НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 29 - Груевски се обидел да ја убие вистината за Мартин Нешковски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 05.05.2015

Почитувани граѓани, претставници на медиумите,

Преземавме обврската пред Вас, граѓаните на Република Македонија, да ја објавиме целата вистина за криминално владеење на Никола Груевски.

 

Искрено, внимателно и чесно го започнавме проектот којшто ја донесе вистината во Македонија. Не заради грдото лице на нелегитимната власт туку за иднината на Република Македонија, ова зло никогаш да не се повтори.

Јавноста дозна дека за Никола Груевски и неговите соработници нема ништо свето, нема ништо поважно, нема ништо позначајно од тоа по секоја цена да бидат на власт, којашто како крлежи, на нелегитимен начин ја имаат зграпчено.

Денеска јавноста ќе чуе уште една болна вистина, дека дури ни загубен човечки живот нема никакво значење за оваа нелегитимна власт којашто по секоја цена сака да избега од одговорноста.

Денеска, граѓаните ќе слушнат кој и зошто сакаше да ја убие вистината за згаснувањето на еден млад живот, животот на Мартин Нешковски.

Вистината е тешка, боли и пече. Но вистината е една и единствена и граѓаните мора да ја дознаат во целост.

За еден месец навршуваат четири години откако 21 годишниот Мартин Нешковски беше убиен од страна на полициски службеник, додека ВМРО-ДПМНЕ славеше на плоштадот во центарот на Скопје.

Смртта на младото момче, освен огромна тага и болка во неговото семејство, револт за полициската бруталност и заташкувањето на случајот отвори прашања коишто до денеска не се затворени.

Зошто МВР со денови молчеше и го прикриваше убиството?

Зошто одговорноста за убиството се сведе индивидуално, само на еден човек?

Зошто никој не понесе командна или политичка одговорност за згаснувањето на млад човечки живот?

Денеска јавноста ќе дознае се.

Од аудио доказите што ќе ги објавиме ќе се слушне признание од Сашо Мијалков дека убиството на Мартин Нешковски го извршил полицаецот Игор Спасов додека бил на должност, а не физичкото лице И.С.  Ќе се дознае дека за да избегне политичка и друга одговорност власта на Никола Груевски смислила и спровела план, зад превезот на барањето за индивидуална кривична одговорност на сторителот, да се прикрие инволвираноста и одговорноста во МВР. Затоа што се работи за полицаец кој делувал за време на службена должност.
Јавноста ќе ја слушне вистината за тоа каква е улогата на Никола Груевски во овој случај.

Почнуваме со сет од четири разговори.

Првите три разговори се само еден ден по настанот. Јавноста ќе слушне како за помошникот на Јанкулоска, Иво Котевски, новинарите што прашуваат за убиството на Нешковски се, какошто потценувачки ги нарекува „таленти“ и „идиоти“, дека за него целиот случај е „пуштен муабет“ кој „нема врска“. Јанкулоска и Котевски заклучуваат дека не треба да се одговара за овој случај еден ден по изборите, иако станува збор за убиство. „Денес е победнички“ вели Јанкулоска.

Ќе слушнете како првичните изјави на МВР за настанот немаат никаква врска со реалноста, со тоа што навистина се случило.

Јавноста ќе слушне како се барал начин медиумите блиски до власта да не објавуваат информации за убиството.

Да ги слушнеме овие четири разговори

 

Следува малку подолг сет од вкупно 9 разговори.

Во првиот разговор од овој сет, лично од устата на Сашо Мијалков јавноста ќе слушне потврда дека полицаецот Игор Спасов, припадник на Единицата за специјални задачи, бил на должност кога го извршил убиството. Како што вели Мијалков, по наредба за обезбедување како припадник на единицата. 

За Јанкуловска најважно било власта да си го тера, како што вели „она од вчера“. Мислејќи на режираното апсење на Љубе Бошковски.

