НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 32 - (Видео, докази) Никола Груевски е креаторот на кризите во Македонија

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 15.05.2015

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите Добар ден, 

Слушнете ги овие аудио снимки.


Добро слушнавте. Ова не е на Дивиот Запад, ова е во Република Македонија. Човекот кој зборува не е каубоец од филмовите, тоа е братучедот на Никола Груевски, 9 години директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Калашњиковите и истрелите се и од оружје на државните безбедносни сили на Република Македонија, злоупотребено во рацете на паравоените структури што вежбаат, се обучуваат и хараат низ земјата, под команда на Сашо Мијалков, за целите на Никола Груевски. 

Како се чувствувате? Безбедно? Сигурно? Мирно, во својата земја? Си помислувавте некогаш дека ќе живеете во ваква Македонија, претворена во приватен пашалук, од аздисаност до бесвест? 

Почитувани граѓани,

Проектот Вистината за Македонија откри многу вистини, почувствувани и непочувствувани, знаени и незнаени, откри многу лица, вистински и лажни. Предизвикаа тие вистини и гадење и презир и запрепастеност, до каде тоа отишле Груевски, Мијалков и нивните блиски соработници во забеганоста по пари и моќ, за лични интереси. 

Но овде веќе не станува збор за задоволувања лични интереси на поединци.  

Овде станува збор за загрозување на безбедноста, сигурноста, спокојот на граѓаните кои живеат во земјава. Од аудио снимките во продолжение ќе имате можност да слушнете дека под власта на Груевски и Мијалков загрозена е и стабилноста на нашата држава.
 
Ветивме дека ќе одиме со вистината до крај. Колку и да е болна, колку и да изгледа црна, вистината не може да нанесе зло. Вистината може само да ослободи од злото. Тоа е нашата цел. Тоа сите го заслужуваме.

На денешната прес конференција ќе осветлиме уште една тешка вистина. Имаме морална обврска да го сториме тоа. Немаме право да им ги криеме лицата на оние кои се насилни од хир, насилни поради нетрпение кон политички противници, на оние кои мразат од нетрпеливост поради секаков вид припадност, на заговарачите на сценарија, на убијците на нашата заедничка иднина. Жртви овде се сите и “нивни“ и “наши“ и “ваши“..., секој еден граѓанин во земјава. 

Ќе слушнете и ќе стане јасно колку навистина е сериозна ситуацијата во Македонија, дека си имаме работа со непресметливи луѓе во безбедносните служби и во власта на Груевски и дека тие се сериозна закана и за професионалците во полицијата и за безбедноста на граѓаните, независно од различностите по која било основа.   

Во прес конференцијата за убиството на Мартин Нешковски слушнавте дека зад суровата трагедија на младото момче стоел лично шефот на обезбедувањето на Никола Груевски, познат под прекарот Урко. Тој човек командувал и со полициски и со параполициски сили, со знаење на Груевски, Мијалков и Јанкулоска. 

Во првиот сет разговори за денеска ќе слушнете колку и какви “урковци“ имаат ставено меѓу чесните професионалци во безбедносните служби, ќе слушнете за недозволивите скандали што овие личности ги провоцираат во специјалните единици и за уште поскандалозниот факт дека не се знае кој командува со полицијата. 

-Така од разговорот на Мартин Протогер со Гордана Јанкулоска ќе слушнете како “оригиналниот“ Урко, “скршил од ќутек“ замислете, 20 припадници на специјалната единица “Волци“, среде центар во Скопје! 

-Друг “урковец“ не само што шверцувал цистерни нафта за училишта, туку насила изнудувал да му биде потпишано дека училиштето примило 3 или 5 тони нафта за греење, иако тој испорачал само 1 тон – ова и го доверува Протогер на Јанкулоска. 

-А како што Груевски си го имал Урко, така Мијалков си го имал Утка. Ни набљудувачите на ОБСЕ не успеале преку Јанкулоска, да го тргнат Утка, кој за локалните избори бил локален шериф во Струга и вперувал пиштол во глави на луѓе. Затоа што Утка имал грб, а тоа бил лично Сашо Мијалков, кој смета дека на Утка тоа му е работа, а не да биде, како што вели Мијалков, “балерина“. 

Слушнете.

Можеме само да претпоставиме како им е на професионалните полицајци да работат со вакви бандити во нивните редови. 

Но, ова почитувани граѓани не е единственото насилие за кое што ќе слушнете денеска. 
Вториот сет снимки ќе потврди дека насилието доаѓа од врвот на Владата, од Никола Груевски и потоа како метастаза се спушта по вертикала до неговите соработници.

