Извадок од говорот на пратеничката Весна Бендевска, четврто продолжение на седница бр.80 на Собранието на Република Македонија
Зоран Ставрески повеќе од сите знае дека опозицијата лани немаше намера да го кочи донесувањето на Буџетот. Напротив, опозицијата јасно и гласно кажа стоп на најновите задолжувања на најсиромашниот народ во Европа, граѓаните на Република Македонија, да го сопреме најновото тогашно задолжение од 250 милиони евра и дополнителни 90 милиони долари.
Знаете за што немаше да има пари? За изборни манипулации, за кои беа наменети тие 250 милиони евра.
Дали една секунда Зоран Ставрески помисли дека избрканите 42 пратеници од опозицијата, претставуваат 370.000 граѓани? 370.000 граѓани кои го полнат Буџетот, кој и онака недомаќински го троши Ставрески.
Повторно амандманите на опозицијата не беа разгледувани.
Вие веќе не сте претставници на граѓаните, вие сте претставници на партиите. Затоа овој Устав е уништен неповратно на 24 декември.
24 декември не е разрешен се додека лицето стои позади мене и глуми дека извршува втора функција во рамките на Република Македонија.
Буџетот ги отсликува приоритетите и намерите на оваа власт, на овој режим, на оваа диктатура. А тоа значи дека ништо не се сменило. Тоа значи дека повторно за Ставрески врвен приоритет е панорамското тркало, наспроти радиоактивната вода што ја пијат граѓаните на Свети Николе.
За Зоран Ставрески се уште врвен приоритет се шпанските скали во Скопје, наспроти депонијата во Кичево. Тоа значи дека се уште на Зоран Ставрески врвен приоритет му се барокните фасади и згради во Скопје, бидејќи на тој начин најлесно се става во погон класичната корупција со јавните средства.
Република Македонија веќе не е земја на слободни граѓани. Република Македонија е земја во која царува режим. Во која граѓаните се гладни, голи и боси. Јас не верувам дека постои еден граѓанин што мисли дека врвен приоритет се барокот, лажниот сјај, стариот театар и еден куп такви проекти кои одат до карикатурални размери. Бродови на Вардар, панорамско тркало, жални врби, тоа се начините на кои се троши недомаќински цел Буџет, полнет од сите граѓани кои не ја поддржуваат оваа политика.
Република Македонија ја направивте затвор, во која живеат 1.700.000 затвореници. Ја направивте земја на апсурдот. Бидејќи само во Македонија како што се намалува невработеноста, така се намалува и вработеноста. Ја претворивте во земја во која што граѓаните чувствуваат дека веќе немаат излез. И затоа оние среќници кои купиле карта во еден правец се спасиле од режимот во Република Македонија.