Пред некое време напишав колумна со наслов „Геноцид“. Бев мотивиран од една дебата во Советот на Град Скопје кога го обвинив Коце Трајановски дека со своите несовесни политики на раскош и луксуз спроведува геноцид врз сопствените граѓани. Во текот на дебатата бев обвинет од колегите советници од ДПМНЕ дека сум бил прегруб во својата оцена. Можеби тогаш тоа некому му изгледаше така. Од денешна гледна точка мислам дека сум бил дури и преблаг.
Помеѓу СДСМ и ДПМНЕ има разлика. Има огромна и непремостлива разлика. Разликата е дека ДПМНЕ смета дека инвестирањето во раскош и луксуз, покрај можноста за богатење на Груевски и злосторничката банда, исто така отвора работни места и ја движи економијата. Приоритетите на СДСМ, пак, се сосема спротивни. Наши приоритети се инфраструктурата, патишта, водоводи, болници, канализации, пречистителни станици, ЧИСТЕЊЕ КАНАЛИ И РЕЧНИ КОРИТА, чистење депонии, енергетски капацитети. Инвестициите во овие проекти исто така ја движат економијата и отвораат нови работни места. И се многу похумани, отколку спомениците и фонтаните на Груевски.
Денес ќе наведам само неколку примери како тоа политиките на СДСМ се многу похумани. Така на пример при носењето на буџетот за 2014 година, пратеничката група на СДСМ од минатиот состав поднесе амандман на буџетот за чистење и уредување на водотекот на дел од река Драгор во Битола, од бензинска станица „Лукоил“ до трикотажа „Пелистер“ и од Мост „Сали“ Оризари како и за чистење на дел од загадувањето и наноси на реката Црна во близина на патот за с.Новаци. За овој проект биле потребни околу 400.000 евра.
Доколку Груевски и неговата банда тогаш не се инаетеле и противеле на овој амандман, немаше да се случат поплавите во Пелагонија. Воедно, со дополнителни вложувања денес немаше да има недостаток на вода по полињата и посевите немаше да бидат загубени. 400.000 евра чинат само двата карусела (вртелешки) што ги гради Град Скопје.
При носењето на фамозниот буџет за 2013 година, на што му претходеа настаните од 24 декември 2012 година, денот кога умре демократијата во Македонија, пратеничката група на СДСМ поднела три амандмани, кои се однесуваат на полошкиот регион. Ова го спомнувам во контекст на катастрофата што му се случи на Тетово и Тетовско пред само неколку дена.
Првиот амандман се однесувал на регулирање на коритото на Валавичарска река во полошко. Пратениците на СДСМ и коалицијата тогаш побарале за оваа намена 32.500 евра. Со вториот амандман се барало пробивање на булевар Благоја Тоска од новиот мост на река Пена кај Клиничката болница во Тетово до булевар Илинденска во вкупна должина од околу 2 километра. Ова би ја чинело државата околу 1.000.000 евра. Третиот амандман била наменет за изградба на пречистителна станица во Гостивар. За пречистителната станица би се потрошиле 1.600.000 евра.
Мала дигресија. Ваквиот тип амандмани на буџетот, наменети за патишта, речни корита, болници, секојдневни потреби на граѓаните беа неприфатливи за Груевски и неговата банда. Ваквиот тип амандмани беа причина Груевски заедно со диригентот Зоран Ставрески насилно да ги исфрли од Собранието новинарите и пратениците на опозицијата. Ова е тоа што му сметаше на Груевски. Затоа, кога зборуваме за буџетот, тоа не е некоја апстрактна дебата. Тоа е најважната дебата во политиката. Тоа се нашите политики. Тоа е она што сме. А Груевски и бандата докажаа дека се сè, ама луѓе не се.
Зошто се решив да пишувам на оваа тема денес? Заради Тамара. Заради жртвите од невремето во Тетовско. Заради Пеце. Заради Мартин. Заради многу незнајни жртви на режимот на Никола Груевски. Заради сите оние изгубени животи и уништени иднини, заради раскошот и луксузот на Груевски и бандата. Ниту еден споменик не може да вреди повеќе од еден живот. Чиј сака нека е споменикот и чиј сака нека е животот.
Деновиве се отворија понудите за изградба на уште еден споменик на Мајка Тереза. Ќе чинел помеѓу 6 и 8 милиони евра. Ајде пак. ПОМЕЃУ 6 И 8 МИЛИОНИ ЕВРА!!! Па Мајка Тереза се превртува во гроб, знаејќи колку гладни усти можат да се нахранат со овие пари. Тоа беше нејзината мисија. Тоа е нејзиниот споменик. Луксузен споменик за една од најголемите хуманитарки во светот е најголема навреда за нејзиниот лик и дело. Само необразован и болен манијак може да смисли таква работа. Со овие пари се средуваат сите штети од невремето во Тетовско.
Па уште и токму во деновите кога се случуваше трагедијата во Тетовско, Груевски и Коце Трајановски ја почнаа изградбата на Панорамско тркало од 18 МИЛИОНИ ЕВРА во реката Вардар. И ова ајде пак, 18 МИЛИОНИ ЕВРА!!!
И сега да се вратам на насловот. Не, ова не е геноцид. Ова е геноцид на квадрат. Ова е масовно и планирано убиство. Ова е врв на криминалот, ароганцијата и безобразлукот на Груевски и бандата. Ако има и минимум образ под Мајбах Монархот, веднаш треба да си поднесе оставка. Ма каков декември, какви договори. ВЕДНАШ!
Кој како сака нека ме сфати, Груевски е готов. Неговото заврши. Ниту Македонија, ниту Чешка, ниту Израел, ниту Русија, најмалку Белизе, можат да го спасат од одговорноста пред својот народ. Уште многу пред 24 април, денот на новото ослободување на Македонија, ќе биде прекината изградбата на Панорамското тркало и споменикот на Мајка Тереза. Тоа е единствената хумана работа што можеме да ја направиме.
Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