НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 5 - (Видео) Заев: Груевски одмазнички го срушил Космос на Фијат Цаноски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 27.02.2015

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Пред очите на јавноста се неспорни фактите што ги обелоденуваме во проектот Вистината за Македонија.

 

Братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков неовластено масовно прислушувале, злоупотребувајќи ги своите овластувања, користејќи ги сите државни механизми и апаратура за свои лични цели. За воспоставување целосна контрола врз `се во државата.

Тоа е единствениот начин преку којшто овие луѓе се одржуваат на власт.

Јасно е зошто Никола Груевски, онака осамен излезе на прес конференција и изнесе лаги, нереални и контрадикторни тези. Се работи за неговото сопствено спасување и затоа продолжува да ја лаже јавноста.

Празни фрази за некаква тактичка опрема, клонирани системи и странски служби само за да покаже дека бил загрозен. Загрозен бил човекот?!

На завчерашната прес конференција Никола Груевски освен што се стави во улога на полициски портпарол кој манипулира, тој очајно молеше јавноста да ги затвори и очите и ушите за овие грозотии од неговиот начин на владеење што ги гледаат и слушаат овие денови. Да му веруваат на зборот дека тој не е нечовек, дека неговите соработници не се нелуѓе. 

Денеска почитувани граѓани ќе објавиме нови докази кои целосно го покажуваат вистинското лице на Никола Груевски.

Ќе ја чуете суровоста и одмаздничкиот порив на овој човек, кој заедно со своите најблиски соработници е подготвен да ги сотре сите коишто не размислуваат како него.

Почитувани граѓани,

Веднаш по изборите 2011 година и згаснувањето на А1 телевизија под директен налог и нарачка на Никола Груевски се руши милионската инвестиција на Фијат Цаноски, објектот Космос.

Целта е политичка одмазда кон Фијат Цаноски.

Никола Груевски лично ја иницира и контролира целата акција на срамнување на објектот со земја, Груевски лично за таа цел нарачува менувања урбанистички планови, сугерира користење на нивните инсталации во судството, договара медиумски сензации и манипулации за да се оправда пред меѓународната заедница.
Еве слушнете и уверете се. Разговорите се меѓу министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој ги прима наредбите и нарачателот Никола Груевски.

Од првиот разговор ќе слушнете како Никола Груевски диктира кога да се достави решението за рушење на објектот Космос, до инвеститорот Фијат Цаноски. По инструкции на Груевски, тоа треба да биде после “три – четири“ часот попладне.

 

Во следниот разговор Јанакиески добива насоки од Груевски како да се збрише објектот Космос. Груевски нарачува кај Јанакиески промена на Деталниот урбанистички план и преадаптација на просторот во “парк со фонтани“.

По некоја минута Груевски се предомислува и доаѓа до нова идеја во неговиот одмазднички план кон Цаноски. За да го снема објектот Космос, Груевски бара од Јанакиески да се сменат и Генералниот и Деталниот урбанистички план.

Следуваат инструкции на Јанакиески од Груевски за почетокот на рушењето на објектот Космос. И датумот го одредува Груевски. Проценува дека е најдобро по изборот на Влада, за опозицијата да не го напуштела Парламентот поради случајот.

Во следниот разговор со Јанакиески, Груевски носи конечна одлука, дека е подобро објектот Космос да се руши “во фул сезона на годишни одмори“, па дава нови инструкции акцијата да почне на 1 август.

Следниот разговор помеѓу Јанакиески и Груевски е во текот на рушењето. Груевски не е задоволен од спроведеното, вели дека била направена “многу ситна штета“. Дополнително, овој разговор ги потврдува инсталациите на Груевски во судството. Кога Јанакиески го информира Груевски дека е на теренот дојдена судијка, која може да издаде судски налог за забрана за рушење и дека за случајот е надлежен Основниот суд Скопје 2, Груевски го упатува Јанакиески, цитирам, “Да се слушнеш со највисокиот“!

Следниот разговор во целост го покажува вистинското, одмазничко и безкрупулозно лице на Груевски. Ужива во постапката и динамиката за рушење на објектот.

