НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор

Одјави ме !

Колумни

Лудачкиот рингишпил

Најден во изгубена земја! Колку симболика во трагичната состојба на едно новороденче. Напуштено и изгубено, со исечен јазик, со ново име кое буди надеж, во безнадежна земја, таму каде јазиците на многумина им се одамна исечени, на други наострени и жедни за крв, на трети само им се клатат во празно.

Реков дека ќе го сменам мојот дискурс и одам во таа насока, па, затоа, нема да посветам премногу простор на политичките препукувања, но сакам да испратам една порака или совет до гласнициве. Знаете кои, оние што ги слушате додека пропагандата машинерија, онаа официјалната, на ДПМНЕ - молчи. Каква иронија и апсурд и колку е проѕирно, впрочем, токму оние што ќе го спасувале СДСМ од вмровизација, се испотепаа да ги преземат вмровските тези и се натпреваруваат кој повеќе ќе го исплука актуелното раководство на СДСМ. И кој е материјалот, кои се големите идеи за промени?

Едната е дека Бранко е виновен и не чини, втората е дека Бранко чини, ама соработниците не чинеле и, третата, најнова, е дека СДСМ имал капацитет, ама делегатите не чинеле. И вртат околу овие три мантри. Нормално, полни се со флоскули како ни требала економска политика, требало позитивно, требало тврдокорно кон името и сѐ по ред. Чудно, како овие совети или овој памет и донекаде и храброст, ги немаа додека беа дел од СДСМ и носеа одговорност!?

Во оваа приказна има многу отворени и скриени играчи, провокатори и местачи. Тројца, сепак, особено се истакнуваат: еден поранешен премиер, инаку имплициран во криминално-коруптивни афери и скандали; еден бивш шеф на разузнавање, единствениот разрешен од својата функција во историјата на независна Македонија; и еден бивш новинар, инаку, денес, по функција сончоглед и рекетар. Сега, јас знам дека нивната реакција ќе биде жестока и брза, но што е тука, тука е, ќе си се препознаат, и токму тоа и ми е целта, да си се препознаат. Имам и име за нив, не е ништо ново и оригинално, позајмено е од вокабуларот на Милчин, кој одамна сличните ги нарече: Клакери!

Но, поентата во овој текст ми е сосема друга, а рингишпилот е најдобрата метафора за тоа што ни се случува. Рингишпилот има центрифугална сила, како таков, доколку се движи доволно брзо, склон е кон исфрлање на секакви будалаштини и глупости, за да не вози и замајува од реалните состојби. А што е побрзо и полудо од оваа наша секојдневна реалност?

Проанализирајте што се случуваше овде само во текот на една недела, па верувам дека ќе ви се помати веднаш паметот. Поставени се десетина нови споменици, земен е нов милионски кредит, Филе дојде и пак се закани, пронајдено е бебе жртва на нечовечко малтретирање, жена била киднапирана и тепана за да се откаже од стан, градоначалник со македонско потекло во Австралија бил вмешан во корупциски скандал - честел и крстарел со вмровски функционери, Тарчуловски, херојот на нацијата -  спектакуларно пречекан, Миленко и Јанко со говор на омраза кон Фрчоски и Ванковска поради искажан став, Ванковска повторно жртва на закани, рингишпил од 160.000 евра на плоштадот, Ахмети пишува колумни нарачани од Груевски, Груевски се брани со референдум од шпекулации за решение на спорот со името, Управен суд ја оспори победата на Жерновски, сите се занимаваат со опозицијата и со нејзината судбина. Нешто заборавам, но има ли нешто ново во ова наше лудило што ни се случува со години?! Кој на сево ова да му фати крај, кој да најде зборови за поматената реалност и за изместената свест на луѓето?

Неспорен факт е дека се занимаваме со отворено лудило, бидејќи нашата реалност е сведена на секојдневно лудило и безобразлук, на постојано коментирање и вчудоневидување од овој спектакл на злоупотреби, фалсификати, наметнувања, озборувања, омраза и на бес. И да знаете, евентуално, ако пукне, ќе има некоја реперкусија од сево ова. Не, велам реперкусија врз власта и не зборувам за некакви позитивни промени. Не, ќе има реперкусија од типот што ни се приближува крајот, некаков вид на крај, дали од финансиско-економско-социјален аспект или, пак, од етничко-безбедносно-политички аспект.

Во исто време, како совршени мајстори за преживување, ги игнорираме сите предупредувачки знаци за социјалната експлозија, која штотуку не пукнала. Качени на лудачкиот рингишпил, со години се вртиме во кругови. Младите секојдневно се тепаат, но за тоа никој не зборува, црната хроника е полна со насилства, стапката на несреќи и самоубиства и без официјална статистика се чувствува како драматична, нееднаквоста и сиромаштијата добиваат катастрофални пропорции. Контрадикциите, незадоволството, омразата и мизеријата се натрупуваат со години едноподруго и мислам дека за кратко време на ова лудило ќе му се приклучи и отворен хаос. Кај и да е, нѐ очекува економска криза, нѐ чекаат сериозни и астрономски поскапувања, нема бегање од општата борба за преживување.