Од разговорите коишто следуваат јавноста ќе слушнете уште една потврда дека прикривањето на вистината за убиството на Нешковски доаѓа од структури во МВР и обезбедувањето на Никола Груевски. Дејан Митровски Урко, обезбедување на Груевски, и признал на Јанкулоска дека два дена се прикривало убиството, за како што потврдува самата Јанкулоска, „да видат што да прават“.

За ова признание на Урко, Јанкуловска го известува Мартин Протугер, шеф на кабинет на Никола Груевски. Замислете, Протугер и Јанкулоска не биле загрижени ниту за прикривањето, ниту за загубениот живот, единствено им сметало тоа што темата била актуелна во медиумите.

Јавноста ќе дознае, директно од устата на Гордана Јанкуловска, дека Министерството за внатрешни работи тврдело дека наводно има признание од полицаецот Игор Спасов дека го извршил делото иако немало ниту службена белешка за тоа.

Дека дури и самата Јанкулоска се сомневала кој е вистинскиот извршител на делото.

Еден од разговорите, помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер, ќе открие и нов скандал. Јавноста ќе дознае дека во Министерството за внатрешни работи постои паралелна безбедносна структура раководена од обезбедувањето на Груевски.


По којзнае кој пат јавноста ќе го чуе лицемерието, дволичноста, неискреноста на најблиските соработници на Никола Груевски. Од една страна гласно говорат дека не може да се сокрие убиство, дека тоа не е човечко а од друга страна кројат и спроведуваат план за целата вистината никогаш да не се дознае.

„Фактичката состојба е дека бил на должност„. Ова се зборови на Гордана Јанкулоска, од позиција министер за внатрешни работи.

Власта на Груевски правела сè со единствена цел: прикривање на вистината за никој друг да не понесе одговорност. Се штител партискиот интерес, луѓето од обезбедувањето на Груевски, чиновници во МВР, се штитела Јанкуловска и најважно за нив, се штител Никола Груевски.

Слушнете ги овие разговори

Последниот разговор за денес разобличува сè.

Јавноста ќе дознае дека не само Гордана Јанкулоска, не само Мартин Протугер, Сашо Мијалков, Иво Котевски, туку и лично Никола Груевски знаел за убиството на Мартин Нешковски. Никола Груевски знаел кој го извршил убиството и кој го криел. Никола Груевски знаел дека структури од МВР и неговото обезбедување ја замајувале целата постапка, креирале информации и правеле неточни полициски записници за да не се дознае целосната вистината.

Никола Груевски, наместо како секој нормален човек со барем малку човечност во себе, да побара целосно расчистување на случајот, објавување на вистината и одговорност за сите инволвирани во криењето на настанот, се впуштил во заштита на неговите соработници за да си ја спаси сопствената кожа.

Никола Груевски ги излажа граѓаните, родителите, сите оние млади луѓе кои протестираа против полициската бруталност. За да си ја спаси сопствената кожа Никола Груевски е спремен на се.
Да почитувани граѓани. Никола Груевски се обидел да ја убие вистината за Мартин Нешковски!
Од последниот разговор за денеска јавноста ќе слушне како Никола Груевски диктира завршница на целиот случај: неговото обезбедување да нема никаква врска,  полицаецот Игор Спасов да се прогласи дека не бил службено присутен на настанот туку приватно, да се наведе дека Спасов приватно дејствувал а не како службено лице.

Никола Груевски како самиот да ја напишал и пресудата за полицаецот Игор Спасов.

Слушнете го последниот разговор за денес

Тоа е болната вистината за убиството на Мартин Нешковски.

Ете зошто МВР го криеше настанот. Ете зошто сета одговорност е сведена само на индивидуална, кривична одговорност. Ете зошто никој не понесе политичка одговорност.

Аудио доказите потврдуваат дека полицијата, преку полицаец за време на вршење на службена должност, е одговорна за убиството на Мартин Нешковски а не лицето Игор Спасов, наводно присутен на настанот приватно, како симпатизер.