-Груевски пикирал парк кај хотелот Бристол во Скопје и бара од Јанакиески таму насила да никне барокна зграда. Ова насилие врз граѓани од страна на премиерот Груевски се преточува во други несфатливи форми на изживувања врз луѓе.

-Така Мијалков и Јанкулоска договараат како да му го загорчат работното место на полицаец кој излегол на протест за Љубе Бошкоски

-Така Протогер во еден момент сака да го убие, замислете и Латас, но полтронскиот уредник на власта во Сител и не е единствениот што Протогер има желба да го убие 
-Мартин Протогер бара од Јанкулоска помош тој да се пресметал и со новинарот Зоран Божиновски, кога ќе бил донесен од Србија во затвор во Скопје. Ќе слушнете до каде одат болните фантазии на Протогер за освета врз Зоран Божиновски, тоа е доволно одвратно и да се слушне, а не да се изговори.

Еве го вториот сет снимки.

Ако се сеќавате, истиот овој Протогер, шеф на Кабинет на Груевски, посакуваше да се најде семејство на претседател на Фудбалската федерација на Македонија, во ендек.

Почитувани граѓани, ова изживување врз луѓе што го слушнавме, навистина згрозува. 

Но тесната група на власт на чело со Груевски не застанува тука, тоа е пострашното. Ќе го отвориме, само со 3 разговори, случајот во Гостивар кога во расправија за паркинг место полицаец кој уби двајца граѓани на Гостивар. Нема да ви се верува што ќе слушнете. 

-Јанкулоска и нејзиниот помошник, портпаролот Иво Котевски, прават калкулации со керкичката на полицаецот кој заврши во затвор. За свои интереси, нечовечки, планираат да го изложат девојчето на сурова медиумска експлоатација - ќе слушнете како треба тоа да го реализира уредничка во Сител, што работи по нивни инструкции, Славица Спасовска

-Ќе слушнете како тие креираат што да информираат медиумите под нивна контрола

-Ќе слушнете како во тие денови, кога имаше протести во Гостивар, Котевски посакал да бил “зачукан“ и некој новинар

Да, почитувани граѓани, слушнавте како оваа група на Никола Груевски се пресметува меѓу себе, како мразат политички неистомисленици, како не поднесуваат критички новинари. На крајот на оваа прес конференција ќе ја слушнете суровата и опасна вистина – колку овие луѓе не се искрени кога зборуваат за соживот. Ова мора да се слушне. Ова мора да го знаат, граѓаните Македонци, граѓаните Албанци, граѓаните од сите други етнички заедници во земјава, кои се сакаат, се почитуваат и сакаат да градат заедничка иднина во Република Македонија. 

Разговорите што сега ќе следуваат, ќе откријат дали оваа власт на Груевски работи на соживот или работи на уништување на соживотот во Македонија. Не, оваа власт на Груевски работи на уништување на соживотот во оваа држава! Оваа власт, секој ден, перфидно, зад маски, зад кулиси ја поткопува и ја загрозува нашата заедничка иднина и иднината на нашите деца. 
Еве слушнете го тоа лично од Гордана Јанкулоска, од нејзиниот сопруг Влатко вработен кај Груевски во Владата, од Сашо Мијалков, од Мартин Протогер. 

Почитувани граѓани, почитувани претставници на меѓународната заедница, пријатели на Македонија,

Знам, дека ова не го мисли мнозинството граѓани во Република Македонија. 

Мнозинството граѓани во Македонија копнеат да живеат мирно, сложно, без страв за својата иднина. Мнозинството граѓани во Македонија, независно од различностите по која било основа, споделуваат исти грижи, за својата егзистенција, за својата безбедност, за перспективите на своите деца. Мнозинството граѓани на Македонија имаат еден проблем. 

Тој проблем има име и презиме. Тоа е Никола Груевски. 

Толку е. Крената е завесата. Театарот е одигран. Дел од глумците сами се повлекоа. Не е доволно. Режисерот на долгата, мачна, задушлива, крвава драма мора да си оди. 

Никола Груевски мора да си оди. Нема место повеќе за Груевски на политичката сцена. 

Оттука повикувам,

Да престане Груевски преку медиумските мегафони да лаже дека наводно опозицијата подготвувала некакво насилство. Никакво насилство не подготвува опозицијата. Еве слушнавме. Ги слушнавме насилниците, слушнавме и за дел од нивните насилни механизми. Ова повеќе нема да го дозволиме.

