НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 34 - (Видео) Заев: Ќе вадиме докази додека не го извадиме Груевски од Владата

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 27.05.2015


Почитувани присутни, почитувани граѓани, претставници на медиумите,

Вистината за Македонија си ја бара светлината на денот. Салата за прес конференции во којашто го почнавме проектот, стана претесна. Од денеска домаќин на Вистината за Македонија е Кампот на слободата, овој Камп на слободата што ќе ги донесе долгоочекуваните промени за сите во државата, па и за оваа кутра зграда на Владата на Република Македонија, заробена во фушерајски составен гипс картон!

 

 

Како што ветив, продолжуваме со проектот Вистината за Македонија.

Најавувам:

-И досега докажавме се, со каква расипничка власт на чело со Груевски си имаме работа. Но, Не прекинуваме додека граѓаните на Македонија не ја дознаат целата вистина!

-Не застануваме додека не ги оспособиме институциите, да ги преземат коруптивните, криминални, противзаконски афери што го тресат владиниот состав на Никола Груевски, но пострашно, ја тресат иднината и стабилноста на Република Македонија!

Ја испраќам пораката:

Три оставки не се доволни! Не се мачи Груевски и не барај нови жртви!

Твојата оставка ја бара Република Македонија! Ти си налогодавачот и ти си нарачателот на матните игри.

Почитувани граѓани,

Од кумот на Никола Груевски, Зоран Ставрески слушнавме признание како тие во власта “не се нормални“. Тоа се зборови на Ставрески.

На денешната прес конференција Никола Груевски ќе ви признае: “Не и оди работата на оваа Влада. Еден голем проект не и тргна на Владата. Една хидроцентрала не изгради Владата“. Од Груевски ќе слушнете како тој, за себе и за соработниците, лично вели: “Нас нешто ни фали“!

За да го покрие она што “фали“, Никола Груевски, од позиција на премиер, најдрско влегол во невидено беззаконие, со што се потврдува во незапаметена фигура на политичката сцена на независна Македонија.
Аудио снимките на денешната прес конференција ќе ги исцртаат јасно контурите на владетелот кој за да опстои, ги поништил Уставот и законите и станал “deal oriented“, а потоа тоа го побарал и од своите најблиски соработници.

Слушнете ги првите два разговора помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески.

 

 

Што повеќе треба од ова признание, за самиот Никола Груевски во овој момент да излезе од неговата канцеларија? Треба уште?! Ќе вадиме. Ќе вадиме `се додека него не го извадиме од Владата.

Ајде продолжуваме.

Внимателно слушнете го следниот разговор. Овде станува збор за една таква, мешана фирма, чешко-бугарско-македонска, со којашто Груевски очигледно и лично постапил како “deal oriented“, она што го бараше од Миле во претходниот разговор. Според аудио разговорот, ова фирма добила тендер “по линија“. “Линијата“ ја знае Груевски, како што самиот му признава на неговиот послушник од ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, и она што е во натамошен интерес на премиерот е патот на 350 милиони. Всушност дали тие завршиле кај братот на вториот најблизок соработник на Груевски, Гордана Јанкулоска, која тој, заедно со Јанакиески, ја испрати во историјата. Другиот разговор во овој сет открива колку грчевито Груевски се заложувал да се сруши Драмскиот театар, а новиот објект да биде со деловни простории. Разговорот е со Јанакиески, човекот кој не знаел да му рече “не“ на Груевски, а сепак и тоа не било доволно.

Следуваат разговорите на Груевски со Чинговски и со Јанакиески.

Се смееме, а ни се плаче, нели?! Кој човек ни ја раководи државата?!

И уште го нема да излезе од зградата на Владата. Добро. Ќе продолжиме.

Ако речам дека нема да ви се верува она што следно ќе го слушнете, веројатно нема да бидам во право, зашто после `се што доживеавме и слушнавме, ` се ни е за верување.
Но следниот сет снимки говори за уште еден вид беззаконие нарачано лично од Груевски. Тука ќе видите како сопственик на фирма од Неготино, во чиишто цистерни биле најдени 5 ипол тони недозволива, црвена нафта, е ослободен од казните на неколку институции, по налог на Груевски, само затоа што тој бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу вмешаните во скандалот по директива на Груевски е Митко Чавков, новиот министер за внатрешни работи, кого Груевски го назначи на местото на Јанкулоска. Меѓу вмешаните во скандалот е вчера унапредениот Горанче Савовски, новиот директор на Бирото за јавна безбедност, тогашен началник на Централните полициски служби во МВР. Меѓу вмешаните е и Горан Трајковски, директорот на Управата за јавни приходи.
Следните разговори се меѓу Јанкулоска и Савовски и Јанкулоска и Трајковски.