Во право беа и родителите, и граѓаните, и сите оние млади луѓе коишто протестираа против полициската бруталност.
Одговорност мора да понесе првиот човек во МВР, Гордана Јанкулоска и сите вмешани во прикривањето на убиството како и оние кои знаеле за тоа а молчеле. Одговорност мора да понесе обезбедувањето на Груевски и лично Никола Груевски.

Дозволете да упатам и една порака до припадниците на полицијата и Министерството за внатрешни работи.

Не дозволувајте и Вие да бидете жртвени јагниња за Никола Груевски.
 
Не дозволувајте Никола Груевски да ја жртвува Република Македонија!

Ве повикувам заедно да се избориме за Македонија во која оние што се огрешиле ќе одговараат пред законот без разлика како се викаат и каде припаѓаат.

Ве повикувам заедно да се избориме за слобода и демократија!

Почитувани граѓани,

Ова зло да не дозволиме некогаш да се повтори.

Продолжуваме...

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев, бидејќи има повици за поширок опозициски фронт. Околу што би можело да се обедини тој фронт, како програма, како платформа, освен нели, околу тоа, да се смени власта на Никола Груевски?

Заев: Социјалдемократскиот Сојуз и опозиционите партии, почнаа еден ваков процес, ќе ве потсетам, уште есента, повикувајќи независни интелектуалци, граѓански здруженија, на приклучување кон цел-спас на Македонија и враќање во нормала. Ова се случува во континуитет и мене ми е драго што во овие моменти се градат граѓански здружувања помеѓу сите во Македонија, на основ на граѓански сојуз и граѓанска коалиција за заштита на достоинството на граѓаните и заштита на Уставот на Република Македонија. Секако, времето покажува пред нас дека имаме подготвеност од граѓаните, заедно да застанат во враќањето на слободата и демократијата во Македонија. А политичките партии се подготвени во делот на визуелизацијата на она што ќе се случува да ги тргнат од позадина и своите симболи. Секако, партиципативното учество ќе има. Значи, во Македонија станува сé поизвесно дека ќе се случи огромен сојуз и коалиција помеѓу граѓаните, не само партиите. Граѓаните се тие коишто ќе бидат двигател на финализацијата на процесот за враќање на слободата и демократијата во Македонија.

Медиуми: Господине Заев, премиерот најави дека он нема да дава оставка, туку дека ќе има измени во ешалони. Дали е тоа привремено решение за вас и кој е вашиот став за ова?

Заев: Знаете, една застарена и упропастена локомотива со вагони, кога ќе биде веќе неупотреблива, не ги менувате вагоните, тие се влечат по локомотивата. Локомотивата е таа што е застарена, лоша, упропастена, забегана. И таа е менлива. Рибата не смрди од опашката. Не случајно се овие поговорки од нашиот народ. Сите знаеме дека императивното поставување на Никола Груевски кон оние другите коишто се огрешиле пред законот, е поради него и заради него. И не може да правите промена заради тоа што можеби некој се изморил, тој колку се мачи, а никој не му бил благодарен. Ве потсетува ова сигурно на многу сценарија ширум светот, така да, и логично е тоа однесување. Она, што мора да го знаат граѓаните е дека Социјалдемократскиот Сојузе не случајно ја води на ваков внимателен начин целата оваа постапка, во делот на обелоденувањето на вистината за Македонија. Гледате како внимателно го водиме целиот овој процес. Притоа, нашата борба не е за власт. Нашата борба е за нормална земја да имаме сите. Да ја вратиме слободата и демократијата, правдата, правичноста, социјалната правда. Преку гаранти коишто ќе обезбедат нормални институции, да им се даде фер и демократско право на сите граѓани да одлучат кој тоа ќе ја добие честа во вакви тешки околности, на заглибана Македонија од секој аспект, да почне да ја враќа државата во нормала. Тоа е повеќе од јасно на сите. Како што реков, ова го правиме, не само да ја покажеме забеганоста на власта. Ова го правиме за да овозможиме да не се повтори никогаш повеќе во нашата земја.

