НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 3 - Заев: Слушнете ужас, местат апсење и изживување врз Љубе Бошкоски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 20.02.2015

Почитувани граѓани,

Ветивме дека ќе ја обелодениме Вистината за Македонија и денеска продолжуваме.

Како што рековме, секое следно објавување докази ќе биде пошокантно и позапрепастувачки за Република Македонија. Затоа што, тоа што го правеле Груевски и групата околу него, со своите граѓани, со државата, со медиумите, со политичките противници е грозно и оди до граници што нормален човек не може ни да ги замисли.

 

Слушнавте дека братучедите, Груевски и Мијалков, масовно прислушувале. Слушнавте каков упад направиле во правосудството, како масовно местеле судии, како нарачувале судско-обвинителски пресуди. За правосудтсвото ќе видите уште многу во деновите што доаѓаат.

Но, ова што денеска ќе го слушнете е ужас!

Од разговорите ќе ви стане јасно на што `се се подготвени братучедите Груевски и Мијалков со неколкумина нивни соработници. Какви заложници сме сите во сопствената држава, во којашто нема судство, нема полиција, нема систем, туку се e инструирано и диригирано од таа мала група, фамилијата на Никола Груевски. За што? За лични цели и за одмазда!

Почитувани граѓани,

Денеска пред целата јавност во Македонија го откриваме политички монтираниот случај со Љубе Бошкоски.

Ќе слушнете како однапред било испланирано апсењето на Љубе Бошкоски. Ќе видите како режисерите на сценариото: директорот на УБК, Мијалков, министерката за внатрешни работи Јанкулоска, шефот на Кабинет на Груевски, Протогер, нечовечки и сеирџиски во соработка со главниот и одговорен уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас и сопственикот на Канал 5 ТВ, Емил Стојменов, го потготвуваат филмот апс на Бошкоски, за негово целосно понижување, а јавноста и гледачите да бидат ужаснати од тоа што ќе го видат.

Бидејки разговорите ги објавуваме без каква било интервенција, така како што биле водени, однапред ви се извинуваме за вулгарностите во аудио материјалот што ќе ви биде презентиран. Тоа е начинот на однесување и говорот на овие луѓе кои се на власт.
Бидејки еден од најприслушуваните од Груевски и Мијалков е Драган Павловиќ Латас, од неговиот разговор со Мијалков се дознава дека директорот на УБК, Сашо Мијалков, уште на денот на апсењето на Бошкоски, знае на колку години затвор Љубе Бошкоски ќе биде осуден.


 

Овој разговор што го слушнавте е ден по изборите, кога е уапсен Бошкоски.
Но уште на денот на изборите, Мијалков му го најавува на Латас ова што се случува потоа.

Следните два разговора се класичен доказ како братучедот на Груевски, Сашо Мијалков нарачува што и како ќе се прикажува по телевизиите. Личната и фамилијарна одмазда кон Бошкоски не завршила со неговото апсење. Љубе мора да биде понижен. Ова му го нарачува Мијалков на Латас.


Разговорот на сопственикот на Канал 5, Емил Стојменов со Сашо Мијалков, ја потврдува јавната тајна дека Милајков менаџира со телевизиските прилози. Но овој разговор е доказ и на нешто уште пострашно, дека Бошкоски е апсен за одмазда.


Во меѓувреме Мијалков и Јанкулоска менаџираат и `се друго во државата. Следниот разговор на Јанкулоска со шефот на Кабинет на Груевски, Протогер, открива колку не се случајни сообраќајните контроли по патиштата, посебно во време на протести, открива со што се занимава МВР.


Едноставни се решенијата, технички преглед и готово, учество во протестот е спречено.
Злосторството и местењето на власта не завршува со ставањето на Бошкоски зад решетки и со нарачаните понижувачки снимки по телевизиите. Гордана Јанкулоска и Мартин Протогер договараат и што да подметнат да оди на телевизија, под превезот “Дознава Канал 5“. Слушнете.


Замислете какви луѓе се овие. Местат наводни информации преку телевизиите, дури договараат и во која форма да одат, под формулацијата “Дознава Канал 5“ - дека Љубе Бошкоски сакал да го продаде името на државата. Такви сценарија секој ден користат и тоа најдиректно го признаваат. Врв на целиот хорор филм што го прават околу Бошкоски е разобилчувањето на нивната главна цел, да се преземе партијата на Љубе Бошкоски, и, внимавајте кој збор го користат - да се “сотрат“ сите кои не се нивни. Да ги “сотрат“ сите кои не се нивни – ете тоа е големата идеја на ова ВМРО-ДПМНЕ!

Во таа акција се друго им е неважно.

