НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 38 - (Видео) Заев: Повикувам чесните во ДУИ да ја напуштат криминалната Влада и да поддржат преодна

Прес конференција
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 16.06.2015


Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Денешната прес конференција ја одржуваме во седиштето на партијата, а не во Кампот на слободата, поради потребите за прес конференцијата.

 

Треба внимателно да ги слушнете снимките и внимателно да ги проследите преводите преку титловите на видео бимот.

Со аудио доказите што ќе ги презентираме денеска продолжуваме и конкретно да го откриваме вистинското лице на врвот на ДУИ.

Јасна е нивната одговорност за ужасната состојба во Македонија во секоја смисла, и од досега презентираните докази и аргументи, затоа што ништо од тоа што го направил Груевски, од криминал и корупција до удар врз човековите слободи и права, не би можел да го стори без знаење и поддршка на неговиот коалициски партнер ДУИ.

Кажав и дека од ДУИ биле многу внимателни кога зборуваат по телефон, што покажува дека добро знаеле дека се прислушувани. Но сепак, аудио снимките што ќе ги слушнете денеска, се доволни да го разобличат владеењето на тесната група во ДУИ, кое што по многу нешто наликува на владеењето на тесната група на Груевски. Причините за нивната трпеливост во Владата и кога беа потценувани, упатуваат дека примарната цел не им биле граѓаните, нивното гласачко тело, туку моќ почитувани граѓани, власт за лични интереси, за пари.

Без заобиколување, да ја слушнеме првата снимка, којашто се однесува директно на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Како ги остварувал своите афинитети? Преку поставените луѓе од доверба. Во случајов, станува збор за претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани. Али Ахмети, замислете посредува, на некој бизнисмен да му се продаде објект во општината Чаир за 1.000 евра по м2. Или, како што вели самиот Ахмети: “Ако може да извадите 1.000 за метар квадрат, добро е“. Како Ахмети се затскрива дека стои позади зделката, покажува неговото барање до Асани: “Вие ќе му кажете дека као ќе биде тешко да ме убедите мене“.

Слушнете.

 

Ахмети не можел сам да го спроведува самоволието, како што ни Груевски тоа не го правел сам. Следува сега сет снимки каде што ќе ја видите на дело големата слика од владеењето ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и таа, “плодна“ соработка, но за тесните групи функционери во нивните редови. Од овие разговори ќе слушнете како рушењето дивоградби не се одвива по закон, туку по партиски договор Груевски - Ахмети. Ќе го слушнете тоа од директен разговор помеѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Не само незаконски, туку и апсурдно Груевски од позиција на премиер си дозволува да бара дозвола од Ахмети за рушење дивоградба во Чаир, а лидерот на ДУИ Ахмети, му дал дозвола на Груевски да се руши обектот. Прескокнати се и институции, и надлежности, тоа и во овој случај, како и во многу други се лично Груевски и Ахмети. Но во снимките што следуваат има и нешто уште поважно – дека рушење дивоградби може и да се стопира, иако не е законски. Под кои услови? За 100.000 евра меѓу функционерите на Груевски и Ахмети!

Во конкретниов случај, станува збор за објект, куќа, спроти Американската амбасада на Кале.

Овој сет снимки отвора и една друга димензија, подаништвото на функционери на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ, односно неговиот врв. Ќе слушнете за битката во ДУИ кој да има подобар линк со врвот на ВМРО-ДПМНЕ, па Муса Џафери е навреден дека тој е ставен во втор план, а работите во случајов, отишле преку шефот на кабинет на Ахмети, Артан Груби.
Да ги проследиме следните 5 снимки. 

Како што слушнавте, случајот отишол до таму, што имало налог од градежниот инспекторат за рушење и била побарана и асистенција од полицијата. Го слушнавте тоа лично од Јанкулоска. Но, почитувани граѓани, објектот за којшто станува збор до ден денес постои каде што и бил поставен, спроти Американската амбасада. Зошто, можеби ќе разјасни овој докумет од материјалите на УБК што ги поседуваме.

Вие ќе можете да го видите на видео бимот, ќе ви биде и поделен, а јас, за да биде појасно за јавноста ќе го цитирам само клучниот дел којшто вади на површина корупциски скандал. Транскриптот е од разговор помеѓу претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Асани најдиректно му соопштува на Ахмети, цитирам: “Доколку ти рече тој нешто, ако крева прашина, ти речи му го тоа, ваква е работата, слободно кажи му, твојот зеде 100.000 евра за работа во Чаир, зашто тој Сашо Мијалков што беше директор, тој зеде 100.000 евра.“ “Тој“ на кој Ахмети треба да му го соопшти ова, според разговорот во првиот дел, е Груевски, со кого Ахмети имал закажано средба.