Медиуми: Кое е вашето мислење за вчерашната изјава на Црвенковски дека некои чекори коишто ги презема СДСМ не ги анализираат доволно?

Заев: Знаете како, ова е демократска партија и ние се гордееме со тоа. Разноликоста на ставовите е присутна во партијата и многу често јавноста дебатирала за различните ставови. Тоа е богатството и убавината на мојата, на нашата партија, дебата постои. Можеби се навикнавме на диктат поставен во власта, а поставен и кај нашиот опонент ВМРО-ДПМНЕ. Но секако, пораките коишто излегуваат од сите страни, се пораки на единство и застанување заедно, сите сплотено кон враќање во нормала на нашата земја. И оттука, повикот не смее да биде само кон Бранко Црвенковски, тој е еден од сите нас, повикот е прво, кон сите граѓани, да застанат заедно. Апсолутно, очекувам секој којшто се чувствува и го боли СДСМ, да биде овде. Ама, сите граѓани. Ние сме малку и недоволно. Ова не е монополско право на СДСМ и на опозицијата да се бори за враќање на слободата и на демократијата. Ова е право и ова е должност на секој граѓанин да се вклучи. Затоа реков, ќе ги тргнеме позади нас партиските симболи и ние ќе бидеме партиципиенти. Нека бидат овде здруженија, граѓани, интелектуалци, синдикати, секој е добредојден. Немаме предрасуди и апсолутно, целта ни е на демократски начин, со прифатливи, модерни методи, на мирен начин, достоинствено, со чекорите на одговорни граѓани, да се направи масовен протест којшто сам по себе, од масовноста ќе значи сé. Истовремено и перформансите и сценаријата на тој протест којшто, повторувам, ќе биде мирен, ќе биде ненасилен, ќе биде внимателен, ќе испрати порака на поинаква Македонија. Заедно сите да се вклучиме во враќањето на слободата и демократијата.

Медиуми: Поранешни пратеници на СДСМ за „Мета“ изјавиле дека  најважно од сé е да се обединат граѓаните. Очекуваме и обединување на опозиција и обединување на партија. Со ова што го кажувате, претпоставувам дека се согласувате, дека најважно од сé е обединување на сите граѓани?

Заев: Го гледате Социјалдемократскиот Сојуз, ги гледате и другите од опозицијата и сите што не се согласуваат со власта. Сите овие години биле цел на прислушување. Отиде Заев да разговара со Груевски во неговиот кабинет. Со видео е снимено. И пак сме на преговори во Брисел. Направивме сé што е во функција на интересите на нашата земја. Тоа го правеше и Црвенковски кога ја водеше оваа партија, и Заев, и тоа е различноста помеѓу нас Социјалдемократите и ВМРО-ДПМНЕ. Сé што треба да се направи за оваа наша земја, ќе се направи. Но, во духот на социјалдемократијата и во духот на граѓанскиот аспект. Согласно тоа, немаме суети и немаме предрасуди, ги оставивме дома. Водиме искрена битка со наслов, Вистината За Македонија.  Знаеме и кажуваме, не сме доволни само ние, не сме ни првоповикани, ни последноповикани само од опозицијата, народот мора да се обедини доколку сака да си ја вратиме земјата во нормала. А после тоа ќе има проблеми, ќе има маки, но ќе водиме фер натпревар, исклучиво за интересите на нашата земја.
 
Медиуми: Премиерот Груевски упати порака за меѓупартиска соработка и неколку клучни прашања. Како ќе го коментирате тоа?