Разговорот меѓу Јанакиески и Груевски што сега ќе го слушнете е класична потврда за одмаздничкиот потег на Груевски кон Цаноски, сват на сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски. Груевски е задоволен од дотогаш завршената работа и констатира “Штом е онеспособен, завршена е работата“.

Последниот разговор целосно го разобличува Никола Груевски. Освен одмаздата ништо друго не го интересира. Ниту реакција на меѓународната јавност, ниту почитувањето на законите, правото и правната држава. Единствено за што е заинтересиран е покритие на злосторот што го прави.

Ете тоа е почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите вистинското лице на Никола Груевски. Човек – нечовек. Нема да употребам други зборови затоа што никој не треба да шири омраза. Само ќе кажам...

Еве ова е тој Груевски кој со помош на широкото уво на неговиот братучед Мијалков ништи се пред себе од фрустрации, за освета, за лични цели.

Почитувани граѓани,

Да не дозволиме ова, никогаш повеќе да се повтори. Ветуваме дека нема да дозволиме да се повтори!

Но, вистината за Македонија до крај ќе биде обелоденета.

Ништо нема да не запре!

Продолжуваме!

 

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев, за барање на техничка влада главен аргумент ви беа изборни нерегуларности. Досега не слушнавме ништо за изборните нерегуларности. Имате ли аудио снимки што укажуваат за такви нерегуларности и ако имате, зошто досега не се објавени?

Заев: Неколку причини напоменавме зашто одиме чекор по чекор и внимателно. Јас повторно ќе ги повторам. Скудноста со медиумскиот простор којшто ниту е фер ниту е правичен, дел од медиумите не нé следат, па дури и МРТВ којашто има законска обврска да пренесе наши ставови па граѓаните нека толкуваат, е една од причините зошто одиме чекор по чекор.
Втората причина е истовремено, народот да го дознае целото злосторство коешто му се случувало сиве овие години. Го слушнавте пред два дена премиерот вели, сето ова е заради тоа што сум загрозен. Кога ќе слушнете до каде отишол човекот со името, што тоа прифатил, ќе видите колку ни е загрозена и државата и народот. Кога ги гледав викендов сите овие недозволиви снимки, заради тоа што се од посебни истражни мерки и докази во постапка за Љубе Бошкоски. Кога знаат и малите деца дека Љубе Бошкоски ниту имаше ниту можеше да биде на позиции да продава име или слично. Порив вриеше во мене и во нас да излеземе со тоа. Но чекор по чекор, внимателно, ќе дознае јавноста.
А, изборите? Изборите се врв. Изборите како ги спроведуваат во 2011-та, 2013-та и 2014-та покажува дека такво нешто нема никаде во светот. Дека такви работи коишто не можете да ги нотирате што памет не му носи на било кој човек, а значат незаконски и недозволиви работи во изборниот процес, се правени во нашата Македонија. Изборите и изборните нерегуларности се врв, заради тоа што од тука Груевски го црпи лажното право, преку волјата на граѓаните да го наметнува сето ова што сега го покажуваме во јавноста.
Бидете трпеливи, следете нé чекор по чекор, ништо не може да нé спречи доказите да излезат, и ќе излезат до крај.

Медиуми: Со оглед дека по пресудата што вчера беше објавена по медиумите, за вработениот во МВР што е осуден веќе во случајот „Пуч“, стои дека тој почнал да работи од 2010 година, тајно да снима. Ме интересира, случајно, од тоа купче на материјали што го имате, дали имате некој материјал до порано, од 2009-та, на пример?

Заев: Еве вака. Многу аргументи и докази во процесот којшто ќе го отвораме ќе потврдат недвосмислено, до најнеупатениот наш граѓанин, кој тоа го правел и со какви намери го правел. Има снимки и од 2009, 2008 и 2007 година. Се поставува прашањето, како тоа некој вработен во полицијата внел телефонски број на некој и почнал да го слуша од 2009-та? Но, како го внел телефонот и почнал да го слуша и наназад две, три години, е прашањето?
Затоа, само ќе кажам. Го гледате како се колне дека гарантира фер, правично, транспарентно, законско судење. За 24 часа донесе пресуда, правосилна пресуда. Што кажува таа пресуда, ако ја прочитавте? Странски служби? Докази за странски служби? Нема. И што друго покажува? Покажува дека може секој вработен во МВР да си се конектира на системот, да си внесе телефонски број на кого сака и да си слуша. Како тоа МВР го дозволило?
И на крајот ве молам, ве упатувам во пресудата. Видете ги доказите коишто се пријавуваат во прилог. Покрај изјавата, докази во постапката се: Трошковник на затворот, Решението за притвор и докази во постапка е  Решението за распоредување на работно место на полицаецот којшто дал ваков извод. Друг доказ нема. Катастрофа.