Овој случај покажува како одела соработката на функционери на релација ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ со корупциска позадина. А ова што сега ќе го слушнете, ќе покаже како тесна група во ДУИ, користејќи ги ресорите што ги водат, и самата се грижи за своите лични и тесно партиски интереси.

Во овој сет разговори се отвора сомнеж за уште еден корупциски скандал, овој пат со Слободната економска зона во Тетово во којшто е вмешан врвот на ДУИ. Лично од шефот на кабинет на Ахмети, Артан Груби, во разговор со Али Ахмети, ќе слушнете како информира дека тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, се решил Слободната економска зона во Тетово да ја додели на фирма од Турција. На Груби му е чудно како може нивниот министер да го даде бизнисот на оваа фирма, а да биде отфрлена другата понуда. Таа понуда е на фирма од Норвешка, зад којашто, како што ќе слушнете од самиот Груби, стоел, Хаки. На албанската јавност во Македонија добро и е познато името на овој човек, кој важи за еден од главните финансиери на ДУИ. Ајде прво слушнете колку сериозна била одлуката на Сарачини бизнисот да го додели на фирмата од Турција.

Слушнавме, на норвешката фирма и фалеле документи. Според тоа, не би било чудно, фирмата од Турција да го добие бизнисот, бидејќи имала подобра понуда.  Но она што денес е факт почитувани граѓани, е дека на крајот, на чуден начин, токму фирмата зад којашто стои, како што вели самиот Груби, Хаки, односно фирмата од Норвешка, ја добила Слободната економска зона во Тетово. Како, зошто, кој и на кој начин влијаел на одлуката на министерот Ваљон Сарачини, може само да се претпоставува.

Еве и преку докази се разјаснува потребата на ДУИ да ја одржува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Третиот сет снимки ги открива амбициите во врвот на ДУИ, кога се прави пазарот со ВМРО-ДПМНЕ за поделба на места во Владата, да добијат ресори што носат до пари, а не до подобрување на условите за живот на граѓаните, па се потценуваат министерски позиции како што се образование, или одбрана на пример.

Но следните разговори ги покажуваат и отстатпките што ги правеле од ДУИ во владината коалиција, за да останат во власта. На пример, еден од разговорите открива дека бил исфрлен проект што Али Ахмети го промовирал во изборната програма, како на пример патот Призрен – Тетово. Лично тогашниот заменик министрер за транспорт и врски, Тахир Хани, му јавува на Али Ахмети дека 80 проценти од “проектите на ДУИ“ биле исфрлени од програмата на Министертсвото за транспорт и врски.

Слушнете го и овој блок разговори.

Врвот на ДУИ, почитувани граѓани, функционирал многу слично со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Не само по аздисаноста, по ориентираноста кон пари и лични интереси, туку и по механизмите што ги користеле за да останат на власт. На пример, следниот сет разговори открива на какви закани и инспекции бил подложен портпаролот Бујар Османи, затоа што кај него виделе амбиции за кандидат за градоначалник во Чаир. Меѓу овие разговори ќе слушнете како од ДУИ, во институциите што ги раководат, разрешуваат и враќаат директори по потреба, а не по закон, ќе слушнете признание и дека Тетовскиот универзитет е полн со кадри на ДУИ, преку реакцијата на пратеникот Џевад Адеми, кој му се жали на Ахмети дека биле бркани нивни луѓе.

Слушнавме за незаконско и криминално дејствување на функционери на ДУИ. Последниот сет аудио снимки, почитувани граѓани, открива лицемерие. Тоа лицемерие со коешто манипулираат од ДУИ исто како и од ВМРО-ДПМНЕ, играјќи на националистичка карта, со што ги држат граѓаните заложници на лажен национализам.

Така ќе слушнете како Фатмир Бесими кога беше министер за одбрана тајно се сретнал со Борис Тадиќ во Америка, како влијателниот во ДУИ, Муса Џафери самиот за себе кажува дека бил “по каур и од каурите“ и на крајот почитувани граѓани ќе слушнете и какви навредливи зборови, директно од врвот на ДУИ паѓаат врз поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко. Тоа е истиот Рамиз Мерко кого истиот тој врв на ДУИ што го навредувал, пред неколку дена го именуваше за член на Претседателството на ДУИ.

Еве го последниот сет разговори.

Има ли нешто повеќе што не е јасно, што не е кажано, што треба да се расветли.

Принципите на владеење се тие. Тесна група на ДУИ исклучиво за лични интереси ја држи партијата во Владата на Никола Груевски.  Убедени сме дека и во ДУИ, како и во ВМРО-ДПМНЕ има чесни луѓе, кои не се согласуваат со ваквиот начин на владеење на ДУИ.

ДУИ одигра клучна улога изминатите 7 години во одржувањето и поддржувањето на режимот на Никола Груевски.