Нашиот најголем скандал не се повеќе отворените изборни фалсификати, безочниот криминал и корупција на власта, недемократичноста и недостатокот од реформи, културното уназадување... Нашиот најголем скандал е нашата сиромаштија и мизерија, начинот на кој се носиме со неа. Скандалот е нашата поставеност пред овој нихилистички и овој автодеструктивен спектакл. Пасивно и машки, уво да не ни чуе. Драган Тевдовски деновиве напиша генијална анализа за растечката нееднаквост во нашата држава и за многу други интересни аспекти. Кој не ја прочитал нека го направи тоа (http://faktor.mk/archives/41707) и нека се разбуди од сонот.

Власта би рекла дека го живееме нашиот сон, дека сѐ е под контрола. И верувајте, за вакви познавачи на психологијата на Македонецот, во право се, затоа што сонот е всушност носител на она што не сакаме да го видиме, да си го признаеме. Сон, хипноза, како сакате, спротивно на будноста, на внимателноста, на активното дејствување.

Ќе ви пренесам еден коментар на читател/ка од мојата последна колумна, кој искрено ме трогна со своето сведоштво за нашата реалност: „Се чувствувам исто како Вас, очајно, безнадежно, без чувство дека припаѓам тука во оваа земја. Ниту јас, како и Вие, нема да имам ниту деца, ниту внуци, бидејќи животот ми помина надевајќи се на вработување и подобро утре. Простата маса ми го одреди начинот на живот и судбината, само затоа што сум ја имал несреќата да се родам сиромашен во најмизерната земја на светот, опкружен со неедуцирани, прости и глупави луѓе. Не е фер поради глупоста на мнозинството да страдаат многу попаметните од нив. Јас дефинитивно не припаѓам тука во оваа земја, мојата земја ми е туѓа, јас, за жал, како и многу како мене сум апатрид кој живее во овој голем затвор наречен Македонија. Секој ден се надевам на некое чудо, дека нешто волшебно ќе се случи и ќе ме снема од овдека. Дека ќе живеам некаде далеку, каде што ќе бидам среќен и каде ќе ме ценат и мене и моите потенцијали. Каде што нема да се плашам дали и овој месец повторно ќе ми ја исклучат струјата бидејќи немам можност да платам. Каде што нема да се плашам сета моја потиштеност, тага, несреќа и меланхолија да ми предизвикуваат тешка депресија која ќе ме одведе до суицид. Познати ми се сите статистики што се случува со паметни луѓе заглавени во вакви ужасни држави, на кои не им се дава шанса затоа што немаат партиска книшка, затоа што немаат врски, затоа што немаат пари. Дали да живеам за на крај и јас да станам дел од статистиката на самоубиени интелигентни очајници? Или да се борам? Да се борам против што? Да се борам против кого? Можеш да се бориш против ветерници? Можеш ли да се бориш против глутница бесни кучиња, а ти си невооружен, мирољубив, добар, чесен? Можеш ли да се бориш секојдневно разочарувајќи се од неуспехот да направиш нешто за да си го подобриш сопствениот живот? Можеш ли да се бориш ако некој константно, кога и да се обидеш да испливаш на површина ти ја тука главата во вода за да се удавиш? Може ли чесен човек, кој бил воспитуван на никого да не му згреши, да му помогне на оној на кого му треба помош, да биде морален, чесен, да верува во доброто, да се избори со илјадници бесни, злобни невоспитани, психопатски настроени ѕверови, без жал, без емпатија, без совест?“

Јас, искрено, немам одговор на многу од овие прашања, знам само дека немаме избор, дека мораме, кој колку може и како знае, да се спротивставуваме, да пркосиме. Жртви сме на најлошата можна комбинација од авторитарно општество, во кое владеат сурови корпоративистички логики на богатење на едно тесно мнозинство и се тоа зад маската на секојдневниот спектакл, денес рингишпил, утре уште некој скапоцен споменик. Жртви сме веќе и на едно чувство дека ако ова веќе не завршува, тогаш нека станува уште погротескно, посакуваме барем да уживаме во лудилото. Повеќе не е важно дали спектаклот е негативен или не е, дали буди бес или не, затоа што будењето од сонот само по себе не гарантира сатисфакција, не гарантира дека ќе се избере вистинскиот пат. Конечно, јас веќе и развивам сомнежи дека овој ужасен спектакл ќе се надмине затоа што сме се опаметиле, или затоа што сме се бореле против истиот, туку затоа што евентуално ќе се истроши, затоа што некои закони на природата, на економијата, на здравиот разум, евентуално ќе надвладеат.

Самиот јас имам повеќе прашалници од одговори во едно општество каде мафијата, наместо маргинална сила, стана естаблишмент, каде криминалот и корупцијата не се општествена и политичка девијација, туку основа, срж на самиот антисистем.

Ви текнува, во филмот „Матрикс“, предавникот на друштвото не бараше за себе материјални или економски добра, туку бараше да биде вратен во таа состојба на несвест и бесознание уште пред да ја одбере црвената капсула. Ете, стравувам дека работите дотаму се забегани кај нас.

Драги луѓе, помирете се, нема задоволства додека трае оваа борба, можеби нема да има ни после оваа битка, но нешто мора да почнеме, нешто мора да промениме. Барем да се обидеме да го запреме овој лудачки рингишпил.

 

Ивор Мицковски, политички аналитичар

вторник, 16 април 2013




СДСМ