Погрешната земјоделска политика и лошите владини мерки во овој сектор на земјоделците во Македонија им нанесоа непроценливи штети со долгорочни последици. Во суштина, во изминативе години воопшто и не се работеше за вистински развој и конкурентност во овој сектор чии резултати не биле полоши во последните 20-30 години наназад.
Кои се последиците од оваа погрешна политика на владата на Никола Груевски?
Македонскиот земјоделски производ не е конкурентен на европскиот пазар. Земјоделеците се финансиски исцрпени и постојано осиромашуваат.
Земјоделско-прехранбениот сектор во Македонија е со најмали странски инвестиции не само во споредба со соседството туку и во споредба со останатите сектори.
И покрај огромните финансиски ветувања, земјоделската политика е постојано нестабилна поради брзото носење одлуки што имаат за цел да ублажат само некои моментални проблеми а притоа предизвикуваат долгорочни проблеми.
Прехранбената индустрија во земјава се соочува со силна увозна конкуренција. Домашната прехранбена индустријата не е конкурентна ниту на домашниот ниту на странскиот пазар. Постојат мал број компании, чијшто капацитет не е целосно искористен и ја прави оваа индустрија нерентабилна.
Последица од ваквата состојба е двојно поголемиот увоз на храна од извозот што значи дека увезуваме двојно повеќе храна отколку што извезуваме. Во последните 5 години увозот е зголемен за 30-40%. Извозот е сведен на мал број еднолични производи чии количини се ограничени. Тоа е катастрофален податок за една земјоделска земја како Македонија со голем потенцијал.
Земјоделската механизација е во голем дел застарена и недоволна.
Во последните години цените на ѓубривата, пестицидите, нафтата, амбалажата и други репроматеријали се тројно зголемени, додека цените на поголем број примарни производи се намалени. Затоа се јавува ниска продуктивност, високи трошоци на производство и слаб квалитет, изразен преку ниски цени на производите.
Обработливите површини се намалени за околу 200.000 хектари. Наводнуваните површини исто така се намалени и тоа за 36%. Еден од последните примери е Пелагонија, која ја зафатија големи поплави пропратени со големи штети за есенските култури, а сега нема вода за наводнување за пролетните култури. Загубата е двојна – и во површини и во принос.
Забележано е големо намалување на бројната состојба на добитокот, речиси кај сите категории. Затоа увозот на замрзнато месо за индустриски преработки изнесува 90% а увозот на пилешко месо е уште поголем и за овој увоз Македонија плаќаат над 60 милиони евра годишно.
И покрај намаленото сточарско производство, зависиме од увоз на добиточна храна. Ниското производството на фуражни култури (пченка, јачмен, луцерка) условува Македонија да биде силно зависна од увоз на добиточна храна што земјава ја чини 25 милиони долари. Ова е важно бидејќи токму храната изнесува 50-70% од трошоците во сточарското производство.
Искористеноста на европските фондови за земјоделство и рурален развој е многу мала. Власта на Груевски од ИПАРД програмата 2007 – 2013 на располагање имаше 87,5 милиони евра а досега реализира само 4 милиони евра. Иако, 2013 година веќе одамна е измината.
Можностите од искористување на овие средства се најголеми во отварање на складишни капацитети за чување на овошје и зеленчук, фабрики за преработка на земјоделски производи, модернизирање на долгогодишни насади според европските стандарди или во поставување на современи системи за наводнување. Потребната документација при аплицирање е обемна, а институциите или не можат да ја издадат, или од непознавање не можат соодветно да им помогнат на заинтересираните граѓани.
Ресорните институции како МЗШВ и Платежната агенција, водејќи погрешна аграрна политика, молчат за неискористените финансиски средства кои буџетот ги планира. Затоа кадровскиот капацитет на дел од институциите е недволен и тој е резултат на идентификување на владеачката партија со државната администрација а не е резултат на вистински државни земјоделски политики.
Лошите политики во македонскиот аграр создадоа скапо производство со исклучително неповолен откуп на голем дел земјоделски производи. Во таква состојба, земјоделецот на почетокот на производството има најголеми трошоци (никогаш поголеми од сега), најчесто без помош на субвенциите што ги очекува токму тогаш кога инвестира во своето производство. Но, на крајот на производството е принуден да го продаде родот по цена што е пониска од производната. Во состојба на двојна загуба (и на почеток и на крај од производството), македонскиот земјоделец се исцрпува финансиски односно осиромашува и станува социјално загрозен граѓанин.
