мора да ги реши проблемите со констатација никогаш повеќе да не се повторат, но истовремено да и даде шанса, шанса силна оваа наша земја, она што го заслужува и да го добие, и државата и граѓаните кои живеат во Македонија. 

Медиуми: Господине Заев веќе објавивме дека Верушевски имаше соочување со обвинител и со судија на претходна постапка. Ме интересира затоа што таму правни застапници се дел од вашите адвокати, што ви пренесоа, што е тоа што го врзува Верушевски со странска служба или невидливо комбе и што е тоа што Верушевски го поврзува со вас?

Заев: Еве вака. Не е во ред ја да кажам нешто околу странски служби и невидливо комбе затоа што два - три дена наназад ја отворија сликата и ги тргнаа облаците за странски служби, невидливи комбиња, базни станици или како  ги нарекуваат технички опреми и слично. Од адвокатите сум информиран дека Верушевски е викан на сослушување само за пиштолите. Воопшто ниту со него, ниту со неговата сопруга, Бранко Палифров и со мене како осомничен не е поведена истрага и не е разговарано. Се уште сме на статус како во првиот ден кога ми беше одземен пасошот, а тие беа притворени, осомничени лица. Докази ниту адвокатите мои слушнале, ниту досега сме биле повикани во истрага, за да ги разгледаме доказите или да дадеме исказ.

Медиуми: Читавме за одредени предлози во медиумите, предлагаат некаква независна експертска комисија којашто би ги вештачела снимките. Дали и во какви услови би прифатиле таква комисија?

Заев: Независни експертски комисии какви што беа во минатото? Анкетни комисии? Каде што на Тито Петковски како претседател на Комисијата за следење на комуникациите којашто е единствена најверојатно комисија, којашто по Устав и закон има мнозинство од опозицијата, од тие причини коишто денес ги гледаме какви се силни, не дозволиле ниту еднаш да направи контрола? Јас само ќе кажам вака, кој тоа прислушувал во државата ќе видите како глатко пополека ќе се отвори, посветете се на суштината на разговорите, таа ја кажува вистината за Македонија, таа е толку грозна, но истовремено предизвикувајќи шок, одредена катарза. Но верувајте истата таа вистина ќе даде реални шанси за добра иднина на нашата Македонија.


 

понеделник, 02 март 2015




СДСМ