Груевски, држиш невини луѓе и студенти во притвор кои излегле да го изразат своето право на протест! Ти ли имаш право да го правиш тоа? Ги повикуваш граѓаните од сите етнички заедници на контрапротест против опозицијата, па уште за стабилна и силна Македонија?! 

Ти си Груевски креаторот на кризите во Македонија. Немаш образ да ги браниш безбедносните сили, пред само неколку дена ти загинаа 8 полицајци, сега гледаме и зошто. Апаши си поставил да им шефуваат на професионалците. Сценираш безбедносни кризи. Работиш на тајни сценарија за разнебитување на Македонија, спротивно на заложбите на мнозинството граѓани кои копнеат за стабилна, сигурна просперитетна, европска Република Македнија. 

Почитувани граѓани, Македонци, Албанци, Труци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и од другите етнички заедници, 

Не подлегнувајте на црните сценарија што ги прави власта на Никола Груевски! 
Во недела, на 17-ти мај, да излеземе гордо и достоинствено на натпартиски граѓански мирен протест и да покажеме што значи заедништво, што значи сериозност и одговорност, да покажеме како се сака Македонија со срце, да застанеме зад заедничка слободна, демократска, европска Република Македонија. Ќе имаме мирен, ненасилен протест, масовен, невиден досега. Не се испушта историската шанса да се учествува во мултиетнички и масовен граѓански протест во организација на невладините организации, здруженија и опозициските партии во Македонија.

Да не дозволиме, ова зло никогаш да се повтори. Продолжуваме...




 
Одговори на новинарски прашања
Медиуми: Во недела рековте дека очекувате масовен протест. Првото прашање ми е, дали протестот ќе заврши во недела, или само ќе почне во недела? И второто прашање, дали ќе успеете да обезбедите масовност, со оглед на тоа што се прават опструкции? Не можете практично, да ги донесете луѓето во Скопје?
 
Заев: Навистина се прават натчовечки напори, правно - формално заокружено со договори да се ангажираат автобусите, комбињата и сите други превозни средства во државата и тоа нема да нé спречи, што по инструкции на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, сопственици на превозни компании потпишале договор, ги зеле авансите и сега ги откажуваат договорите. Продолжуваме понатаму да бидеме упорни, бараме поддршка и од Меѓународната заедница на принципиелни основи да ги обезбедиме средствата. Во моментов преговараме и за возови, од одредени краишта, за да може да се пренесе целиот овој наш народ. Но, ако треба со камиони, со  трактори, со багери, народот ќе дојде на протестот.
Апелирам до Груевски и до високите претставници на власта да не го прават тоа. Не може да го спречат.
Во делот на организацијата на самиот протест, сакам да кажам неколку работи. Опозицијата прави сé за да протестите бидат ненасилни и мирни. Прво, апелирам до сите граѓани, со едно потсетување, нашите безбедносни служби минатиот викенд којшто е позади нас, тешкиот викенд низ којшто го помина Македонија, внимателно постапија, професионално до крај. Денеска веќе констатирано е дека нема цивилни жртви, а загинати се осум припадници на професионалните безбедносни служби. Обврска е на секој граѓанин, како што денеска и јас симнувам капа, со протести да дадеме поддршка на полициските сили во Македонија којшто ќе ги обезбедува државните институции.
Втора работа. Сите членови на Социјалдемократскиот Сојуз, добија задача, сугестија, со телефоните да сликаат, да снимаат, макар и чекор, за насилство на некој поединец. Очите 16 да ги отвориме за да не нé мести некој. Огромна бројка на млади луѓе ќе бидат тампон зона помеѓу полицијата и граѓаните што ќе протестираат. Ќе имаме европски пратеници коишто ќе зборуваат и не смееме да се обрукаме пред нив. Мора протестот да биде мирен. По сценарио ќе има зборување, нема да биде фронтално поставување на лицето на тие што протестираат наспроти нашите полицајци. Тоа се сите аргументации и секако и повеќе, за ненасилни и мирни протести. Истовремено, 4.600 самоиницијативно активисти, одлучија да предочат на СДСМ и опозицијата дека сакаат да останат да спијат и во континуитет да продолжи протестот. Согласно тоа, знаејќи дека не сме единствени учесници и поддржувачи на овој сенароден протест, овде се многу невладини организации, граѓански здруженија, многу политички субјекти, интелектуалци, поединци, граѓани, одлуката е, остануваме до крај. Додека Груевски не даде оставка. Ќе ги обезбедиме сите ресурси согласно нашите можности, и тоа продолжување биде мирно, ненасилно, со одредени содржини коишто ќе бидат точно за луѓето што ќе одлучат да останат во континуитет на самиот протест.