Лицемерието на Груевски не вреди да се кометира.

Почитувани граѓани,

Никола Груевски не само што менувал урбанистички планови и закони за лични цели, не само што работел противзаконски – Груевски влегол и во архивите на институциите. Од снимките ќе слушнете како тој менаџирал да снема оригинален документ од архивата на МВР! Тоа е писмо од директорот на Управата за цивилна и воздушна пловидба кој до МВР се жалел на односот на сопругата на Ѓорѓе Иванов.

Слушнете што се случувало лично од Груевски и Јанкулоска.

Да, малку е чудно Ѓорге да го нема, а да ја има Маја, но снимките откриваат дека сопругата на Иванов била фактор, таа менувала директори.

Ех, ова ли е нашата чудесна Македонија?

За жал ова е нашата Македонија, почитувани граѓани. И ова сеуште е само мал дел од богатата ризница на злодела, со што власта на Никола Груевски ја донесе земјава до мизерија и пропаст.

Ќе продолжиме со снимките што ги поседуваме, а се сопственост на Република Македонија, затоа што граѓаните имаат право да ја знаат вистината, а ние имаме должност да ја обелодениме докрај, како што ветивме на почетокот на процесот.

Никола Груевски можеби денеска не излезе од оваа зграда.

Но ќе излезе. Ќе излезе, не затоа што СДСМ така сака, не затоа што така сакаат над 80 невладини и граѓански организации, не затоа што тоа го посакуваат граѓаните од различна политичка определба, лева и десна, туку затоа што Груевски нема повеќе ниту што да каже, ниту што да лаже.

Имаш право Груевски. Нешто ти “фали“. Ти недостига совест. Ти не можеш повеќе да бидеш премиер. Прекини го овој срам што и го правиш на Република Македонија и напушти го премиерскиот кабинет.

Преодна влада е решение за кризата. Нема назад!

Почитувани граѓани, ова зло да не дозволиме никогаш да се повтори.
Најавувам дека дел од аудио материјалите ќе имате можност да слушнете и во вечерните часови, во рамки на редовната програма во Кампот и ќе повторам, нема да застанеме додека не отвориме пат за иднината на Македонија.

Тоа е можно и тоа е достижно.

Продолжуваме...

 

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев денеска имавте изјава за германските медиуми, дека обвинетите во случајот „Мнострум“ се невини во затвор. Од каде ви е тоа, од материјалите коишто ги поседувате?

Заев: Најверојатно е грешка во интерпретацијата на самиот новинар. Но сепак, големи сомневања се врзани за овој случај. Тоа го објаснувам јас и во самото интервју и секако со обелоденувањето на вистината за Смилковско езеро или процесот на Владата, Монструм, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина. Сомневањата се големи, нашата намера не е да ставаме квалификации, но секако вистината штом ќе ја обелодениме, граѓаните ќе знаат што во суштина покажува таа вистина. Дека постојат големи сомневања за тоа што се случило со случајот Монструм.

Медиуми: Господине Заев, до вчера некои медими тврдеа дека зад прислушуваните материјали стојат странски служби. Вчера во едно интрвју за еден портал премиерот излезе и почна да набројува земји кои не стојат? Ваш коментар?

Заев: Добро гледате како се модифицираше и се менуваше целиот овој процес, прво беа некои комбиња со тактички опреми, па странски служби, па лепени, долепувани и прелепувани за конечно преку интервјуто вчера премиерот да потврди дека  не постојат странски служби. Не може повеќе и да лаже затоа што во обвинителниот акт нема странски служби. Има осудено човек за шпионажа, шпионажата по закон е поврзана со странска институција, служба, било што странско никаде не се спомнува во пресудата на човекот, странска служба. Знаете дека јас сум осомничен за насилство врз премиерот, според нив јас сум наводно насилникот врз премиерот. Знаете дека и пасошот го вратија, така. Знаете дека Бранко Палифров е помагач на насилство и нема ништо друго, а е во притвор? Ова интеврју коешто премиерот вчера го кажа, апсолутно после него очекувам, да бидат отфрлени обвинителните акти и веднаш луѓето од затворите да се пуштат, да бидат ослободени веднаш. Таму е Верушевски и неговата сопруга и трагаат по неговото дете, таму се невини луѓе коишто лежат во затвор, и барам веднаш да ги пуштат од затвор.

