Казанџиска: Колку милиони евра чини слободата на говор во Република Македонија?
Извадок од говорот на пратеничката Билјана Казанџиска, четврто продолжение од седница бр.82 на Собранието на Република Македонија
Слободно можете да го избришете називот Аудио и визуелни медиумски услуги. Ставете Закон кој сака да биде милионер.
Денес ќе носите закон за перење пари за купување на човечки души. Закон за перење мозок. Закон за партнерство на Владата и приватните национални телевизии и озаконување на сивата моќ на власта. Закон со кој конечно ќе се справите и ќе ги решите сите критички мисли и целиот критички глас во нашата држава и тоа со јавни пари.
Досега имавме појава кога медиумите ја спонзорираа власта. Ама дојде ден кога сметката треба да се плати и сега имаме ситуација кога власта враќа на медиумите. И еве како. Најнапред ќе си купи главен и одговорен уредник Ивона Талевска. Ќе си ја плати со милион евра, само уште да се изјасни министерот дали Ивона Талевска е новинар или продавач на медицинска опрема.
Колку милиони евра чини слободата на говор во Република Македонија?
Господине министер додека се занимававте со мене и зборувавте за судир на интереси, замислете уште еден коалиционен партнер, ама пратеник до ден денес во Собранието на Република Македонија, а тогаш министер за финансии, си оформил фирма во Панама, која е регистрирана на 9 Септември 1999 година, кога Борис Стојменов, тогашен сопственик на Канал 5 бил министер за финансии и дел од тогашната Влада.
Ако слободата на говор чини 1 милион евра за 7 дена, почитувани граѓани пресметајте колку чини за 25 дена.
Охрабрете се и кажете колку милиони евра чини кампањата за сатанизирање и плукање на опозицијата?
Колку милиони евра давате државни, народни пари за плукање на Зоран Заев и раководството на СДСМ? Од вас ли ги давате господине министер или од народот? Дали пратениците од својот џеб за да плукаат врз Заев или ги злоупотребувате народните пари?
Зоран Трајчевски кој и понатаму ќе остане во оваа агенција, ќе биде тој што ќе одзема дозволи, што ќе дава дозволи, што ќе укинува емисии, што ќе блокира сметки. Ама најмалку што ќе работи е да мери реклами по реален час прикажани на Сител, со државни пари за плукање на опозицијата. Дали Зоран Трајчевски ќе изрече казна од 300.000 денари и забрана за емитување на реклами, доколку се утврди дека го прекршил дозволеното времетраење од 20% на реален час. Не. Тој добро ќе си ја одработи работата како што досега работеше за вас.
среда, 22 јануари 2014