Извадок од говорот на пратеникот Стојко Пауновски, осмо продолжение од седница бр.82 на Собранието на Република Македонија - Информација за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Р. Македонија
Сигурно дека ако Владата го почитуваше законот навремено ни доставуваше податоци за висината на јавниот долг, ако навремено ни ја даваше и ја преткажуваше транспарентноста на трошењето на јавните пари, ако Владата навремено ја презентираше структурата на јавниот долг, отворено од овде ви кажувам дека мене ќе ми беше срам да потпишам една таква информација.
Верувајте сега поголем срам ми е да кажам дека Владата ем не ни ги дава овие податоци да разбереме што е со народните пари, ем не ни дава структура на трошење на тие пари. Транспарентност да не зборуваме. Висина да не зборуваме. И овде ќе се надмудруваме кој нешто направил, а кој не. А темата е информацијата за висината на долговите коишто ги има Република Македонија, не само Централната Влада, целокупниот јавен долг.
Транспарентност има ли оние 97 милиони евра што ги зедовте некна од банките? Ќе кажувате дека сите заеми, сите кредити поминале овде преку Собранието. Точно, тоа е тоа што го знаеме, тоа е тоа што го зема Централната Влада. Ние сакаме да ги знаеме податоците, колку тоа Република Македонија како држава должи? Тие податоци ви се потребни и вас.
Сакаме да разговараме затоа што иднината сакаме да ја гледаме овде во Република Македонија, а не во држава која што утре, задутре ќе биде презадолжена.
Во една нормална економија, каде што порастот, економскиот развој е преку 3.5%, потребни се 20 години да се зголеми БДП за 100%. Тоа е дискутабилно, меѓутоа друга тема е тоа.
Кажете дали во законот не ни следуваат овие податоци коишто ги бараме? А не да се даваат проекти како да зборуваме овде за Буџетот и за буџетски трошења. Зборувате за некои отчети, а самите не давате отчети. Зборувате за отчет, а не давате отчет за оние 3.5 милиони евра што сте ги потрошиле на изборите, како ги покривте и кој ги покри. Не давате отчет како тоа ви пропадна пописот, а потрошивте 15 милиони евра. Кој ќе одговара за тоа? Народот ли? Не дадовте отчет, ниту го викнавте вашиот премиер да објасни и да одговара пред тогашниот или сегашниот јавен обвинител. Како тоа човекот кој што сега лежи во затвор од една телевизија кажа дека се договориле 4 милиони евра да ги покрие од буџетските пари за реклами коишто ги давал ВМРО-ДПМНЕ.
Треба да дадете отчет од каде тоа на ВМРО-ДПМНЕ му се парите да има преку 500 билборди низ Република Македонија, со изјави кои што ги кажал лидерот на опозицијата. Тоа е отчетот кој што треба да го дадете, тоа е работата која што треба овде да ја разјасниме.