Медиуми: Дали е точно дека вчера на лидерската средба, Тачи и Ахмети барале од Груевски, едно клучно место, претседател или премиер да биде Албанец?

Заев: Не е точно. Воопшто не е точно. Ниту пак деталите на разговорите коишто ги кажувате. Документи паѓаат на маса, паднаа и во Стразбур и овде, но ние не сме влегле во преговори. Разговорите во функција на еден документ којшто се појави вчера, не е документ за разгледување или за преговори. Се даваат насоки каде би се воспоставила таа рамка којашто ја сакаме да ја воспоставиме. После тоа да има некакви разговори за некакви места или слично, не. Значи ние не сме влегле во преговори се уште. Можеби шпекулации доаѓаат затоа што некој од присутните на маса понудува правец, рамка каде би се движело целото тоа, насочувајќи охрабрување за претходно решените работи, штом ќе се случат, каде би се движеле самите преговори. Јас се надевам дека во понеделник ќе имаме поконкретни исчекори за да можеме да ви кажеме. Знам дека јавноста треба и мора да знае, но реално не сме почнале со преговори. Дај Боже да почнат тие преговори, и да бидат детални. Веднаш штом ќе бидеме подготвени сите, веднаш ќе ги соопштиме и споделиме со јавноста.

Медиуми: Господине Заев на последната прес конференција рековте дека нема да објавувате бомби додека сте овде пред Влада. Зошто го сменивте планот?

Заев: Не дека нема да објавуваме, не. Рековме дека ќе дадеме шанса на овој процес на протест што се случува заради големиот настан, да го свртиме вниманието на јавноста токму кон настанот и овде токму на ова место каде што опстојуваме упорно. Гледате дека ваквиот концепт, нашето опстојување сега не го нарушува. Продолжуваме заради тоа што ветивме. Знаете дека пред граѓаните ветивме многу случаеви. Денеска очигледно свативте дека тргнуваме, иако сериозни финансиски криминали се во прашање, пополека да ја подготвуваме јавноста за многу важни случаеви коишто нашата јавност ги очекува и сеуште е отворена дебата во македонското општетсво, во Република Македонија, помеѓу сите граѓани. Се очекува вистината за тие случаеви да биде осознаена од граѓаните.

Медиуми: Господине Заев, го спомнавте предметот „Пуч“. Дали ќе барате повлекување на обвиненијата?

Заев: Тоа го тврдам уште од самиот почеток. Еве уште еднаш. Го заборавивме моментот  од почетокот или крајот на фебруари. Во конструираниот случај Пуч јас сум осомничен и обвинет со обвинителен акт, за наводно насилство врз премиерот заради тоа што сум барал преодна влада и предвремени избори. Денеска е тоа темата на којашто разговараме. Секаде во светот опозицијата бара оставки од Владата, бара промена,  бара избори, тоа е работа на опозицијата. Има невини луѓе коишто лежат во затвор, се осомничени, како Бранко Палифров, за наводно помагање на насилство. А јас нели „насилникот“ сум на слобода, со пасош се движам по светот, а наводниот помагач ми е во затвор. Останатите луѓе се осомничени за шпионажа. Самиот закон, не мора да бидете правници, вели дека шпионажата значи поврзаност со странство, странски тајни служби, странски јавни служби, странски институции. Никаде не постои доказ, ниту во процесот којшто се води правно. Еве конечно и премиерот тоа го потврди, тој вели јас го кажував тоа заради тоа што Заев го кажува тоа. А знаеме Заев зошто го кажал тоа. Не е чесно да се обелоденат луѓето коишто се одважиле да и помогнат на државата и заради тоа што некој таму признал, во делот на изјавата и исказот којшто го дал, веќе е осуден за три години. Знаете како, за убиството на Кенеди, има преку 120 граѓани во Америка пријавени дека го убиле Кенеди, не се затворени тие, не се убијците. Барале докази, покрај тоа што тие дале исказ. Ова станува и банално и смешно што се случува. Апсолутно јас очекувам дека конечно оваа изјава на Груевски којашто ја даде, знаејќи дека е комплетно под контрола Јавно обвинителство и судство од неговата власт, а тој е врвот на власта и тој е реализаторот на целото ова, веднаш да се отфрлат сите обвиненија и луѓето да бидат пуштени на слобода.