Еве од овој последен разговор што ќе го слушнете помеѓу Јанколоска и нејзиниот помошник и портпарол во МВР, Иво Котевски, кога станува збор за новинарска информација дека дете е убиено на плоштад, тоа е загинатиот Мартин Нешковски, јасно е дека за Јанкулоска и за Котески тоа не е важно. Важно им е колку “насилни“ снимки ќе оделе по вестите, а новинарите се наречени со погрден збор. Слушнете.


Ете овие луѓе, Груевски, Мијалков и неколкумина нивни соработници ги окупираат животите на граѓаните со прислушување. Ги злоупотребуваат институциите за некого да “сотрат“, да стават во затвор, за се покажуваат и да се чувствуваат големи со овие невидени уставни и законски прекршувања на нивните должности и овластувања. Со тоталната медиумска контрола прават сценарија и филмови од реланоста.

Знаеме дека немаат одговорност. Видовме дека немаат срам. Денеска целата јавност е сведок дека овие луѓе немаат ни малку човечност во себе.

Секое ново објавување докази и аргументи ја разјаснува сликата за тоа какви нелуѓе владеат со Македонија. Со `се она што следува ќе ви станува уште појасно.

Да ја сотрат Македонија нема да дозволиме. Ветуваме дека ова никогаш повеќе нема да се случи во Република Македонија.

Продолжуваме...

 

 

 

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Дали очекувате да бидете уапсен другата недела, во среда?

Заев: Груевски и Мијалков и сé е можно. Секако, уште на првата прес конференција и ова сценарио го отворивме како можно од страна на дрските и безобразни поединци во оваа власт. Но, знаете дека сме подготвени и апсолутно ништо не може да ја спречи целата вистина да допре до граѓаните.

Медиуми: Господине Заев, коментар за изјавата на Јоханес Хан дека целиот случај треба преку институциите да се реши?

Заев: Преку овие правосудни системи на Македонија? Најавив на оваа прес конференција дека следуваат и други докази и аргументи за правосудството. Ова безобразие коешто го објавивме на последната прес конференција само покажува како се местени судии, како се разрешувани судии, како се местат судски одлуки, како се местат нивни партиски членови за судии и поддржувачи. Верувајте, ова е само најава за подготовка на јавноста што се случува во нашето судство и во нашето обвинителство. Институции на системот во Република Македонија не постојат, заради тоа и не сме во Парламентот 8 години. Право и правна држава во Македонија нема. Тоа го кажува извештајот на Европската Унија неколку години наназад, извештајот на Стејт Департментот и сите други извештаи коишто стигаат до нашата Македонија.

Медиуми: Господине Заев, денеска Фокус објавува дека адвокатската канцеларија на Мијалков е упадната во судскиот процес Пуч, односно се адвокати на некои од обвинетите. Се добива впечаток дека практично власта подготвува некакви сведоци коишто би зборувале против вас и кои можеби ќе дадат многу поинаква димензија на целиот случај. Очекувате ли вие дека вашите извори би се појавиле во една судска постапка затоа што во еден дел очигледно ќе биде борба сведок против сведок?

Заев: Прво, не очекуваме правна разрешница на овие случаи од проста причина што не веруваме. Гледате, сепак поднесуваме кривични пријави поради тоа што сакаме да оставиме траг и сакaме да покажеме дека го почитуваме и Уставот и законот во Република Македoнија. Имаме добар Устав, добар закон. Не чинат поединци во правосудниот систем. Прво, заради тоа што еден мал дел се директни извршители на властодршците како поединци од извршната власт. Останатиот дел се чесни луѓе таму што работат. Голем дел од нив се под притисок, па тоа го прават. Јас се надевам дека ќе се охрабрат и одважат, ќе испишат историја, ќе помогнат на нивната, на нашата Македонија.
Но истовремено, многу ми е драго што вие, новинарите, совеста на Македонија, тоа го препознавате. Што се случува со некои од притворените? Господ знае само низ што минуваат луѓето таму. Само Господ знае, од ваква забегана власт. Но, апсолутно сé е можно и секаков вид на сценарио е можно да разработат овие луѓе коишто ја водат Македонија. Зошто? Заради тоа што знаат дека се работи за нивна кожа. Но и тоа, вистината не може да ја спречи. Вистината е само една и вистината имаат право да ја знаат сите граѓани во оваа наша земја.

Медиуми: После вашите бомби експлодираа и судски бомби, пред неколку месеци во судот во Скопје а претходно во Тетово, Куманово итн. Не се тие автори на овие вистински бомби. Кој е вашиот коментар за ова?

Заев: Може да додадам само одговор, барем мене веќе ми е се јасно. Се ми е јасно што се случува во оваа земја. Сите прозорци и врати се отворени. Запрепастен сум. Не дека не сум очекувал, но до толку, апсолутно никој не очекувал. Затоа како ги објавуваме доказите и аргументите и вам ќе ви стане се јасно. Апсолутно сите знаеме кој е должен да открие сторители на вакви или на слични случаеви во Македонија, и тоа не се прави. Има намера, има мотив зашто тоа се случува и секако ќе го дознаат граѓаните.