Чесните луѓе и функционери во ДУИ можат повторно да ја одиграат клучната улога за Македонија, но во позитивна смисла. 

Сите ние, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други имаме право да живееме во нормална, слободна и демократска Република Македонија, земја интегрирана во светските организации, а не пашалук на неколкумина, независно од нивната национална припадност.

Почитувани граѓани, независно од различностите по која било основа,
Сите ние имаме и обврска да се избориме за ваква заедничка иднина во заедничка и просперитетна Република Македонија.

Ги повикувам чесните функционери на ДУИ и нивните поддржувачи, да ја напуштат Владата на Никола Груевски којашто направи егзистенцијален и демократски потоп во Македонија, сите заедно да ја формираме владата којашто ќе ги подготви и организира изборите и заедно низ слободни и демократски избори да ги спасиме и граѓаните и државата.

Да не дозволиме ова никогаш повеќе да се повтори. Продолжуваме...

 

 

Одговори на новинарски прашања,

Медиуми: Господине Заев, дали ќе има и други вакви објавиза албанските партии? Првото прашање ми е тоа. Второ, дали го видовте протестот, сеалбанскиот протест којшто го организираше едно од движењата на Албанците во Македонија, којшто протест според нив беше успешен?  И која е вашата порака од тој протест бидејќи досега не му е дадена некоја тежина ?

Заев: Во делот на тоа дали постојат и други материјали за објавување знаете дека постојат.  Ќе продолжиме се додека има потреба со целото трпение коешто го имаме, ќе продолжиме додека не добиеме организација на влада којашто ќе ги подготви и организира следните исклучително важни фер, демократски и регуларни избори. Се што постои материјал ќе го објавиме.

Во делот на второто прашање, за протестот којшто го организираа под повикот на БЕСА, можам да кажам дека секој протест е демократски дозволен, ние го користиме како опозиција, заедно со граѓаните за Македонија, посебно кога е насочен кон целта Груевски и Али Ахмети да заминат од власт. Секако мојата поддршка ја има и тој протест и поддршката на опозицијата. Единствено што не ме бендиса е тоа што провејуваше само албанското знаме. Тоа е игра на картата на национализмот на Груевски и Али Ахмети. Ако тие луѓе што протестираа против нив, меѓудругото и во своите говори ги споменуваат зборовите дека и на нив им е преку глава од вакви национализми, тоа мораше да го покажат.  Но, нови се дечките, млади се, се надевам ќе учат, нека градат политички кариери, разноликости во Македонија треба, нека ги има и ги охрабрувам да продолжат, но мудро, за нашата заедничка татковина Република Македонија.

Медиуми: Господине Заев, вчера рековте дека давате уште 10-тина дена за преговорите да почнат и да се дојде до некакво решение. Рековте дека и 6 месеци пред избори Груевски треба да си замине од премиерската функција, дали е тоа на некој начин последната ваша понуда во овој формат на преговорите?

Заев: Го цитирате мојот дел сигурно од синоќешното интервју на една телевизија. Еве ако не е јасно, Социјалдемократскиот сојуз техничката влада ја бара од 27-ми април 2014 година и тоа го бараме со причини. Од Универзална сала испорачавме многу прецизни барања, јасни, конкретни каде што велевме од шест до девет месеци преодна влада. Шестте месеци најверојатно излегоа од вчера од соопштението после средбата со министерот за надворешни работи на Бугарија. Разговорите коишто се одвиваат, веќе три пати, со посредништво на Европската унија и на другите дипломати, се темелат на принципи. Се темелат на многу важни прецизни детали коишто мора да доведат до конечната цел изборите на крајот на април да бидат признаени, меѓусебно честитани и тоа е целта кон којашто мораме да се стремиме сите.  За да тоа го постигнеме, многу е важно од денеска како ќе го поставиме целиот процес. Во тој процес нашите принципи и врзување со термини се многу едноставно разбирливи. Ќе спомнам неколку. Мораме да ги изградиме институциите до ниво на нормалност, да ги вратиме демократските надлежности во самите институции, демократското нивно функционирање, корективните механизми да бидат вратени, за да може сите заедно конечно преку тоа да ја осигураме слободно изразената волја на граѓаните на избори. Соодветно на тоа се поврзани и роковите коишто ги бараме, врзани со тие принципи. Ако проверката на Избирачкиот список е неопходно потребна, потребни се и соодветни месеци да се направи. Тогаш е неопходно потребна веродостојноста, конечната потврда да биде потврдена од сите нас а не само од Влада на чело со Груевски, за да може да му веруваме на тој Избирачки список и конечно да нема дилеми. Ако го отвориме Избирачкиот законик, а тоа го дефиниравме веќе во разговорите, тој ќе отвори многу важни процеси важни за иднината и демократизацијата на Македонија. Ќе разговараме најверојатно за дијаспората, ќе разговараме за изборните единици, шест, три, една, ќе разговараме за отворени или да продолжиме со затворените листи, ќе разговараме за многу важни работи внатре, кој тоа повторно ќе го гарантира? Груевски и оваа иста влада? Сето она коешто го аргументираме на сите овие преговори е конкретно врзано со прецизни детали, искуствени податоци, коишто реално ја потврдуваат позицијата на опозицијата и на Граѓаните за Македонија.