Медиуми: Господине Заев, првиот ваш став беше дека Груевски брзо ќе поднесе оставка? Последно што читаме во германскиот весник е дека не очекувате оставка од Груевски......Што навестувате, каква разврска?

Заев: Ние не отстапуваме од нашите барања. Знаете дека едно од основните барања е оставка на Груевски. Како секој рационален човек па така и политичар, доказ и сведок на тоа што јас како прв во опозицијата го објавив. Во секоја нормална земја не треба ниту три дена за оставка, ниту триесет минути, најверојатно требаат три минути, да си ја поднесе оставката. Заради тоа оваа мачнотија низ којашто поминуваме сите од опозицијата, граѓаните на Македонија, Македонија, а верувам и тој којшто седи во оваа зграда, не му е лесно, мачно му е и него. Нека си олесни и себе, нека ја олесни и Македонија, нека си ја поднесе оставката. Само на тој начин, заедно како политичари ќе може да говориме за преодна влада, кадешто ќе ги исцртаме и зацртаме определби коишто таа влада ќе мора да ги заврши пред предвремените парламентарни избори. И на тој начин да се реши политичката криза присутна во Македонија повеќе од 4 месеци, а притоа како одговорни луѓе да и дадеме шанса на иднината на Македонија.

Медиуми: Очекувате оставка?

Заев: Очекувам. До краен момент јас очекувам. Едно е дали верувам во неа или не. Знаете јас сум граѓанин којшто споделува верувања како и сите. Од самиот момент јас очекував и верував, сега ја очекувам како акт на разрешување дека ќе се случи. Зошто го кажувам ова? Постојат и други начини како Груевски да падне де факто како премиер, ќе го оставиме тоа преговарачкиот процес да го каже.

Низ преговорите во делот на паѓањето на власта и владата, да се дојде до преодна влада кадешто тој нема да биде премиер. Деталите ќе ги оставите на самите преговори, заради тоа што тоа би можело да наштети на можни алтернативи на развој на преговарачкиот процес. Затоа велам не верувам ама очекувам, би требало да се случи. Тоа е начинот на којшто ќе и се олесни на Македонија.

Медиуми: До кога?

Заев: Месец јуни е очигледно почетокот на летото. Јасно им е на сите, не треба да бидете нешто посебно политички упатени дека Груевски одолговлекува. Ние нема да дозволиме да летото длабоко навлезе. Советот на министри на Европската Унија знам дека има донесено одлука до јуни да се реши политичката криза, како пријатели на Македонија, искрено верувам дека ќе помогнат со тоа. Ни требаат влијателни луѓе, ни требаат и претставници на САД, најавено е дека некои луѓе ќе дојдат, како модератори и организатори на целиот преговарачки процеа и на крајот гарант на тоа што ќе се договори. Што и да е нека се случува брзо.

Медиуми: Дали Карл Билд е еден од тие луѓе?

Заев: Немаме ние информација. Јас господинот Карл Билд го познавам како познавач на Македонија, искусен човек, тешкаш како што знаат да го наречат политичарите а и новинарите. Немаме никаква информација дали е тоа токму тој.

Медиуми: А имате ли потврда дека ќе се испрати специјален претставник на ЕУ?

Заев: Да, дека ќе испрати претставник. Не знаеме дали тоа ќе биде фасцилитатор или модератор на преговорите или ќе биде специјален претставник. Разликата е во различното одлучување. Немаме таква информација, детали барајте од Европска Унија да соопшти, ако тие одлучат. За нас е добредојдена помошта од пријателска Европа.

Потврдија дека такво нешто ќе се случи. Најавувано е и очекувано е да се појави, но ќе видиме во каква улога и во кое својство.

Медиуми: Господине Заев, ќе има ли на есен избори?

Заев: Тоа е прерано да го кажам. На Македонија и требаат предвремени парламентарни избори како леб. Зошто? За да ги корегира сите незаконитости коишто се случувале сите години наназад, притоа некој треба да гарантира фер и демократските и регуларните аспекти на тие избори. Уште еднаш нерегурларни избори знаете дека е недозволиво за сите. Јас верувам дека нема да си дозволи ни власта, Груевски да оди на нерегуларни избори бидејќи причинител за барањето за преодна влада е токму тоа. Во одреден временски период, што е можно најкраток временски период,  да се подготви нашата земја за после долго време да спроведе фер, демократски и регуларни избори.



 

 

 

среда, 27 мај 2015




СДСМ