Медиуми: Каква разрешница очекувате ако не преку институциите? Што ќе се случува?

Заев: Не очекуваме правна разрешница.

Медиуми: Каква разрешница очекувате?

Заев: Политичка разрешница очекуваме. Политичка разрешница којашто значи оваа власт и ова зло да заминат.

Медиуми: Можеби и досега ве прашале меѓутоа во последниве денови многу се шири фама дека вие улична револуција и насилно превземање на власта?

Заев: Ние сме истиот Социјалдемократски сојуз. придружуван со своите коалициони партнери. коишто бевме сиве овие скоро 9 години во опозиција. Ние сме истите луѓе , ние сме тие коишто не гледате со сите наши предности и слабости. Неколку работи тврдам, овој процес којшто го отвораме не може да предизвика меѓуетнички конфликти.  Овој процес ги сплотува граѓаните од сите етнички заедници. Го чувствувам тоа силно, го чувствувате и вие. Може некој политичар да се обиде, но, со секој нов доказ шансите за успех на таков политичар му се никакви.  Тоа е добро за нашата земја.
Втората работа, велам никогаш повеќе да не се повтори. Не може Заев и опозицијата да објавуваат вакви докази и аргументи а во иднина некој друг да си дозволи вакви работи во нашата земја.  Тоа само по себе покажува дека сакаме внимателно да го истуркаме процесот којшто на Македонија ќе и даде шанса за убава иднина а не да ја врати неколку чекори назад. Секако знам дека се згрозени граѓаните, но, апсолутно и јавно тврдам и апелирам дека, со доказите, на внимателен начин, ќе падне оваа власт.
Нема никаква потреба од насилство. Не се виновни членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, тоа го кажав уште на првата прес конференција. Поединци се во прашање. Затоа апелирам, ова е наша земја и заедно ќе ја градиме во иднина. Заедно сите, и од политички разноликости, и од верски и етнички. Сите заедно, како што сме ја граделе така и ќе ја градиме. Ниту помислуваме. Ни вадат снимки од пред не знам колку месеци  каде што наши членови тренираат, тренираат апсолутно. Да не влегуваме во вакви работи. Дури и кога беа протестите знаете кој организираше контрапротести, кој ја нападна зградата на Социјалдемократскиот сојуз на тој 24-ти декември. И тогаш бевме само во одбрана на нашата партија каде што има документи, докази, наше членство, наши стратегии. Апсолутно си го заштитивме нашиот интегритет. Ниту имаме намера, ниту ќе дозволиме нешто вакво да се случи. Ќе менаџираме во спротивен правец, да биде во интерес на граѓаните и на државата.

Медиуми: Дали после ова сега би седнале во техничка влада?

Заев: Ја реков јавно. Техничката влада беше прецизирање на формулација за практична гаранција за фер и демократски избори. Можеме да донесеме какви сакаме закони. Побаравме и практична реализација на тие закони, да биде гарантирана и ги спомнавме четирите министерства, Министерството за внатрешни работи, за финансии, Министерството за труд и социјална политика, и за земјоделство. Сега веќе сите знаеме дека тоа не е така. Ќе ги објавиме нашите очекувања во моментот кога ќе дојде. Но, вие сами ги наговестувате и сами ги осознавате.
Прво мора да има гаранција на слобода и демократија прво. Мора да има. После тоа, гаранција на слободно изразена волја на граѓаните. И апсолутно сме подготвени, без какви било суети и без какви било калкулации, се што е во интерес на граѓаните и на државата да седнеме да разговараме, да го изнајдеме решението и секако никогаш повторно да не се повтори ова што се случува.

Медиуми: Како го толкувате молкот од вашите партиски опоненти? Имате ли сознание што се случува во владеачката партија?

Заев: Исто како што и вие го толкувате. И ние сме обични луѓе коишто си ја сакаме државата. Јасно ни е дека подготвуваат нешто, не седат така. Подготвуваат нешто. Но што и да подготвуваат, што и да осмислуваат, како да навлегуваат се подлабоко во кашата, можат само штети во Македонија да прават. Апсолутно ниту вистината ќе ја спречат, ниту нас ќе не спречат. Овој процес е можеби шок во моментов за целата земја но верувајте најверојатно мораше да се случи. После шокот доаѓа сонце, доаѓа убава иднина на нашата земја. Затоа реков уште при првата изјава радувајте се. Процесот што ќе го почнеме ќе ја донесе слободата демократијата и европските вредности во државата.

 


 

петок, 20 февруари 2015




СДСМ