Субвенциите не се распределуваат рамномерно и правично, не се исплаќаат навремено и целоно, според ветувањата.
Јавноста се манипулира со тезата дека субвенциите се изум на оваа влада. Затоа би сакала да нагласам дека субвенциите се составен дел на Акциониот план за Европското партнерство, што секоја владејачка партија е должна да ги спроведува.
Финансиската подршка на земјоделството и руралниот развој се основата на аграрната политика и од оваа подршка се очекува развој на земјоделството и зголемување на стандардот на селското население.
Но, во последните пет години земјоделците ја немаат во целост таа подршка бидејќи немаат искористено над 30% од планираните средства за финансиска поддршка.
Стручната јавност и земјоделците, неможат да дојдат до податоци за начинот на трошење на средствата за оваа намена. Одделно се објавуваа одредени исплати на земјоделците и се прикажуваше дека земјоделците ги добиваат сите предвидени средства од земјоделскиот буџет. Од минатата година ни тие исплати повеќе јавно не се објавуваат.
Периодот од 2010 - 2014 година покажува дека потрошените средства се помали за 20%-40% од планираните. За пет години, од вкупно планираните средства за земјоделството и руралниот развој од над 600 милиони евра, реализирани се 60-70%. Неискористеноста на финансиските средства се повторува повеќе години а притоа нема анализи зошто е тоа така. Не се наоѓаат решенија, проблемите и понатаму се провлекуваат па дури и се зголемуваат.
Во програмата за 2014 година се планирани 102 милиони евра за субвенции. Но, на 2 јуни 2015, во најновата измена и дополна на Програмата за земјоделство и рурален развој, од планираните 102 мил. евра за 2014, 66 мил. евра се префрлени како долг во 2015 год. . Тоа значи дека за 2014, не се исплатени 60% за субвенции, односно дека се исплатени само 40 %. Ако се искористени само 40-тина милиони евра, тогаш е сериозно прашањето каде се 100 милиони евра? Зошто се создадени толкави долгови од 2014, префрлени во 2015? Каде отишле парите за субвенциите од 2014?
Јавноста треба да знае дека од 2008 година се прескокнати над 200 милиони евра, пари што се обврска на секоја влада кон земјоделците а не за купување на нивните гласови за избори.
Се појасно станува во јавноста, дека земјоделските субвенции се најголемата игра на власта за изборите..
ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ им се доделува на локални моќници, кои добиваат субвенции врз основа на фиктивно производство или го отстапуваат на вистински земјоделци да го обработуваат, додека тие ги земаат субвенциите.
Земјоделското земјиште во Македонија е многу раситнето и тој процес, и покрај насоките на европското законодавство, не запира. Таквата силно изразената раситнетост е основата за слаба конкурентска способност на странските пазари.
Погрешната земјишна политика донесе неправилна процедура и неправична распределба на државното земјоделско земјиште. Поради тоа: секоја година трајно се губат над 7.500 ха обработлива површина. Плодното земјоделско земјиште се претвора во градежно, што е недозволиво на било каква површина да се градат стопански, станбени објекти и инфраструктура.
Земјоделското земјиште се дава на користење на урбани бизнисмени или локални моќници кои и не се вистински земјоделци, но се блиски до власта. Тие вистински не се занимаваат со земјоделство но аплицираат и добиваат субвенции. Не постои општина во Македонија каде нема по неколку вакви моќници а за сметка на тоа има луѓе на кои им е раскинат договорот за користење на државно земјоделско земјиште под концесија.
Лошите состојби предизвикани од оваа влада, доведоа до осиромашување на вистинските земјоделци и создадоа села без развој и иднина, ги иселија младите од своите огништа во потрага по егзистенција.
По април 2016 година и промената на власта ќе се отворат вратите за нови реформи во земјоделието во интерес на земјоделците. Погрешните политики ќе бидат заменети со вистински, европски земјоделски политики со кои земјоделските производи ќе бидат конкурентни на европските и светските пазари а земјоделците достоинствено ќе живеат, како што впрочем и заслужуваат.
Татјана Прентовиќ, член на извршниот одбор на СДСМ