Медиуми: Господине Заев, каде е улогата на мобилните оператори тука? Како граѓаните биле прислушувани, а сите сме ние корисници. Како им бил овозможен пристап до сите овие телефонски броеви?

Заев: Јас и мојот правен тим овде видовме дека операторите немаат вина и не би сакал да грешам душа и да кажам нешто повеќе. Самиот закон кога го носеле, буквално тие се принудени да дадат приклучок. Кога ќе дојде судски налог и решение за приклучок, приклучокот е остварен и апсолутно, тоа може да биде распространето кон секого.
Тие немаат право да реагираат затоа што, најверојатно, според стручните експерти коишто ми кажуваат, и правниците, не може да знаат дали заради судскиот налог за слушање на некое осомничено лице, може да биде употребено за сите. Апсолутно, ниту имале право да реагираат, ниту имале можност како да го направат тоа. Дури и ако виделе дека нивните корисници се оштетени, дека е нанесена штета врз нив или слично. Зборувам толку колку што правниците ми кажуваат.

Медиуми: Но, тивко молчеле и долги години не биле насекирани што законот не е во полза на нивните корисници?

Заев: Во една нормална земја, секако, нормален правосуден систем може да го отвори и ова прашање. Но, ние имаме цел. Злосторството на власта, незаконитоста и криминалните дејствија да ги покажеме пред целата јавност.

Медиуми: Господине Заев, на снимките што се појавија на интернет вие му признавате на Груевски дека тоа се странски служби. Тоа господинот Груевски го кажа и е во склоп на истрагата дека тоа се странски служби. Зошто тоа го направивте?

Заев: При сите 4 средби во највисокото раководство се држеше состанок овде во партијата и беше одлучено одиме. Ама знаеме дека не снима, секогаш. Оти ние знаеме што имаме во раце и до каде ќе оди овој човек. Да сте на мое место, ќе му ги кажете луѓето? Луѓето кои се охрабриле, одважиле во ваков режим, во вакво злосторство? На вакви луѓе-нелуѓе тоа да им го кажеме? 
Ги гледате самите снимки. Нема да дозволам да ги коментирам а тој дозволи да се објават иако се под ПИ-мерки, докази во постапките. Вели истрага ќе направел од каде излегле. Од неговиот кабинет, од премиерскиот, од првиот кабинет во државата. Снимките, му велам, се од европска земја ама не од соседството, знаејќи дека ќе прави конструкции со Грција. Така? Ако веќе ги пушта во јавност нека ги пушти од почеток до крај цели за да видиме зошто парцијално пушта и да видиме што таму се зборувало до крај.
Должам можеби одговор зошто сум бил на разговори кај него. Треба да знаат граѓаните, за вистината зборуваме. Знаете дека секој ден има меѓународни претставници во СДСМ, секој ден. Правеа пријателски напори да се отпочне дијалогот, разговори да почнат. И нормално е претседател на опозицијата со шеф на власта да седне и да реши некој проблем за државата. Нормално е. Втората и третата средба тој ги иницира и буквално моли за средба, знаејќи дека не е подготвен да разговара. А прифатив да одам за да го поштедам овој наш народ од ова што сега мора да го помине. Секако не да ја скриеме вистината, туку преку нормален судски процес, транспарентно гарантиран, јавноста да знае но на поинаков начин. Сме направиле се што морало и требало да направиме како одговорна опозиција. Како што и денеска покажуваме на пријателската меѓународна заедница, дека има капацитет во ова наше општество, да не го потценува, еве опозицијата што прави, еве студентите, еве ги граѓанските организации што прават. Македонија има капацитет нормална земја да биде, има. И еве покажуваме дека знаеме да реагираме благовремено кога сме повикани да си ја спасиме државата. Сме направиле се што треба за да си ја спасиме државата.

