Ивадок од говорот на пратеникот Благоја Стојановски, трето продолжение од седница бр.80 на Собранието на Република Македонија
Евидентирани осигуреници се 507.061. Од нив во 2012 година, придонес платиле 456.180 лица. Или 90%. И спрема Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и спрема Фондот за здравствено осигурување, податоците кажуваат дека во овој момент во Република Македонија нема повеќе од 500.000 реално вработени. 500.000 коишто плаќаат придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и 500.000 кои плаќаат придонеси од Фондот за здравствено осигурување.
Сега Државниот завод за статистика вади податок, дека денес во Република Македонија има 682.000 вработени лица. Да ви поставам едно логичко прашање. Каде е оваа разлика од 180 до 200 илјади лица коишто се вработени, каде ги плаќаат своите придонеси? Не плаќаат придонеси? Како се вработени ако не плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување?
Се што кажувате се приказни, шарени лаги и замајување на јавноста.
Вкупно осигурени лица по сите основи во 2009 година вкупно имало 1.893.834 осигурени лица. Претпоставуваме дека тоа се лица кои имаат можност за бесплатно здравство. Погледнете ги податоците во 2012 година, 1.744.237 лица. 150.000 лица има помалку во 2012 година, коишто во однос на 2009 година го изгубиле своето здравствено осигурување. Што ни кажува тоа? Каде се овие луѓе? Од вашите беспрекорно добри политики , дека мед и млеко тече во Македонија, 150.000 луѓе само за 3 години не се осигуреници во Фондот за здравствено осигурување во Република Македонија.
Ајде да погледнеме колку приходи се остваруваат во Буџетот на Република Македонија. Секоја година Буџетот на Република Македонија, е се поголем и поголем. Меѓутоа, дали реално се собираат повеќе приходи во Буџетот?
2008 година вкупно приходи, односно прибрани средства, пари, од даноци, од сите основи. Во Буџетот на Република Македонија изнесуваат над 136 милијарди денари. Знаете колку е 2012 година? 138 милијарда денари. Знаете колку ќе биде 2013 година? За првите 10 месеци, прибрани се 114 милијарда денари. До крај на годината, со ова темпо не можат да бидат повеќе од 137,138 милијарда денари.
И сега ќе ви кажам што се зголемува во Буџетот на Република Македонија во овие години. Две работи се зголемуваат. Првата работа е дефицитот на Буџетот, односно трошењето на пари коишто ги нема оваа Влада. Енормно растат трошоците за социјални трансфери. Тоа кажува дека народот во Република Македонија живее се посиромашно и посиромашно.
Она што е непотребно се е од нивните пари, се друго што треба да се направи се прави од заеми, донации, кредити. Кои што утре некој треба пак да ги враќа. И тоа ли е домаќинско работење?