Заев: Локомотивата и вагоните? Рибата и главата? Ние може да се договориме со Груевски за преодна влада, за негово заминување. А никогаш не било дилема дали Социјалдемократскиот сојуз се залага за унапредување на работничките права, за повеќе работни места, за повеќе инвестиции. Кога тоа било дилема во општеството? Дали некогаш било дилема дека ние не поддржуваме и не се радуваме на добар меѓуетнички соживот во државата? Дали ние сме биле против иновациите. Па ние бевме патриоти заради охрабрување за името и барајќи заедно да застанеме, да ја поставиме нашата црвена линија, ама заедно, сите, по вакви важни прашања. За дел од овие теми, мора да има натпревар помеѓу опозицијата и власта, да се бориме. Со што да застанам зад Груевски? Спроти студентите? Спроти средношколците? На урнисано образование и заедно да поставиме линии? Не, овде мора да се натпреваруваме во квалитетни идеи за да го подобриме нашето образование. Тука нема заеднички ставови. Тоа е улогата на опозицијата, кој и да е, утре ќе биде ВМРО-ДПМНЕ улогата на опозицијата. Тие мора да бидат коректив за квалитетот да расте. Но, по прашањето за национален интерес, знаете како, за предавници бевме прогласен, оти баравме да изградиме заеднички консензус по прашањето за името и надевајќи се дека по тој пат полесно ќе ги отвориме вратите кон Европската унија и НАТО. Притоа кажувајќи  дека не боли исто сите, и македонштината, и нашиот идентитет, и нашата историја, и нашата посебност и нашата култура. Но така полесно ќе не разбереа оние со коишто преговараме и оние што ни помагаат.

Медиуми: Господине Заев сакам да ве прашам едно од вашите највпечатливи моменти од вашите бомби е онаа завршна реченица како ова никогаш повеќе да не ни се повтори. Како се наближува денот на протестот на 17-ти мај, дали де л од вашата стратегија е транспарентно издигнување со визија каква Македонија сакате вие да имаме.  Која е вашата визија за Македонија после падот на Груевски, во тој контекст би сакал да ви помогнам со неколку потпрашања па да го видиме вашиот став. За МРТВ, за парламентот да не биде само пион на владејачката партија, како ќе направите реформа партиите транспарентно да се финансираат, како планирате да го тргнете бизнисот од канџите на власта, дали планирате да забраните со Устав рекламирање на Владата во медиумите, што ќе правите со судството? И последно дали планирате да го намалите Буџетот со некоја ставка за да не може власта да биде најголем богаташ?

Заев: Ако денеска одговориме на овие прашања ќе го поклопиме многу важниот момент за една голема вистина, убиство на млад човек од 21 година, за којашто и до ден денеска е заинтересирана јавноста за вистината. СДСМ секогаш имала транспарентна програма, понуда којашто нуди многу повеќе од она што го нуди владејачката гарнитура сиве овие години. Во соодветен момент нашата платформа, којашто ќе даде одговор и на овие прашања  и на многу други важни прашања, ќе биде испорачана. Но, велам во соодветен момент. Важно е таа вистина за Мартин Нешковски да се пласира до сите во Македонија. Ако утре ја пласираме таа платформа, среда, јавноста ќе дебатира за предлозите на опозицијата и ќе остане вистината за Смилковското езеро, за Никола Младенов, ќе остане вистината за името. Така? Но во соодветен момент, понудата ние ќе ја испорачаме. Два месеци дебата има во СДСМ, досега. Тоа што е создадено како материја, се гордеам што оваа партија и партиите околу неа, изградија капацитет да понудат авангардни решенија. Решенија коишто ќе кажат како Македонија ќе биде нормална земја, коишто ќе покажат како ќе има слобода, како ќе има демократија, како ќе има транспарентност. Решенија коишто ќе понудат доколку СДСМ и оваа сегашна опозиција биде во иднина власт, ја добие таа чест, однапред ќе се развласти за да може да изградиме здраво општество. Доказ за тоа е оваа вистина, самата оваа вистина. Со сите докази само по себе се најсилна потврда дека ни во судство, ни во медиуми, ни во парламент, ни во слободите и правата на граѓаните, ниту во криминалите, ниту во финансии, не смее да се случи тоа што се случувало последните 9 години во нашата земја. 

 

вторник, 05 мај 2015




СДСМ