Медиуми: Ваш коментар за вчерашното интервју на Али Ахмети кадешто посочува дека тој преговарал со терористите во Куманово и за тоа бил информиран премиерот Груевски?
 
Заев: Јас ги немам сите докази. Како претседател на најголемата опозициска партија, логично ми стои било кој да се инволвира, ако терористите одлучиле безусловно да се предадат и притоа да бараат гаранции за некој да не ги убие при процесот на предавање. Има овде малку повеќе сомнителни работи коишто се спомнуваат и во интервјуто, а и пред тоа интервју. Ќе оставиме да покаже времето, а тоа време е неколку дена. Нема криење од вистината. Вистината е една и единствена и таа секогаш излегува.
 
 
Медиуми: Господине Заев, во тој контекст сакам да ве прашам. Денеска бевме во Куманово, дел од улиците каде што е лоцирана Општината, Судот и Полициската станица е блокирана и не смеат од тука да поминуваат возила. На терен се полициски возила, специјални сили кои го обезбедуваат просторот. Полицијата вели дека тоа го прави од превентивни мерки, други информации не излегуваат, меѓутоа, неофицијално се дознава дека се подготвува напад на полициската станица и тука во корелација се става лицето кое успеало да им побегне на полициските сили пред некое време кога го лоцираше оружјето. Ваш коментар за оваа ситуација?
 
Заев: Тоа што ние го знаеме се совпаѓа со изјавата што ја имате добиено од полициските служби. Пред сé за превентивни активности, евентуално, има активности заради лоцирање на тоа лице што побегнало на 10-ти, кога се притворале терористите. Даваме поддршка на полициските структури да си ја вршат работата, немаме намера да шпекулираме. Впрочем, тоа што и ние го знаеме, токму  така како што тие го објавуваат преку вас, медиумите до јавноста.
Медиуми: Кој од албанските партии и албанските организации очекувате да учествуваат на протестот?
 
Заев: Неколку политички субјекти од албанскиот блок во разговори со мене најавија нивно учество. Тие имаат свое право исто така да го обзнанат и да го објават, се надевам дека тоа ќе го сторат. Тоа се четири помали политички партии, односно четири партии и едно движење кое се обидува да земе примат во една политичка партија, но тоа е нивно право и нивна одлука. Граѓаните од сите етнички заедници, вклучително и втората по големина, албанската ,ќе биде овде. Убаво е да бидат политичари од албанската политичка гарнитура, така да, ги повикувам пред се граѓаните, ова е граѓански протест, не е мое да ги канам политичките партии, ние учествуваме на тој протест, сме партиципиенти, но сум прилично сигурен дека ќе има лидери и раководства на политички субјекти од албанскиот блок.
 
 
Медиуми: Господине Заев имајќи предвид што рековте на се што е спремна оваа власт да направи за да се одржи на власт, дали ќе има компромис или конфронтација?
 
Заев: Мислам дека компромис низ оставката на Никола Груевски ќе има многу брзо. Тоа ќе биде единствено можно решение. Немам конкретни докази за некои конфронтации освен оние коишто се во медиумите, но немам докази кои потврдуваат дека владини претставници испраќаат такви пораки во медиумите за таков вид на конфронтации. Исто така протестот којшто беше најавен во понеделникот, организиран од владејачката партија е некаква порака за конфронтација.  Се надевам дека овој протест нема да биде организиран во понеделник.
 
Медиуми: Тоа ако се случи се плашите ли дека може да има големи инциденти?
 
Заев: Ако власта е неодговорна ние сме одговорни и секако дека ќе направиме се да не се случи било каков инцидент, па дури и никаква провокација. Имаме план како тоа да го организираме согласно сите наши можности, ќе направиме се, ако власта одлучи да го прави тоа. Не гледам никакви логични причини да протестира, против кој, против опозицијата?! Ќе направиме сè да не дозволиме било какви конфтонтации.
 
Медиуми: По интервјуто со Али Ахмети пак ќе седнете да преговарате? Тој преку ден преговара со политичките лидери а навечер  со вооружените групи?
 
Заев: Секако и Уставот и нашите принципи докажуваат дека преговарање со терористи нема. Но хуманото право предвидува инволвирање на секој кој може да заштити живот, без разлика кој е. Ако е заради предавање на терористите безусловно, како што сме информирани, апсолутно имам разбирање, но ако е преговарање заради мрачни сценарија секако никој не смее, така и јас нема да имам разбирање. Но немам докази за ова второто.

 

петок, 15 мај 2015




СДСМ