Оттука, сето она коешто на тие разговори, еве ако продолжат, а очекуваме да продолжат, бидат јасно прецизирани, гаранциите за овие прецизни детали или чекори коишто треба да се преземат за да ја осигураме  конечната цел, и не да верува Заев, Груевски, Ахмети или Тачи, туку граѓаните да почувствуваат, да веруваат тие, дека тие се конечните коишто ја носат одлуката. Дека слободно ќе ја кажат својата волја и конечно политичарите ќе стрепат од нив, од граѓаните. Тоа мора да го постигнеме. Се друго меѓусебно ќе се лажеме, ќе ја лажеме и меѓународната заедница, ќе ја лажеме и домашната јавност. Затоа зборувам премногу внимателно исклучиво позитивно. Дојдовме до таа фаза каде што сега е моментот да ги направиме чекорите исклучиво во интерес на Република Македонија. Тоа зависи од сите нас коишто седиме таму на масите. Затоа е врзано со термините. Ова не е ултиматум, во преговори не се влегува со ултиматум. Во преговори на основа на конкретни детали, на конкретни податоци, се разговара и преговара, се вадат на маса и на крајот дај Боже да се постигне договор. Тоа е тоа коешто го очекуваме сите, ако имаме сите ултиматуми од коишто не мрднуваме, секако не треба ни да одиме на преговори. Но, преговорите пак имаат смисла ако ја дадат конечната цел за којашто сме седнале на маса и разговараме.

Медиуми: Дали имате сигнал од некого за продолжување на разговорите или како и да ги наречеме и до кога ќе чекате за вие да бидете иницијатор на тие?

Заев: Ако ги погледнете агендите на Европската комисија и на Европската унија ќе видите дека до крајот на месецот има многу важни состаноци од коишто произлегуваат и обврски на нашата Македонија пред тие институции, пред тие комисии и пред тие форуми коишто ќе одлучуваат. Заради тоа што пред нив аплицираме за полноправно членство во Европската унија и заради тоа што тие го менаџираат целиот овој процес на преговори. Согласно тоа и ги дефиниравме кратките рокови, да се обидеме да постигнеме нешто, токму заради тие состаноци. Овој месец, 25-ти и 26-ти е Советот на министри на Европа. Убаво е до тогаш ако имаме напредок да имаме резултати. Ако не да не се мачиме повеќе, да ги отвориме сите други демократски механизми коишто ни постојат на нас на располагање а тоа се секако, потврдувам, повторно мирни и ненасилни механизми коишто Уставот и законите ги дозволуваат за нас како опозиција. Затоа дефиниравме 10-тина дена, токму од таа причина тргнавме и се надевам дека во брзо време ќе се случат иницијативите.  Вратите во Брисел на завршетокот на состанокот ги оставивме отворени што значи иницијатива може да дојде од секој оној којшто присуствуваше таму на самиот состанок. Тоа може да дојде и од Заев и од Груевски, може да дојде и од амбасадорите, може да дојде од комесарот Хан,  може да дојде од некој од албанските партии, нивните лидери или слично. Јас се надевам дека следните денови веќе ќе се одржат некои средби за да може да кажеме за чекориме кон целта, да постигнеме конечен договор  или не, или воопшто не се ни обидуваме. Убаво е кога си задаваме пократки рокови заради тоа што секако мачнотијата е присутна во државата, таа се чувствува насекаде во секоја пора на општеството и тука е дополнително одговорноста кога веќе толку време сме потрошиле на разговори на крајот да се обидеме конечно со последниот чекор да успееме да се договориме.

Медиуми: Имате ли некакви информации за подиректно вклучување на Викторија Нуланд?

Заев: Заменикот секретар на Стејт департментот доаѓа во регионот. Најверојатно при посетата на регионот, што е огромна чест, ќе ја посети и Македонија, таа посета е договорена уште пред некој месец, кога никој не можеше да претпостави дали ќе има успех во преговорите под раководство на комесарот Хан и на Европската унија или не. Но, не ја исклучуваме можноста, секако ако е тука и ако има добра намера да се вклучи, да помогне во процесот. Таа е добредојдена за нас како страна иако потврдив дека реално очекувам до крајот на овој месец или во следните 10-тина дена да се обидеме да најдеме разговор или повеќе немаме што да се мачиме.

 

 

вторник, 16 јуни 2015




СДСМ