Медиуми: Фиксните телефони и интернетот дали се снимани?

Заев: За жал имам докази и за фиксни телефони и за e-mail комуникација.

Медиуми: А имате ли од адвокати кои не се спомнати до сега?

Заев: Има и од адвокати, од обвинители, од судии, секако за правосудството тоа што е објавено е објавено како дел од подготовката на нашиот народ на нозе да го дочека тоа што следува.

Медиуми: Господине Заев рековте дека имате докази и за изманипулурани гласови од македонскиот блок, дали имате дека истото се случувало и во албанскиот блок?

Заев: Знаете дека внимателно навлегувам, не објавувајќи ништо за следните чекори. Се што имаме докази ќе биде објавено, притоа никој нема да биде поштеден, ни од македонскиот ни од албанскиот блок, ни од позиција ни од опозиција. Никој. Се ќе биде објавено.

Медиуми: Велите никој нема да биде поштеден, имаше ли обиди овој период од некој од политичките лидери?

Заев: Не. Јас прво морам да кажам дека нема комуникација директна со мене. Најверојатно им е страв на луѓето да дигнат телефон. Сега има и официјално посебни истражни мерки, така ги најави Груевски, колку што сум информиран од октомври 2014 година. Значи нема таква комуникација ниту има некои пораки, некој да бара да биде тактизирано со него, да биде внимателно со него. Не можете да барате од Заев кој ја ветува по стоти пат целата вистина, некој да биде заштитен. Целата вистина ќе биде објавена, ако направиле и добро дело, односно да има друга вистина којашто не е таа што ја очекува јавноста а е важен предмет и го чекале, ќе дознае јавноста. Значи ако има тема важна за јавноста што се шпекулира под основ на сомнение што се случувало вистински. И навистина, нема зла мисла, зла работа или слично кршење на закон и тоа ќе и биде соопштено на јавноста.

Медиуми: Господине Заев, италијанскиот амбасадор во интервју кажа дека биле прислушувани и странски амбасадори. За колку амбасадори се работи и дали ќе има нешто и во таа насока?

Заев: Посветени сме на власта, но спомнав уште при првиот осврт кон граѓаните. Досега од тоа што излегува, како ги подготвуваме има барем 6 амбасадори. Не знам зошто баш тие, но најважните амбасадори, на најважните земји, нели сите амбасади се важни но највлијателните земји еве така да ги кажам. Детали не кажувам затоа што имаме намера тоа ним да им го соопштиме, тоа тие да го знаат. Значи реков уште еднаш, сите што биле мета цело време нема да дозволиме потоа јавноста да се сити со нивно објавување. Тоа го направивме и со новинарите, не ги објавивме. Но, секој оној кој направил прекршување на законот, кривично дело или неетички потег, гледате дека го објавуваме без разлика за кој се работи.

Медиуми: Имате ли доказа за затворањето на А1 телевизија?

Заев: Да, еден од чекорите коишто ќе следуваат е затварањето на А1 телевизија.

Медиуми: Судиите очекуваат да објавите топ листа на 10, 20, 30 послушници. Дали ќе го направите тоа?

Заев: Еве вака, јас сакам да потврдам уште еднаш. Од ова што го имам како сознанија ретки се примерите на судии извршители, целосно во полуги и во спрега со власта, ретки се. Има една втора категорија судии и обвинители на коишто не им е лесно. Под директни закани и притисоци се. Не им е лесно. Не го оправдувам тоа, можеле оставки да дадат, но под директни закани и притисоци се. Но, најголемиот дел од судиите и обвинителите се чесни луѓе. Чесни луѓе се и тоа треба да се знае, затоа што искрено до крај зборувам. Очекувам дека кога се враќа слободата на Македонија, не Заев сам да ја враќа а они да седат на Фејсбук. Да направат чекор. Знаат и малите деца што е вистината. Да направат чекор за нивната, за нашата татковина. И чекам да го направат тој чекор, и ќе го поздравам јавно, да знаат дека ќе испишат историја.

 

петок, 27 февруари 2015




СДСМ